Сјајно деби на Душан Влаховиќ, Јувентус со поволен резултат се враќа во Торино

Најскапото зимско засилување за кое Јуве одвои астрономска сума, вечерва на гости на стадионот „Де ла Керамика“ даде гол после само 32 секунди игра и стана еден од рекордерите со најбрз дебитантски гол во Лига на шампиони. Виљареал успеа да израмни до крајот, а Челси со 2:0 рутински го совлада Лил.

ВИЉАРЕАЛ - ЈУВЕНТУС 1:1 (0:1)
/Парехо 66' - Влаховиќ 1'/

Ѕвезда на вечерта во Лига на шампиони е Душан Влаховиќ, српскиот репрезентативец кој за првпат во кариерата заигра во елитното друштво и после само 32 секунди ја затресе мрежата на одличниот Виљареал.

Ова беше втор гол на петти меч за Влаховиќ откако дојде во Јуве:

Влаховиќ го надмина рекордот на Андреас Мелер од Борусија Дортмунд за еден од најбрзите дебитантски голови во Лига на шампиони постигнат уште во 1995-та година.

Во 2015-та Украинецот Евгениј Конопљанка на мечот Севиља - Борусија Менхенгладбах постигна гол само 19 секунди по влегување во игра од клупата за резерви и со тоа е рекордер меѓу дебитантите.

Инаку најбрзиот гол воопшто во ЛШ го постигна Рој Макај за Баерн Минхен после само 10,1 секунди игра против Реал Мадрид во 2007-ма година.

Тренерот Алегри кој на Јуве му донесе две финалиња на ЛШ и неколку скудета во Серија А реши пред време да се повлече, Мората и Влаховиќ останаа отсечени во нападот, а Виљареал тоа го казни преку Дани Парехо во 66' минута со прекрасен гол.

Ова беше трето реми на Јувентус по ред откако претходно одигра нерешено со Аталанта 1:1 и Торино 1:1 во Серија А. На бјанконерите им претстои голема битка за пласман во Лига на шампиони следната сезона.

ЧЕЛСИ - ЛИЛ 2:0 (1:0)
/Хаверц 8', Пулишиќ 63'/

Пред реваншот во Франција на 16 март, сините од Лондон стекнаа убава предност од два гола. Иако гостите од Лил имаа повеќе шутеви кон противничкиот гол, домашниот состав беше попрецизен вечерва и со два гола на Хаверц и Пулишиќ се наоѓа на чекор од пласман во следна фаза.

Ова беше шеста победа во серија за Челси во сите натпреварувања! Претходно славеа: против Тотенхем 2:0 во Премиер лига, против Плимут 2:1 во ФА Купот, 1:0 против Ал Хилал на Светско клупско првенство, 2:1 против Палмеирас во финале на истиот турнир за светска титула, 1:0 против Кристал Палас во Премиер лига и 2:0 против Лил вечерва во ЛШ.

22 февруари 2022 - 22:54