Се вика Родри Ернандез и важи за голем грб на одбраната на Атлетико Мадрид. Нешто како Серхио Бускетц во Барселона. Родри е толку скромен на и надвор од теренот, што ретко кој би можел да се сети на неговиот лик, како што би се сетил на многу негови соиграчи.
Фудбалерот кого Атлетико пред неколку години го сметал за недоволно физички подготвен да одговори на барањата, веројатно е најскромниот играч во професионалниот фудбал. Родри, верувале или не, нема профил на друштвените мрежи, ниту го интересира Инстаграм и таква популарност.
За овој 22-годишен шпански репрезентативец Пеп Гвардиола и Манчестер Сити решија да потрошат 62,6 милиони фунти со цел да ја активираат клаузулата и да направат нов клупски рекорд.
Самиот во изјава за шпанските медиуми вели дека никогаш не помислил да се тетовира и дека ништо не му значи тоа да има скап автомобил. Овие зборови ги потврдува и неговиот најдобар пријател Валентин Хенарехо за Marca.
Родри со платата која што ја земал во Виљареал претходно и во Атлетико Мадрид сега, можел да бира кај сака во кој луксзен стан да се пресели, но тој решил да остане во студентскиот кампус на Универзитетот Кастељон во источна Шпанија.
„Луѓето беа шокирани кога ќе го видеа Родри кој пред неколку дена играл против Реал или Барселона, да живее во студентски дом. Но после неколку дена откако ќе го запознаете, сфаќате колку е нормален дечко. Некако на почеток беше чудно да го гледаш како игра пинг-понг со студентите или мие садови“, вели другар му и цимер Хенарехо.
Додека сите негови соиграчи возат бесни Ферариња, Поршиња или Бентлија, Родри решил да купи половна Опел Корса од некоја постара жена која што „ја возела само до пазар“, пишува The Sun.
„До неодамна возеше Опел Корса, купена половно од постара жена кога тој положи за возачка. Го советуваа да купи поскапа и поубава кола поради негова безбедност на пат од Мадрид до Кастељон, но тој викаше дека не разбира зошто би потрошил толку пари на кола. Еднаш ми рече дека неговите другари од клуб биле толку луди што даваат толку пари за нешто што е само превозно средство од точка А до точка Б“, раскажува цимерот на Родри.
„Кога потпиша со Атлетико, еднаш се врати од меч против Барселона и ми кажа дека Марка објавила за неговиот трансфер. Додека ја загревавме пицата која му ја дале после мечот, просто не ми се веруваше дека потпишал за Атлетико. Живееше ден-за-ден, иако секогаш имаше високи цели. Кога живеевме заедно, фудбалот му беше на второ место. Велеше дека фамилијата е најважна во неговиот живот“.
Високиот Родри (191см) кој игра во средниот ред, пред одбраната, дипломирал на Бизнис и Економија. Никогаш не пропуштил предавање поради тренинг. Иако можел да си приушти стан во Мадрид каде што е роден (1996 година - има 22), тој решил да живее студентски, цимерски живот во источна Шпанија.
Родри кариерата ја почнал во 2006 година во нисколигашот Рајо Махадахонда. Во 2007 доаѓа во академијата на Атлетико Мадрид на 11 години, но после само една сезона го пуштаат од клубот поради „недостиг на физичка снага“. Родри набрзо потпишува за Виљареал каде на 15 години го има дебито за Б резервниот тим.
На 17 декември 2015-та дебитира за првиот тим на „Жолтата подморница“ во победата од 2-0 дома против Уеска.
Атлетико Мадрид на 24 мај 2018-та ја признава грешката со 25 милиони евра колку што му плаќа на Виљареал за детето кое го имале во младинската школа.
Родри ги поминал сите младински категории на репрезентацијата на Шпанија, а дебито за сениорите го имаше на 16 март 2018 на пријателските против Германија и Аргентина. Пеп Гвардиола во Сити го планира како замена за ветеранот Фернандињо (34) кој скоро ќе си оди од „Етихад“. Родри Ернандез во Премиер лигата ќе се најде со Нголо Канте, а Французинот ќе може да сподели совети за скромност со Шпанецот.