Некаде на почетокот на јуни, во југоистокот на Шпанија, на стоперот на Виљареал, Ерик Баји му заѕвонел мобилниот додека бил во некој маркет.
Ни во сон не претпоставувал дека од другата страна ќе му се претстави Португалецот: „Добар ден Ерик, овде Жозе Мурињо. Како си?“. Баји, фудбалерот на Виљареал знаел дека летово го бараат Јунајтед, Барселона, Бенфика и Борусија Дортмунд, но не очекувал да му се јави стариот лисец Жозе.
„Еј, ми се јави Мурињо. Разговаравме на француски“, му рекол Баји на најдобриот другар и соиграч од времето во Еспањол, Жоан Жордан. -Беше неверојатно возбуден и ме праша: Како да кажам не кога еден Мурињо ми се јавува на мобилен?, се сеќава Жордан на тој јунски топол ден.
Како мајстор по психологија, Мурињо со Ерик зборувал на француски, мајчиниот јазик на стоперот од Брегот на Слонова Коска, и точно му посочил што ќе биде неговата улога во Манчестер Јунајтед.
Набрзо Баји стана првото засилување на новиот Јунајтед на Мурињо, кој го донесе стоперот за 30 милиони фунти само една недела откако го потврдија како нов тренер.
Иако има само 22 години, Баји на три од првите четири натпревари беше избран за играч на мечот, а во август го избраа за најдобар играч на месецот во Манчестер Јунајтед. И тоа покрај еден Златан Ибрахимовиќ и најскапиот фудбалер на светот, Пол Погба.
Навивачите ги сакаат и неговите чудни прослави на гол, како онаа против Хал Сити:
„Луѓе, тој лета! Одлично засилување е. Сите не изненади. Верувајте дека воопшто не е лесно кога ќе стигнеш во Англија, но тој е физички и ментално јак, технички сјаен“, изјави голманот Давид Де Хеа.
Од таму чуди податокот дека Ерик Баји, снажниот стопер од Африка фудбал 11 на 11 почнал да игра пред само четири години.
Баји е роден близу Абиџан, главниот град на Брегот на Слоновата Коска, а фудбал играл само на улиците по завршувањето на часовите. Школувањето го прекинал на 14 години за да можел да работи на телефонска говоринца од каде ги вадел ситните парички кои се уфрлаат внатре за повик.
Заработувал ситно, но доволно секое лето да се ашка по разните клубови во земјата. Во оваа африканска земја има многу екипи, така што тој секој трет ден одел во различен клуб на проба.
„Ерик никогаш не гладуваше како што гладуваат многу деца во Африка. Татко му работеше како наставник, а мајка му во бутик. Верувајте дека во нашите подрачја луѓето и не јадат многу. Тој имаше минимални, скромни услови и поради тоа денес е така скромен“, вели за Дејли Мејл извор близок до семејството на Баји.
Како стигнал до Европа?
„Видовме прилика за него, затоа што Африка има одлични играчи и скаутиравме млади таленти од дури осум земји. Се сеќавам дека Ерик првпат го видов во Абиџан во 2009. година. Играше за мал клуб, едвај имаа стадионче. Условите им беа никакви и едвај се собираа 11 души за да направат тим. Тренерот имаше само една топка и неколку различни вида на тренинзи“, се сеќава Давид Комамала, скаут за шпанска агенција која има свои луѓе во Африка.
Ерик Баји имал бил слаб по конституција, но покажувал голем талент.
„Беше многу слаб по градба, но од првиот момент се виде деа е брз, храбар, талентиран. Имаше фудбалска интелегенција. Знаеше нешта што ретко кое дете во Африка ги знае. Следниот пат кога дојдовме, преговарав со неговиот клуб и со уште 40-50 деца го однесовме во Буркина Фасо на тренинг камп. Таму беа Севиља, Еспањол, Барселона, Борусија Менхенгладбах и Јувентус, а Ерик се докажа пред сите нив. Јуве го сакаше веднаш, но имаа ограничени места за играчи надвор од ЕУ, така што Еспањол го улови Баји“, додава Комамала.
После три месеци преговори меѓу агенцијата и клубот од Брегот на Слоновата Коска, Ерик потпишал а неговиот клуб добил 20.000 долари.
Во Шпанија Ерик тешко се адаптирал. На почетокот бил сам, не знаел јазик, немал пари и бил без родителите. Најтешко му паднало кога дознал дека цели две години нема да може да игра поради проблеми со документацијата и прописите за луѓе надвор од ЕУ.
„Беше многу тешко. Дојде сам, без неговите, без пари и не зборуваше шпански. Ми беше како брат и многу време поминуваше кај мене со моите родители. Се грижевме да има се што му треба“, вели Жордан, цимерот на Баји од Еспањол.
Од агенцијата тврдат дека му давале пари затоа што тогаш уште не земал плата, а пресвртот во кариерата го снашол пред две години.
„Ни требаше четврти одбранбен играч позади, а тој беше толку добар што сите напаѓачи бегаа од него. Сите ме прашуваа дали може да играат против некој друг стопер, само со него да не влегуваат во дуел“, вели Серхио Гонзалес, тренер на Еспањол Б кој го префрлил во првиот состав.
На почетокот на септември 2014. година, дебитирал за Еспањол во триумфот против Реал Сосиедад и одиграл добар меч.
„Трет натпревар и веднаш Барселона. Водевме 1:0 на полувремето а Меси буквално не се виде. На крајот загубивме, но тогаш сфатив колку ни е потребен Баји. За жал во Африка тој немал никакви тактички тренинзи, така што мораше да учи кога да излезе понапред, да постави линија, да направи офсајд замка. Му покажував примери од Рамос и Пике а тој остануваше после тренинзите за да напредува“, вели Гонзалес.
Од првата голема заработка, Баји на родителите во татковината им купил нова куќа, а наскоро добил и повик да дебитира за Брегот на Слоновата Коска со која го освои Африканскиот Куп на нации.
Баји воодушеви и со настапот против најдобриот фудбалер на денешницата според ФИФА.
„Игравме против Реал и имавме голем број повредени играчи. Го ставив да игра десен бек за да го чува Кристијано Роналдо и победивме 1:0. Без никакво знаење на таа позиција, тој го запре Роналдо. Неверојатен е. Не се сомневам дека ќе биде еден од петте најдобри дефанзивци на светот“, гарантира за Баји неговиот поранешен тренер во Виљареал, Марселино.
Баји во Манчестер за сега живее во хотел, но бара куќа со сопругата Ванеса со која се оженил летово. Неа ја запознал кога влегла да врти од телефонската говорница во која Ерик работел пред неколку години.