Слушнавте ли за студентите од Велс што ќе играат квалификации за Лига Европа

Најголемо изненадување на сезоната се сметаше Ајакс, но од пред неколку дена малиот Кардиф Мет Универзитет од Велс од нигде никаде му го зема приматот на славниот клуб од Амстердам.

Кардиф Мет Универзитетот е клуб кој му припаѓа на Универзитетот Кардиф Метрополитан на кој постојат катедри за дизајн, спортски менаџмент и наука за здрава исхрана. Таму студираат околу 11.000 студенти.

За клубот Кардиф Мет играат само оние кои студираат или студирале на универзитетот: актуелни студенти, лектори и тренери. Мнозинството играчи се Велшани, има по некој Англичанец и еден Финец. Просечната возраст им е 21-22 години.

Фудбалерите на Кардиф Мет Универзитет се нарекуваат себе полу-професионалци и тренираат на терените на универзитетот само два пати неделно: во понеделник и четврток.

„Во прв ред ние овде учиме. Јас студирам „Спорт и физичко воспитување“. Професорите знаат за клубот и прашуваа за отсуствата но сè додека не станавме важни и познати“ се смее Дилан Риз, десниот бек на Кардиф Мет.

„Сите играчи се одлични студенти, многу работат и не забораваат на учењето. Девет играчи имаат степен магистер, други спремаат докторати. Воглавном студираме тренерство, спортска психологија и аналитика. Имаме разни играчи. Пример Џоел Едвардс пред две години играше за Херефорд на „Вембли“ во финалето на Купот за клубовите од 9-та до 11-та дивизија. Емлин Луис е најмрзливиот човек на планетата. Тој летно време подработува како одгледувач на овци“, раскажува напаѓачот Елиот Еванс.

Клубот Кардиф Мет Универзитет постои од 1964 година. Играл во пониските лиги и го менувал името. Актуелното име го носи од 2000-та година.

Екипата игра на стадионче кое собира 1.620 гледачи и никогаш не се наполнило. Обично доаѓаат по 300 гледачи или четвртина од капацитетот.

Пред три години Кардиф Мет Универзитет првпат во историјата стигнал до Премиер лигата на Велс. Никогаш не бил шампион, но три пати го освојувал Лига Купот на Велс, последен пат сезонава, на 19 мај.

ПРВПАТ ВО ИСТОРИЈАТА СТУДЕНТИ ЌЕ ИГРААТ ВО ЕВРОКУП

После зимската пауза, сите 12 клубови од првенството на Велс се делат на две „шесторки“: Кардиф Мет Универзитетот завршил на крајот на седмото место на финалната табела, а потоа победил во плејофот за квалификации за Лига Европа.

Во финалето Кардиф Мет на гости го победил Бала Таун кој до годинава цели пет сезони по ред стигнуваше до квалификации за еврокупови. На стадионот имало 623 гледачи. Мечот завршил 1:1 па после продолженија се отишло на пенали и Кардиф Мет славел 3:1.

 

После победничкиот пенал на шпицот Елиот Еванс, главниот тренер на Кардиф Мет, Кристијан Едвардс се фрлал по теренот и го гушкал помошникот. Едвардс на времето играл за Свонси, Нотингем Форест и Бристол Роверс.

Во Кардиф Мет тој не само што ги тренира студентите, туку и им пренесува знаење за тренерската струка.

Играчите во големото славје отишле кај десетината навивачи кои допатувале 220 километри да ги следат своите колеги. Сите урлале од среќа. Коментаторот во преносот викал на велшки јазик за кој во Англија велат дека кога Арон Рамзи твита на велшки мислат дека е пијан.

„Неколку години се боревме за ова а сега за нас зборуваат BT Sport и BBC. Секако дека лудо славевме. Пиевме во Бала каде се играше мечот, а потоа отидовме во паб. Само на универзитетот не сме многу познати. Дечките знаат за нас но само онака нè поздравуваа и прашуваа што сме направиле“, раскажува Дилан Риз.

