Копенхаген или Жилина

Што треба да знаеме за следниот противник на Вардар

А ќе го дознаеме некаде околу 21:15 вечерва кога би требало да заврши реваншот меѓу Копенхаген и Жилина. Словаците пред невозможна мисија, Данците поблизу до Вардар.

КОПЕНХАГЕН Е НА ЧЕКОР ДО СТРУМИЦА

Копенхаген е 12-кратен шампион на Данска којшто редовно се појавува во еврокуповите, а тоа што со леснотија го згромија словачкиот шампион на гости со 1-3 кажува за каков квалитет се работи. Минатата сезона без ниту еден пораз во 26 кола убедливо ја освоија титулата во данската Суперлига со 12 бода повеќе од Брондби (19 победи, 7 нерешени, 57 дадени голови 10 примени).

Минатиот викенд Копенхаген ја имаше и премиерата во домашното првенство, ремизираше на „Телиа Паркен“ против Алборг. Овој клуб не е многу стар, напротив, основан е во 1992 година како резултат на фузијата меѓу двата клуба Кјобенхавнс Болдклуб и Болдклубен 1903.

Не се најстари, но се најтрофејни - освоиле 12 титули во домашното првенство и 8 Купа на Данска. Тие се поуспешни и на евросцената од било кој друг дански клуб затоа што повеќе од еднаш учествувале во групната фаза на Лига на шампиони и Лига Европа. Пред шест години станаа првиот дански клуб што ја минал групната фаза и стигнал до нокаутот во ЛШ.

Стадионот „Телиа Паркен“ каде игра Копенхаген

Своите ривали ги пречекуваат на модерниот „Телиа Паркен“ којшто се наоѓа во дисктриктот Indre Østerbro и има капацитет од 38.065 места. Таму редовно игра и репрезентацијата на Данска. Бојата на дресовите им е бела за домашна варијанта, темно сина - тегетна за на гостински терен. Прекарот на Копенхаген е Byens Hold (Градски клуб) или Løverne (Лавовите, каков што им е и грбот на клубот). Генерален спонзор кој го носат на дресот е гигантот Carlsberg.

Најголем ривал на ФК Копенхаген е градскиот сосед Брондби, а дуелите меѓу овие два тима понекогаш го ставаат градот на ниво на борбена готовност.

Годините на подем „Еф-це-ка“ ги започнува некаде во 2000-та кој тренер им станува Рој Хоџсон а во клубот доаѓа и напаѓачот од Јужно-Африканскиот клуб Орландо Пајретс, Сибиусо Зума кој е можеби најсаканиот играч во историјата на клубот откако со ножички дал гол против Брондби во меч кој одлучувал за титулата.

Најпознати играчи кои настапувале за Копенхаген се Јеспер Гронкјер кој подоцна настапуваше и за Челси, Кристијан Пулсен кој потпиша со Јувентус и со Севиља, како и високиот Бреде Хангеланд кој подоцна се прослави во Фулам.

КОИ СЕ ГЛАВНИТЕ ИГРАЧИ НА ТИМОТ

Од актуелниот состав се издвојуваат Србинот Андрија Павловиќ кој на Жилина ѝ ги даде сите три гола на првиот меч за 15 минути и е најдобар стрелец во екипата, Словенецот Бенџамин Вербиќ кој во Копенхаген дојде од Целје во 2015-та, како и Кипранецот Пиерос Сотириу кој дојде на почетокот на овој месец од АПОЕЛ за 2,5 милиони евра. Стартер на евентуалниот двомеч со Вардар би можел да биде и Пјер Бенгтстон, левиот бек од Шведска кој во кариерата играше уште и за Мајнц и Бастија.

Во случај да им се падне Копенхаген во 3. коло, вардаровата одбрана посебно внимание ќе треба да обрати и на Федерико Сантадер, шпицот од Парагвај којшто веќе трета година игра за Копенхаген. Со неговиот гол лани Копенхаген го елиминираше АПОЕЛ и се пласираше во Лигата на шампионите. Минатата сезона Сантандер беше прв стрелец на тимот со 10 лигашки голови.

Тимот е спој на искуство и младост, а доминираат ветераните. Швеѓанецот Олсен на голот има 27 години. Десниот бек Хогли кој играше против Жилина има 33 години, двајцата стопери Ерик Јохансон и Николај Боилесен имаат по 28 односно 23 години а во средниот ред: Вилијам Квист 32, Јан Грегуш 26 години, Јусуф Туту 24, Вребиќ 23.

Во офанзивата: Павловиќ има 23 години, Сотириу 24, а Сантандер 26 години.

Тренер на екипата е Стале Солбакен од Норвешка. Овој стратег во минатото ги тренирал уште и Вулверхемптон, Келн и норвешкиот Хам-Кам. Заслужен е за дур 7 титули на клубот и 4 Купа.

Меѓу поголемите трансфери летово, Копенхаген го зема и стоперот Михаел Луфтнер од Славија Прага за 1,5 милиони евра. Тимот го напуштија левиот бек Лудвиг Аугустинсон кој за 4,5 милиони евра отиде во Вердер Бремен, стоперот Зана кој отиде во новиот премиерлигаш Хадерсфилд за 2,7 милиони, како и шпицот Андреас Корнелиус кој се пресели во Аталанта за 3,5 милиони евра.

Како ја прегазија Жилина 1-3 на првиот меч:

ЖИЛИНА НА ПРАГОТ ОД ИСПАЃАЊЕ

Словачкиот шампион убедливо загуби дома на првиот меч, така што сега му треба чудо во Копенхаген за да се пласира во 3. коло што е невозможна мисија.

Клубот доаѓа од истоимениот град кој што се наоѓа во северо-западна Словачка околу 200 километри од Братислава. Овој град е близу чешката и полската граница и е четврти град по големина во земјата со население од околу 85.000 жители.

Фудбалскиот клуб Жилина 7 пати бил шампион на својата земја а 2 пати го освојувал Купот на Словачка. На европски план Жилина стигнала дури до четвртфиналето на УЕФА Купот на Куп победници во сезоната 1961/1962. Според ранкингот на УЕФА тие се на 235. место.

Најпознати играчи од Жилина се Лашло Бенеш кој лани отиде во Менхенгладбах за 5,5 милиони евра, Томаш Хубочан кој играше во Зенит, како и новиот фудбалер на Интер Милан Шкриниар.