Спонзор на Борусија Дортмунд ќе и биде фабрика за оружје

Германскиот гигант Борусија Дортмунд која во сабота вечер против Реал Мадрид ќе игра во финалето на Лига на шампиони, потпишал договор за спонзорство со германската фабрика за производство на оружје Rheinmetall.

Договорот е потпишан на три години. Рајнметал е еден од најголемите производители на оружје во Европа и фабрика која праќа бројни оружја и муниција за Украина во војната против Руска Федерација.

Договорот со Борусија Дортмунд вреди меѓу 7 и 9 милиони евра годишно, а навивачите биле помалку збунети од тоа што нивниот сакан клуб ќе рекламира фабрика за оружје. Според договореното логото на Рајнметал ќе се гледа на многу билборди и други рекламни паноа ширум стадионот „Вестфален“ кој има капацитет од 83.000 места.

„Безбедноста и одбраната се елементарни столбови на нашата демократија, така што мислиме дека е права одлука да се види како ние ги штитиме овие столбови“, рекол извршниот директор на Борусија Дортмунд Ханс-Јоаким Ватцке.

„Борусија Дортмунд е клуб од срцето на Северна Рајна-Вестфалија кој што значи многу повеќе од кој било друг по одлични настапи и меѓународен успех“, кажал првиот човек на фабриката за оружје Армин Папергер.

Дел од 200.000 членови на клубот биле збунети од ваквото решение на управата. Во ноември 2022-ра година клубот смислил етички кодекс во кој се декларира како посветен на „друштво без расизам, антисемитизам, хомофобија, сексисам, насилство и дискриминација“.

Рајнметал е позната фабрика која и во Втората Светска војна произведувала оружје и муниција за потребите на нацистичка Германија.

Германски Кикер пишува, а Дојче Веле пренесува дека Борусија Дортмунд се консултирала со луѓе од германската политика, економија и цивилно општество како и со своите членови пред да го потпише договорот.

А германскиот министер за економија Роберт Хабек не пропуштил прилика уште еднаш да порача од Берлин дека „Во постојан контакт сме со компании како Рајнметал и ги охрабруваме да произведуваат повеќе муниција за поддршка на Украина. За жал мора да прифатиме дека живееме во заканувачки свет“, рекол тој.

30 мај 2024 - 15:14