„Голем момент! Не многу професионални фудбалери стигнуваат до еврокупови. Прославивме со многу количество алкохол. Со автобусот се вративме во Кардиф и отидовме во пабот на таткото на нашиот играч Вил Еванс и таму останавме неколку часа“, вели тренерот кој го направил најголемиот успех во историјата на Мет Кардиф.

ГОЛМАНОТ КОЈ ОДБРАНИЛ ТРИ ПЕНАЛИ ПОЧНАЛ ОД ЧЕТВРТА ЛИГА

„Не одбранив ниеден пенал во последните пет години, но затоа фатив три во најважниот момент. Инаку аналитичарите во клубот ни спремаат слика за противникот, така што јас ги гледав сите пенали на Бала Таун сезонава и научив како шутираат нивните играчи. А пред мечот си ставив ливче на кое напишав кај шутираат и го ставив до шишенцето со вода“, вели Вил Фулер, голманот јунак.

 Голманот Фулер е магистер по спортска психологија, работи во болница и никогаш не бил професионален фудбалер. На осум години тренирал во Кардиф.

Почнал од четвртата лига по ред на Велс а сега ќе игра во Лига Европа.

КАКВО Е ПРВЕНСТВОТО НА ВЕЛС БЕЗ КАРДИФ И СВОНСИ КОИ СЕ ВО АНГЛИСКИОТ СИСТЕМ?

Кардиф Сити сезонава испадна од елитната англиска Премиер лига во Чемпионшип. Свонси не бил во Премиер неколку години. Во англискиот фудбалски систем играат уште Врексам (петта лига) и Њупорт Каунти (четврта англиска дивизија). Тие отсекогаш ирале во Англија.

До 1992 година првенството на Велс не постоело и сите клубови играле во англискиот систем, но откако се основала велшка лига, сите екипи освен четирите најголеми и најпознати, се вратиле дома.

Првенството на Велс тешко може да се дефинира и полу-професионално. На рејтингот на УЕФА оваа лига го зазема 48. место, односно послабо од Луксембург, Ерменија, Малта и Естонија.

Врв во квалификациите за еврокупови на велшките екипи им е втората рунда во квалификации за ЛШ и трета за Лига Европа.  Интересно е што студентите од клубот Мет Кардиф не заработуваат ништо, туку играат од љубов.

Авторот на златниот гол од пенал Еванс вели: „Да, нам не ни плаќаат ништо, а клубот не плаќа ниту за нови играчи. Некои луѓе помагаат финансиски да се купат учебници за студии но тоа се незначителни суми. Клубот не ни дава пари, а ние играме со цел утре да посетуваме тренерски курс. Премии за Лига Европа ќе има, но уште не сме зборувале со тренерот за тоа“.

ЛИГА ЕВРОПА И КАКО ПОНАТАМУ?

Пласманот во квалификации за Лига Европа ќе му донесе на Мет Кардиф 220.000 евра премија од УЕФА. Летово ги чекаат натпревари од квалификации па затоа тренинзите ќе ги продолжат до 3 јуни. Херојот на пенал-серијата Еванс вели дека ќе оди на одмор во Дубаи.

„Знаеме дека ќе биде тешко, но се спремаме. Моја желба е да играм против мојот омилен Манчестер Јунајтед. Сите треба да имаме желби, нели?“

Кардиф Мет ќе го дознае својот противник во Лига Европа на 11 јуни за кога е закажана ждрепката за првото коло. Таму ќе добијат клуб од: Косово, Северна Ирска, Сан Марино, Луксембург, Андора, Гибралтар или Фарски Острови.  Ако направат подвиг и ја поминат оваа рунда, после може да налетаат на големиот Глазгов Ренџерс или Вулверхемптон.

А ние веќе знаеме за кого ќе навивате на почетокот на ова лето во еврокуповите.