За време на шест годишниот престој во Челси од 2004-та до 2010 година Рикардо Карваљо освои 10 трофеи. Португалецот се издвојува во воздушните дуели, техничката подготвеност и интуицијата. Мурињо му даде шанса и на Бернабеу каде стартуваше добро, но потоа местото мораше да му го отстапи на Рамос. Карваљо сега настапува за Монако и има 36 години.
Откако Клаудио Пизаро од Вердер замина во Баерн Минхен често пати ја грееше клупата. Најпрво поради Лука Тони, а потоа му беше замена на Манџукиќ. Перуанецот заигра и во Челси, а потоа повторно ја направи истата релација Вердер па Баерн во 2012 година. Неговиот придонес беше доста значаен бидејќи партиципираше со 24 голови на 64 меча. Во моментов тој е најдобриот стрелец во историјата на Бундеслигата со 176 голови.
Никогаш не доби шанса да го облече дресот на Италија, но затоа на клупски план нема право многу да се жали. Кристијан Абијати има над 350 настапи за Милан, титула во Лигата на шампионите и три Скудета. Играше во друштво на Кака, Малдини, Ибрахимовиќ и многу други славни имиња, а сезонава на клупа го потисна и засилувањето од Реал Мадрид, Диего Лопез. На Милан не му оди воопшто последните две сезони, па за очекување е Абијати на 37 години да се повлече по крајот на оваа сезона.
Кога пред две години, Манчестер Јунајтед ја славеше титула во Премиер лигата, а Сер Алекс Фергусон се прости од тренерската клупа, немаше да биде чудно копачките на клинец да ги закачи и Рио Фердинанд. 36 годишниот командант од одбраната освои 6 првенствени титули, а има 80 настапи за репрезентацијата на Англија. Неговата одлука беше да остане уште една година на „Олд Трафорд“, а потоа направи трансфер во КПР.
И покрај тоа ја има истата возраст како Фердинанд, а игра во напад Дидие Дрогба ја одржува формата. Но со оглед на тоа што во кариерата има постигнато вкупно 327 голови на сите натпреварувања и има освоено 3 титули во Премиер лигата, 4 во ФА купот и една во Лигата на шампионите, може слободно да се одмори од фудбал. Поранешниот репрезентативец се радуваше како мало дете кога деновиве Брегот на Слоновата Коска стана шампион на Африка.
Фудбалска легенда е и Мирослав Клосе на кој минатата година му се исполнија најголемите желби во кариерата. Стана најдобар стрелец за германската репрезентација со 71 гол, го освои Мундијалот во Бразил, но успеа да го мине и вечниот стрелец на светските првенства, Роналдо постигнувајќи 16 голови. Клосе има и богата клупска кариера во Бундеслигата, а на 36 години сè уште не се дава и го предвои нападот на Лацио.
На „Камп Ноу“ пристигна на 11 години и освои вкупно 27 трофеи од кои 3 во ЛШ и 7 во Примера, а со Шпанија стана Светски првак, а два пати го освои Европското првенство. Ова е повеќе од доволно за Чави да биде горд на тоа што му успеало во кариерата и на 35 години да му каже крај на фудбалот. Го сметаат за еден од најдобрите фудбалери во светот од средниот ред, кој за Барселона има остварено 180 асистенции, на повеќе од 50 колеги. Три пати се наоѓа во топ 3 играчи во светот според ФИФА и доколку на крајот од оваа сезона не се закачи за некоја примамлива понуда од Азија или САД, многу е веројатно дека ќе се пензионира. Сезонава има само еден гол и 4 асистенции, а стартната позиција ја губи поради Ракитиќ.
Кога на крајот од минатата сезона на последниот негов меч постигна хет–трик, тоа беше еден вид негово простување во фудбалот во голем стил, кое и самиот го најави. Но љубовта и респектот кои го опкружуваат од навивачите на Удинезе, не му дозволуваа да си замине. Антонио Ди Натале одлучи да остане и оваа сезона во која до сега му помогна на клубот со 8 голови и 4 асистенции. Тој нема ниту еден трофеј во кариерата, но во Удине го сметаат за Бог, а од 2004 година до сега има постигнато 217 голови.
Спротивно на него, Роналдињо освои сè во кариерата, а тоа се првенствени титули во Шпанија и Италија, Лига на шампиони, Копа Либертадорес, Копа Америка, Светско првенство и Златна топка. Тој е најмлад на оваа листа со 34 години, но откако ги освои Европа и Јужна Америка, способностите со топката им ги покажува на Мексиканците. Без него фудбалот дефинитивно ќе биде посиромашен, бидејќи тешко ќе се најде негова замена.
Од година во година, прашањето за Франчесто Тоти е кога на човеков ќе му падне формата? Тој е најстар во ова друштво со 38 години, но игра како да има 28. Во Рома е од 1989 година кога и се приклучи на фудбалската академија, а тоа е 26 години верност кон еден клуб. Во 2001 година го освои Скудетото, а во 2006 со Италија стана светски шампион. Во септември оваа сезона Тоти стана најстариот стрелец во Лигата на шампионите, а за Рома има скор од 296 голови и 186 асистенции.