Со 16 години стана рекордер, со 17 веќе решета за Барселона

Навивачите на Барселона поминаа низ бурно лето, па никој не знаеше каков однос ќе има Меси после турбулентните месеци, каков ќе биде нападот без Суарез, ќе седи ли Куман на клупа во првото коло против Виљараел кој го води Унаи Емери итн.

Лекот за навивачите на Барса беше 17-годишниот Ансу Фати, чудото од дете кое за само 19 минути постигна 2 гола на асистенции на Алба и Кутињо, а во 35’ минута заработи пенал кога Марио Гаспар направи прекршок над него.

Ансу Фати лани блесна на голема сцена но се уште беше дел од младинскиот тим на Барселона. Од 23 септември годинава и официјално е првотимец. Од синоќа најверојатно и стандарден.

Експлозивниот шпиц на Барса го доби бројот 22 кој се ослободи со заминувањето на Артуро Видал во Интер.

Благодарение на Фати, Роналд Куман дебитираше со триумф од 4:0. Ансу беше играч на мечот со 2 гола од 2 шута. Тој е најмладиот играч во Топ5 европските лиги кој има 10+ гол од почетокот на минатата сезона досега.

На последните 9 меча за клуб и репрезентацијата на Шпанија, Фати постигнал 7 гола од 9 шута а заработил и 2 пенали. Затоа не чуди што Куман синоќа многу срдечно и топло му ги честиташе головите крај аут линијата.

„Фати е млад талент а ние треба да му помогнеме да најде стабилност. Вечерва уште еднаш покажа дека има голема и светла иднина“, изјавил Куман, презадоволен што дебитираше со голема победа.

Во август покрај очајот за Меси, навивачите на Барса се плашеа да не останат и без Ансу. Овој талентиран млад фудбалер решил да го смени менаџерот, па наместо Родриго Меси (роден брат на Лионел) потпишал договор со Жорже Мендеш, најголемиот светски фудбалски агент. Интересно, неколку дена пред почетокот на сезоната Жорже Мендеш на Барселона и покажал понуда од Манчестер Јунајтед за Фати вредна 150 милиони евра и уште 25 милиони во вид на бонуси (Јунајтед наводно бил спремен да плати толку).

Претседателот Бартомеу ја одбил оваа понуда и рекол дека Ансумане Фати не е на продажба.

Чудно, синоќа за најдобар играч на мечот беше прогласен Жорди Алба, но се испостави дека спонзорот кој ја доделува оваа награда во шпанската Ла Лига е светскиот пиварски бренд Budweiser па според законите, Фати како малолетник (има само 17 години), не смеел да рекламира алкохолни пијалаци.

Полнолетен Фати ќе стане на 31 октомври.

НЕВЕРОЈАТНИ РЕКОРДНИ ЗА 1 ГОДИНА

Рекордите веќе не им се припишуваат само на Меси, Роналдо и Левандовски. Тука е Ансуане.

25 август 2019 - Ансу Фати стана најмладиот играч на Барселона од 1941 година со 16 години и 298 денови.

31 август 2019 - Фати го постигна првиот гол за Барселона и стана најмладиот стрелец на гол за Каталонците во Ла Лига (трет во историјата на шпанското првенство). Во тој момент имаше 16 години и 304 дена.

14 септември 2019 - Младиот бисер даде нов погодок и имаше асистенција на меч против Валенсија. И одново рекорд: ниту еден играч во историјата на толку млади години немал гол+асистенција во Ла Лига.

17 септември 2019 - Фати дебитираше во Лига на шампиони. Претходно во елитата најмлад дебитант беше Бојан Кркиќ а Ансу му го урна рекордот. Со 16 години и 321 дебитираше во ЛШ.

10 декември 2019 - младиот центарфор постигна победнички гол против Интер сред Милано. Претпоставувате? Стана најмлад стрелец на гол во историјата на Лига на шампиони со само 17 години и 40 дена.

2 февруари 2020 - два гола против Леванте. Стана најмлад стрелец на 2 погодоци во историјата на Ла Лига.

5 јули 2020 - голот против Виљареал беше 9.000 гол во историјата на Барселона. Не е рекорд, но е интересно достигнување и совпаѓање.

9 јули 2020 - Ансу доби црвен картон за груб фаул против Еспањол во градското дерби. Но тоа не беше рекорд зошто во Барселона претходно играл Марк Муњес кој добил црвен картон кога бил дури 200 дена помал од Фати.

3 септември 2020 - Вундеркиндот стана вториот најмлад репрезентативец на Шпанија. Помлад во историјата бил само Анастасио Окариз кој дебитирал со 15 години против Италија во 1982 година (1:7 за Аѕурите на тој меч).

6 септември 2020 - Ансу Фати стана најмладиот стрелец на гол во историјата на репрезентацијата на Шпанија.