Операцијата „Last bet" или последно обложување денеска е топ тема во Италија која постојано се проширува. Обвинителството во Кремона кое го води овој скандал со наместени натпревари кој важи за еден од најголемите во историјата на италијанскиот фудбал излезе со многу нови детали.
Денешната акција на полицијата резултираше со апсење на четворицата посредувачи кои се осомничени како главни организатори на еден куп наместени натпревари во Серија А, но и во останатите пониски лиги на чизмата.
Јавниот обвинител Роберто Ди Мартино излезе пред јавноста со докази собрани од смс пораки кои ги добивале Гатузо и Броки од посредувачот Франческо Бацани кој е еден од четворицата уапсени.
Покрај натпреварите на Јувентус, Милан, Интер и Лацио кои утринава излегоа во медиумите како сомнителни, под истрага се и други мечеви од првата италијанска лига меѓу кои:
- Киево - Наполи 2:0 (02.02.2011)
- Болоња – Лацио 3:1 (21.01.2011)
- Парма – Аталанта 2:0 (05.05.13)
- Пескара – Сиена 2:3 (13.04.13)
- Палермо - Болоња 1:1 (14.04.13)
Поранешниот италијански репрезентативец Џенаро Гатузо се сомничи дека наместил четири натпревари на Милан и дека бил контактиран од страна на медијаторите неколку дена пред натпреварите Милан – Каљари 4:1 (14.5.2011), Милан – Бари 1:1 (13.3.2011), Киево - Милан 1:2 (20.2.2011) и Милан-Лацио 0:0 (1.2.2011).
Кристијан Броки кој инаку му е поранешен соиграч на Гатузо во Милан е осомничен дека учествувал во последната местенка против Милан додека бил член на Лацио.
„Франческо Бацани и Салваторе Спадаро целиот процес го работеле со 600 до 700.000 евра, а со дел од тие пари подмитувале фудбалери и функционери на клубови. Нуделе пакети со натпревари кои ќе завршат со наместен резултат, а откако работата ќе биде договорена, потплатениот функционер од клубот им давал зелено светло на играчите кои исто така се богателе", објаснува обвинителот Ди Мартино.
Тој е шокиран од целата ситуација затоа што и покрај тоа што голем дел од овие осомничени луѓе, веќе биле уапсени или биле под истрага, но тие и натаму продолжиле со криминалните дејствија во фудбалот.
Покрај Броки и Гатузо, останатите фудбалери под истрага се: Клаудио Белучи (поранешен играч на Модена, Наполи, Болоња и Сампдорија), Давиде Бомбардини (екс играч на Рома, Болоња, Аталанта и Албинолефе), Леонардо Колучи (екс играч на Модена и Болоња), Лоренцо Д'Ана (екс играч на Киево), Никола Мингацини (актуелен играч на Пиза), Клаудио Терци и Фрабицио Грило ( актуелни играчи на Сиена) и Сауеле Оливи (актуелен играч на Мантова).
Прес конференција на обвинителството на Кремона каде постојано се објавуваат интересни детали започна утринава во 11 часот и се уште трае, а долгата листа на натпревари кои се под истрага можете да ја видите тука заедно со имињата на осомничените.