
Премиер лига, 3 кола до крај (за повеќето клубови)
Во Англија интрига има на секој дел од табелата. Во шампионската трка се Ливерпул и Манчестер Сити но по ремито на мерсисајдците со Тотенхем (1:1) шансите на тимот на Клоп за титулата се намалени.
Манчестер Сити има три бода предност на три кола пред крајот. За да Ливерпул се надева на титулата, Сити ќе треба да киксне (гол разликата е на страна на тимот на Пеп Гвардиола: 68:64).
До крајот Сити гостува кај Вулверхемтпон, гостува и кај Вест Хем а игра дома со Астон Вила. Ливерпул од друга страна ќе патува во Бирмингем кај Вила и кај Саутемптон а игра дома со Вулверхемтпон.
Жестока ќе биде и борбата за топ-4. Челси има 67 бода и е третопласиран. Го чекаат натпревари со Лидс на гости, со Лестер и Вотфорд дома. За последната карта која води во Лига на шампиони следна сезона останаа два претенденти, големите лути ривали Арсенал и Тотенхем. „Топџиите“ имаат големи 4 бода предност (66 наспроти 62) но Спарс се домаќини во следното коло на големото дерби.
После тоа Арсенал игра со незгодниот Њукасл на гости и со Евертон кој се бори за опстанок дома. Тотенхем ќе ги пречека Арсенал и Барнли а на крајот ќе го заврши првенството на гости кај Норвич.
Интересно ќе биде и во трката за последните места во еврокуповите Лига Европа и Лига Конференции. Манчестер Јунајтед со 58 бода ќе има уште еден меч, со Кристал Палас на гости. Вест Хем има 55 бода и го чекаат натпревари со Ман. Сити дома и со Брајтон на гости, а Вулверхемптон со 50 бода има натпревар со Сити дома, со Норвич дома и со Ливерпул на гости.
Во зоната за испаѓање исто е огнено. На две спасителни места конкурираат три кандидати а еден од нив следната сезона ќе игра во втора лига. Евертон има 35 бода и гол разлика -19. Барнли има 34 бода и -17 гол разлика а Лидс 34 бода и гол разлика -35.
До крајот Евертон го чекаат: Вотфорд (гости), Брентфорд (дома), Кристал Палас (дома), Арсенал (гости). Барнли ќе игра против Тотенхем (г), Астон Вила (г), Њукасл (д), а Лидс ќе го бара спасот со Челси (д), Брајтон (д), Брентфорд (г).
БУНДЕСЛИГА, 1 коло до крај
Во Германија веќе од пред неколку недели е јасно дека Баерн е старо-нов шампион. Најголема интрига има за место во Лига на шампиони и за опстанок.
На РБ Лајпциг (57 бода) ќе му треба во последно коло да не изгуби од испаднатата Арминија зошто имаат подобра гол разлика од директниот конкурент за Лига на шампиони, Фрајбург (55 бода) кој ќе игра против најдобриот тим во последните неколку недели во Германија, Баер Леверкузен кој веќе обезбеди карта за елитната ЛШ.
Фрајбург може да остане без Лига на шампиони но ризикува да остане и со куси ракави во трката за Лига Европа. Унион Берлин (54 бода) игра дома против Бохум. Може да се вмеша и Келн кој има 52 бода и го чека гостување кај давеникот Штутгарт.
За опстанок се борат Херта и Штутгарт. Во подобра положба се Берлинците со 33 бода, а „швабите“ имаат 30 бода. Херта има тешко гостување кај Борусија во Дортмунд а Штутгарт ќе игра против Келн дома. Интересно и Херта и Штутгарт имаат иста гол-разлика -33.
СЕРИЈА А, 2 КОЛА ДО КРАЈ
Трката за титулата во Италија ќе се памети уште долги години. Налик на онаа меѓу римските ривали од 2000/2001, сега се борат миланските конкуренти Интер и Милан.
Росонерите ја запоседнаа првата позиција и не им се испушта скудето од рака на само 180 минути до крајот, што во ваква констелација на составите ќе биде навистина големо изненадување.
Милан му бега 2 бода на Интер и има подобар учинок во меѓусебни дуели, така што росонерите можат да си дозволат и едно реми до крајот. А до крајот на трката ги очекува незгодната Аталанта која силно посакува да обезбеди пласман во Лига Европа.
Покрај Аталанта на „Сан Сиро“, Милан (80 бода) го очекува и гостување кај Сасуоло. Интер (78 бода) ќе се соочи со Каљари на гости на Сардинија, а овој тим жестоко се бори за спас од испаѓање во втора лига. Во последно коло Интер ќе ја пречека Сампдорија.
Интересно е и во борбата за еврокупови. Ситуацијата стана уште посложена по триумфот на Фиорентина над Рома.
Лацио има 62 бода и го очекуваат Јувентус на гости и Верона дома. Рома има 59 бода и ќе игра против Венеција дома и Торино на гости. Фиорентина има 59 бода и на крилја на триумфот против Мурињо ќе влезе во последните две кола против Сампдорија на гости и Јувентус дома.
