Сите полуфинални вечери на Старата дама

Во последните 20 години, Бјанконерите пет пати играа во полуфиналето на Лигата на шампионите. Во сеќавање останаа дуелите со Реал Мадрид и Ајакс, а незаборавен е и болниот пораз од Јунајтед во сезоната 1998/99.

Првото полуфинале во последните две децении Јувентус го играше во сезоната 1995/1996, а последното во 2002/2003. Билансот е четири пласмани во големото финале и една елиминација.
 
Последното финале во ЛШ, Јувентус го осигура по големиот триумф над Реал Мадрид пред 12 години. Првиот натпревар во Шпанија заврши 2-1 за Кралевите. Головите ги постигнаа Роналдо и Роберто Карлос за Реал, а Давид Трезеге за Јуве. Во реваншот, во Торино Бјанконерите ги прегазија Галактикос со 3-1. Вечерта ја одбележија Трезеге, Дел Пјеро и Недвед со ефектни голови.
 
Сезона 2002/2003, Јувентус - Реал Мадрид

Џиџи одбрани пенал на 2:0 за Јуве, а Недвед ја искина мрежата на Касиљас за ерупција на Деле Алпи:

Сезона 1998/1999, Јувентус - Ман. Јунајтед

Јуве не помина против Манчестер Јунајтед иако на два пати имаше активен резултат. На Олд Трафорд, црно-белите поведоа со голот на Антонио Конте, а Гигс израмни во судиското продолжение.
 
Во реваншот права драма. Со двата гола на Пипо Инзаги, торинскиот клуб водеше 2-0 и сите го видоа Јуве во финалето. Сепак следуваше студен туш и Јунајтед направи целосен пресврт 2-3 со головите на Рој Кин, Двајт Јорк и Енди Кол.
 
Нападот на Јувентус го предводеа Инзаги и Ален Бокшиќ

Сезона 1997/1998, Јувентус - Монако

Најлесно Јувентус помина во полуфиналето против Монако. Во Торино заврши 4-1, а во Кнежевството Монако славеше 3-2. Старата дама се пласираше во финалето каде загуби од Реал Мадрид во Амстердам.

Сезона 1996-1997, Јувентус - Ајакс

Со леснотија Јуве го елиминираше и Ајакс во полуфиналето на ЛШ во 1997. година. Предводени од Зидан, „Зебрите“ триумфираа 2-1 во Холандија и 4-1 во Италија. Купот сепак во финалето им го зема Борусија Дортмунд во Минхен.

Дидие Дешамп беше еден од главните адути на Јувентус на тој двомеч:

Сезона 1995-1996, Јувентус - Нант

Годината кога Јуве ја освои Европа. Во полуфиналето им се падна францускиот Нант. На домашен терен, Јувентус победи 2-0, а во реваншот беше 3-2 за Французите. Избраниците на Марчело Липи се пласираа во финалето каде го победија Ајакс на пенали.

Џанлука Виали и Владимир Југовиќ го водеа Јувентус до врвот на Европа: