ШТО ТОЧНО СЕ СЛУЧИЛО?
Додека во вторникот вечера гледавме луди пресврти во Дортмунд и Лондон, се појави информација за потреси во Наполи. Таму наводно избила тивка војна која стана сè погласна меѓу играчите и тренерскиот штаб од една страна и управата од друга.
Проблемите почнале во понеделник. Наполи го има најлошиот старт во Серија А во последните 10 години: После 11 одиграни кола тимот собра 18 бода и се наоѓа на 7 место. По поразот од Рома на „Олимпико“, сопственикот Аурелио Де Лаурентис решил да ги прати играчите во карантин до недела, во базата Кастел Волтурно.
„Анчелоти е одличен тренер, тој е џентлмен и немам причини да барам повеќе од него. На ова се решив за да ги обединам играчите кои се должни да наоѓаат мотивација постојано, а не само на натпреварите со Ливерпул или Салцбург (очигледно безволно играат во Серија А).
За време на летните подготовки не работеа сите заедно, ни фали воиграност. Штабот е должен да ја сплоти екипата. Ова не е казна туку конструктивно решение. Ако резултатите не се сменат, тоа може да стане и казна, ќе го продолжиме карантинот до Божиќ“, рекол секогаш непредвидливиот Де Лаурентис.
Интересно, Аурелио не се советувал со тренерот по ова прашање, туку ја најавил веста на клупското радио на половина час пред прес-конференцијата на Карло Анчелоти пред мечот со Салцбург. Карло не очекувал таков развој на настаните: „Не сум согласен со карантинот, но одлуката е на клубот“.
Анчелоти дипломатски и вешто избегна нагло да реагира на оваа одлука која што се коси со еден од неговите услови кога дојде во Наполи, а тоа беше шефот да не му се меша во работата.
Методот повлекување во карантин при криза во современиот фудбал се смета за несоодветен, но сè уште има сопственици кои се решаваат на ваков потег. Клубот има право на вакви акции, но играчите во Наполи уште не го примија овој сигнал, напротив.
БУНТ
На мечот со Ред Бул Салцбург во вторникот Наполи дури 29 пати шутирал кон противничкиот гол (18 во првиот дел што е рекорд за италијанските клубови во ЛШ), но не победи, на крајот резултатот беше 1:1. Примија гол од пенал по несмасниот пенал кој го направи Кулибали.
Серијата без победа на Наполи стаса до 4 меча, а после судиската свирка за крај, нервозата порасна.
Карло Анчелоти не дошол на прес-конференција после мечот. Клубот поради тоа сега треба да плати не баш мала парична казна. Наместо тоа, тренерот влегол со стручниот штаб во автобусот и тргнал кон Кастел Волтурно.
Играчите тогаш ги игнорирале новинарите во микс-зоната а наместо да одат во карантин како што наредил шефот Де Лаурентис, секој посебно си тргнал дома. Аурелио Де Лаурентис наводно го напуштил стадионот најрано од сите, иако играчите го чекале во соблекувалната да зборуваат со него за ситуацијата, тој не се појавил.
Таму дошол синот на Де Лаурентис, Едоардо Де Лаурентис кој неколку минути претходно зборувал со Бразилецот Алан во подтрибинскиот простор. Алан му се пожалил за одлуката на претседателот.
Во соблекувална и другите играчи го поддржале Бразилецот, меѓу кои најгласни биле Мертенс и Каљехон. Тие наводно му рекле на Едоардо, „Кажи му на татко ти дека се враќаме дома, а не во базата“.
Овој бунт го поддржале само неколку играчи, а останатите тргнале во клупскиот автобус (медиумите шпекулираат дека тоа се Фабиан Руиз, Кулибали, Алекс Мерет и сите новајлии).
Клубот не ја прокоментира ситуацијата ниту со играчите ниту со непојавувањето на Анчелоти на прес конференција. Цела Италија совршено не разбрала што се случува.
ИГРАЧИТЕ СЕГА МОЖЕБИ ЌЕ БИДАТ КАЗНЕТИ
Во средата наутро Аурелио ги собрал сите негови адвокати во хотелот „Везув“, каде ги разгледал сите моменти од правна основа, казни и можни последици. Sky Sports презентирал инсајдер дека на средбата се спомнало дури и отказ за Анчелоти.
Некои таблоиди во Италија ги споменуваа имињата на Алегри и Спалети како можни заменици на Карло.