Аталанта (59) бода ќе оди кај Милан и на крај го пречекува безбедниот и осигуран Емполи.
На две кола пред крајот уште ни една екипа не е официјално испадната. Шанси да се спасат имаат сите три екипи но и големи шанси да испаднат во Серија Б.
За волја на вистината на Венеција и е потребно чудо и сите конкуренти да изгубат бодови. Најлесен календар има Салернитана која од сигурен второлигаш во последните неколку кола оствари големи победи и можно е да се спаси.
Сампдорија (33 бода): ја чекаат Фиорентина дома и Интер на гости. Специја (33 бода): игра против Удинезе на гости и Наполи дома. Салернитана (30 бода) ја очекуваат спасените Емполи на гости и Удинезе дома.
Каљари (29 бода) има тешко гостување кај Интер кој се бори за скудето и на гости кај Венеција. Џенова има 28 бода и ќе игра против Наполи на гости и Болоња дома а Венеција со 25 бода ќе гостува кај Рома и ќе го пречека Каљари.
ЛИГА 1, 2 кола до крај (за повеќето екипи)
Шампионот во Франција одамна е познат, а за место во Лига на шампиони ќе има голема борба. Марсеј (68 бода) ќе игра со Рен (62 бода) на гости и Стразбур дома.
Монако со 65 бода го очекуваат Брест дома и Ланс на гости. Рен има три меча до крај: со Нант на гости, со Марсеј дома и со Лил на гости.
Стразбур има шанси за еврокупови (60 бода): го чекаат Клермон дома и Марсеј на гости. Ница (60 бода) ќе игра против Сент Етјен и Лил дома и со Ремс на гости.
За Лига Европа и Лига Конференции покрај Рен, Стразбур и Ница, сериозно конкурираат уште и Ланс (58 бода) и Лион (55 бода).
Што се однесува до опстанокот и тука е жустро: Дури шест тима можат да испаднат или да се спасат од испаѓање во Лига 2.
Бордо (27 бода) и Мец (28 бода) се практично испаднати иако теоретски може да куртулат. Бордо игра против Лориен на гости и со Брест на гости и со две победи би можел да се надева макар на бараж за спас.
Мец го чекаат Анжер дома и ПСЖ на гости. Сент Етјен (31 бод) ќе оди кај Ница на гости, па дома со Ремс и на крај кај Нант исто на гости. Лориен (34 бода) го чека Бордо во директен дуел за спас и Троа на гости.
Клремон (36 бода) ќе игра со Стразбур (г) и Лион (д), а Троа спасот ќе треба да го потврди со Ланс (д) и Лориен (г). Анжер е најсигурен со 38 освоени бода и од гостувањето кај Мец и домашниот меч со Монпеље им треба по некој бод за сигурен опстанок.
ЛА ЛИГА, 3 кола до крајот
Во Шпанија има уште три рунди а голем е списокот на кандидати за еврокупови и за опстанок.
Во Лига на шампиони речиси сигурно ќе оди Севиља (65 бода) на која и требаат два бода во три кола за и математички да обезбеди пласман во елитата. Атлетико Мадрид (64 бода) направи огромен исчекор во трката откако го совлада шампионот Реал со 1:0 и освои три златни бода.
До крај Севиља ја очекуваат Мајорка (дома), Атлетико (гости) и Атлетик Билбао (дома).
Четата на Диего Симеоне (64 бода) ќе игра со Елче (г), со Севиља (д) и со Реал Сосиедад (г).
Во игра се уште и Бетис (58 бода) и Реал Сосиедад (56 бода). Првите играат до крај со Валенсија која што ја совладаа во финале на Копа дел Реј, на гости, па со Гранада дома и со Реал на гости. Сосиедад го чекаат Кадиз (д), Виљареал (г) и Атлетико Мадрид (д).
Во борба за Лига Европа и Лига Конференции голема предност со 58 освоени бода имаат токму Бетис и Реал Сосиедад пред Виљареал (53 бода) кој игра со Рајо Ваљекано на гости, со Реал Сосиедад дома и со Барселона на гости. Атлетик Билбао има 52 бода и го чекаат: Гранада (г), Осасуна (д), Севиља (г). Со 46 освоени бода Осасуна нема некои големи шанси за Лига Конференции зошто заостанува дури 7 бода зад Виљареал.
Што се однесува до испањето во втора лига тука верувале или не има 7 тима кои може да испаднат. Еспањол е најбезбеден со 40 освоени бода (до крај го чекаат Алавес на гости, Валенсија дома и Гранада на гости).
Елче собра 39 бода а до крај има тешки натпревари со Атлетико (дома), Селта (гости) и Хетафе (дома). Токму Хетафе (37) бода им е директен ривал за опстанок. Покрај со Елче, Хетафе игра прво со Осасуна на гости па со Барселона дома.
Во игра за спас се уште и Алавес (28 бода), Леванте (29 бода), Мајорка (32 бода), Гранада (34 бода) и Кадиз (36 бода).