Берни е дете на Интер (на 15 години дошол од Фиорентина) но никогаш не дебитирал за славниот милански клуб. Во 2001 година замина во Вимблдон, едно време бранеше и во Португалија, а во 2014-та се врати во родниот клуб како слободен агент откако не го продолжи договорот со Торино.
За 19 години кариера Томазо Берни бранел на 108 меча од кои 86 во Серија Б.
Во најдобрата италијанска лига има 9 меча за 12 сезони.
Договорот на Томазо Берни со Интер е завршен и ветеранот кој цели 6 години беше задолжен повеќе за атмосфера во соблекувалната, отколку за чување на голот, дефинитивно веќе нема да седи на клупата за резерви.
И покрај тоа што Берни никогаш не бранеше за Интер, отсекогаш важел за важна карика, искусна фигура која им дава совети на младите. Како трет голман кој е сигурен дека нема да брани скоро цела сезона, Берни секогаш бил пример за професионалност и трпеливост.
Секогаш бил присутен на тренинзите и прв навивач на екипата преку викенд.
На голот на Интер неприкосновен е капитенот Хандановиќ, а резервни голмани беа прво Карицо па сега Падели.
0 НАСТАПИ 2 ЦРВЕНИ КАРТОНИ
Последното појавување на Берни на гол во Серија А датира од 28 октомври 2012 година: Сампдорија - Каљари 0-1 (Десена) кога Томазо го заменувал повредениот Серхио Ромеро.
Во Интер дошол за договор вреден 200.000 евра годишно што и не е воопшто лошо за голман кој знае дека во сабота и недела ќе дреме на клупата за резерви.
Ама и во таква ситуација, минатата сезона Берни два пати доби црвен картон.
На 26 јануари го исклучија против Каљари кога на крајот од мечот жестоко се бунел кај судиите за црвениот картон кој го доби Лаутаро Мартинез. Берни за рака го повлече судијата Манганиело по што доби исклучување.
Вториот црвен го заработи на 28 јуни, на мечот против Парма на гости каде Интер славеше после пресврт со головите на Де Врај и Бастони по погодокот на Жервињо.
АМБИЕНТАЛИЗАМ, ГИТАРА И МЕДИТАЦИЈА
Во базата на Интер во Пинетина, Берни често го гледале со книга во рацете. Многу сакал да слуша и музика, свирел гитара.
Откако ја прочитал омилената книга „Ја сонував Африка“ од италијанската писателка Куки Галман која со години живее во Кенија, го сменил начинот на размислување.
На 3 јануари 2019-та година се оженил со својата девојка Луна Дакота Риот токму во Кенија. Венчавката била на еден од островите во Кенија. Луна важи за жена светлосни години далеку од препознатливите WAGS - славни сопруги на познати фудбалери.
Таа е терапевт и работи за Mwezi Medicine и дизајнерка е на своја колекција „Dakota Tribal“, најчесто народни носии.
Берни и жена му веруваат во силата на Земјата, поточно во духот на Мајката-Земја која што ја одредува судбината на човекот.
Жена му Луна има и бизнис во склад со природата: Таа има свој бренд ALUNA кој произведува еко-производи создадени од древни рецепти и ритуали како и волшебни дарови од Мајката-Земја.
Постои можност Берни да стане тренер на голмани во академијата на Интер а на негово место би требало да биде младиот романски голман Јонуц Раду кого Интер го купи минатата година и го позајми во Џенова, но уште не е ништо договорено.