Во 11 часот во среда екипата дошла на тренинг и се било вообичаено: тренинг, ручек па разидување по дома. Останал само тренерскиот штаб и Карло Анчелоти кој речиси еден час зборувал со Де Лаурентис по телефон. На крајот се огласил и клубот преку соопштение:
„Во врска со поведението на играчите, клубот ќе направи сè што е можно за да ги заштити своите економски, имотни, имиџ права и дисциплинарни интереси преку соодветни инстанци. Клубот сака исто да појасни дека за однесувањето на тимот одговорност сносат играчите а не главниот тренер“.
Што значи ова? Управата официјално поврдила дека сложената ситуација е поради бунт на играчите.
Познатиот адвокат од Неапол, Едуардо Кјако рекол дека клубот има целосно право да ги казни сите играчи кои бунтувале со по 5% од платата. “Познавајќи ги Де Лаурентис и неговите адвокати, може да биде и поголема казна поради нанесениот удар врз имиџот и реуптацијата на клубот“, рекол адвокатот и додал:
„Клубот има договорни аспекти. Фудбалерот, како и секој друг работник и должен да ги почитува. Ако клубот нареди собир во базата, екипата е должна да постапи така. Ако играчите не го сторат тоа, тие го нарушуваат договорот. Клубот има можност да ги казни по 5% од месечната плата“.
Де Лаурентис внимателно ја следи ситуацијата и дури откажал службено патување во Лос Анџелес, со цел да види каков ќе биде одговорот на играчите кои треба до петок вечер да бидат во карантин.
Во случај на нов неуспех, против Џенова во недела, одново ќе се вртат нови тренерски имиња. Последен тренер кого Аурелио Де Лаурентис го избрка од клупата беше Робрто Донадони во 2009 година.
Ситуацијата е критична. Интересно, за во четврток екипата планирала отворен тренинг на Сао Паоло (прв од таков тип). Ова е специјална акција за сопствениците на сезонски карти, па клубот не може да го откаже настанот.
Во 15:30 часот сите играчи биле должни да се појават пред навивачите. А што ќе биде со новинарите не се знае.
КРИВ ЛИ Е АНЧЕЛОТИ?
Кога Карло се појави првпат во улога на тренер на Наполи, изјави: „Ми се допаѓаат сите играчи кои беа кај претходникот Сари, така што никаква чистка нема да има.“ Во летото 2018 од првотимците дозвола за трансфер добија само Жоржињо и Рејна.
Наполи без проблем го освои второто место во Серија А минатата сезона и само поради послаба гол разлика го пропушти Ливерпул во следната фаза од Лига на шампиони. Наполи стигна до 1/4 финалето на Лига Европа.
Летово клубот требаше да купи нови играчи и да се ослободи од баластот. Во тимот дојдоа Манолас и Лозано (во Топ3 најскапи трансфери на Наполи во историјата), младиот талент Елиф Елмас, Џовани Ди Лоренцо и искусниот Љоренте.
Баластот во видот на Кирикеш, Рог, Диавара и Уна бараа да си одат. Стариот и изнемоштен Раул Албиол исто побарал да се врати во татковината.
Сите експерти летово тврдеа дека Наполи станал посилен. Де Лаурентис на трансфери потроши 135 милиони евра и првпат го зголеми буџетот за плати (во минатата сезона бил 94 милиони евра, а сега е 105 милиони евра). Интер и Јувентус синхроно ги сменија тренерите, така што во Неапол сериозно сметаа на скудето.
Но нијанси беа во прашање. Анчелоти го сонуваше Хамес Родригез и цела пред-сезона ја уигруваше формацијата 4-2-3-1 за кога Колумбиецот ќе дојде да има негов стил на игра. Улогата на Хамес на пријателските ја играше Симоне Верди. На крај Родригез не дојде, остана во Реал, а Верди замина во Торино на позајмица, па Наполи се врати на минатогодишната формација 4-4-2.
Уште еден сериозен фактор за лошиот старт на Наполи се и Копа Америка и Африканскиот Куп на Нации летово, каде Кулибали и Алан стигнаа до финалето со своите репрезентации, па ги пропуштија речиси цели летни припреми.
„Чаки“ Ирвинг Лозано и Фернандо Љоренте исто се појавија пред почетокот на сезоната, така што немаа многу време да се запознаат со екипата и методите на Анчелоти.
Како резултат на тоа добивме најнеурамнотежен Наполи за последните 10 години.
Притоа да не заборавиме дека Карло Анчелоти непосредно пред стартот на сезоната изјави дека е задоволен од работата на екипата и дека трансферите во клубот ги оценува со 10 од 10 и дека нема да се задоволи со второ место.
Уште од времето на Марадона во Неапол немало таков оптимизам за скудетото. Мацари, Бенитез и Сари претендираа на скудето но никој од нив не звучеше така директно.