Во Италија има поговорка: „Кој мисли дека парите ќе му дадат сè, сам ќе направи сè за пари“. Јувентус се лизнал и ако мислите дека трансферот на Роналдо нема ништо со тоа, наивни сте како и торинските шефови.
Пред три години решија дека Кристијано Роналдо ќе им даде сè. Направија сè за него и на тоа се заврши.
ЈУВЕНТУС И ШЕСТ НЕГОВИ ШЕФОВИ СЕ ПОД ИСТРАГА ПОРАДИ МАТНА ШЕМА НА ПАРАТИЧИ
Трансферот на Роналдо италијанските медиуми сега го викаат „прв грев“: сè почнало од него. Во 2018-та Јувентус сметаше дека Португалецот ќе им донесе трофеи, пиар, маркетинг приходи, спонзори. Но Роналдо излезе дека не е баш семоќен на пазарот како што мислеа. Годишно им тежел околу 87 милиони евра, а не вратил ни десетинка од овие пари. Торинците тонеле.
Три месеци пред трансферот на Кристијано Роналдо, Јуве го отпушти генералниот директор Бепе Марота и неговата функција ја разделил на неколку клучни фигури. Голем дел од одговорноста отишла кај Фабио Паратичи. Наводно до развод со Марота, човекот кој е заслужен за многу скудета на Јувентус, дошол зошто тој бил скептик за трансфер на големиот Роналдо.
Фабио Паратичи, тогашниот директор во Јуве, а сега директор во Тотенхем каде го донесе Антонио Конте, создавал привидна илузија дека сè е во ред. Главна техника во неговата лукавост била да претстави прираст во условниот капитал кој во реалност не постои, или постои само на хартија.
На пример: Јувентус го купи Кристијан Ромеро за 26 милиони евра, а две години подоцна го продаде на Аталанта за 18 милиони евра. Фактички „бјанконерите“ треба да се во минус 8 милиони евра според секоја логика, но хартијата покажувала плус: Во време на трансферот вредноста на 5-годишниот договор на Ромеро била 15,6 милиони евра. Паратичи запишал дека е вреден плус уште 2,4 милиони евра.
Благодарение на тоа тргнување на проблемите „под тепих“ Јувентус покажувал подносливи загуби и долговите растеле со многу брзо темпо (од 209 на 463 милиони евра во првата година по купувањето на Роналдо).
Уште една поговорка вели: „На сиромашниот му треба многу, а на лакомиот сè“.
Паратичи отишол предалеку, балансирајќи помеѓу големи трансфери и растечкиот долг. Бројките станувале сè понаучно-фантастични. А кога Јувентус минатата година поднел целосно невозможен финансиски извештај, шефовите на Coviscos - Комисија за финансиски надзор на фудбалските клубови, инспекторите се удриле со дланки по чело и се препотиле колку работа ги чекало.
Комисијата ја известила Фудбалската федерација на Италија дека започнала да ги чешла извештаите во Јувентус, но порано или подоцна тивко го сопрела процесот.
Таквите игри сериозно влијаат на цената на активите. Се чини дека компанијата е поуспешна отколку што стварно е, сама создава неправилна цена на акциите и лесно привлекува инвестиции. Од извлечените пари прават вистински пари а тоа е неприфатливо. Затоа Фудбалската федерација на Италија се обратила до Обвинителството во Торино и во есента 2020-та Јувентус бил предмет на истрага. Паралелна истрага водел Consob - регулатор на италијанските хартии од вредност.
За несреќата на Јувентус да биде поголема, Паратичи не мател вода зад грб на шефовите. Затоа осомничени се дури седуммина: Андреа Ањели, Павел Недвед, Фабио Паратичи, главниот финансов директор Стефано Черато, неговиот претходник Стефано Бертола, финансискиот менаџер Марко Ре и самиот Јувентус. Осомничени се по четири точки:
- Нарушување на законот за одговорност на компаниите
- Корпоративни правни престапи
- Лажирање на сметководствени извештаи
- Издавање фактури и други документи за непостоечки трансакции
Ова што се случува сега е само врвот. Обвинителството (Procura) ја расплеткува мрежата уште од есенва и истражува период од три години (за некое чудо сè било прецизно и правилно со купувањето на Роналдо).
Од летово 2021 осомничените биле прислушкувани по налог на обвинителството. Обвинителот смета дека сомнителни се 282 од 320 милиони евра прикажани во прирастот на капиталот.
„Од ова само Калчополи беше полошо“, рекле блиски луѓе на Ањели во еден од пресретнатните телефонски разговори.
ВО МАЛВЕРЗАЦИИТЕ ФИГУРИРААТ 18 КЛУБОВИ МЕЃУ КОИ И ИНТЕР, МАНЧЕСТЕР СИТИ И БАРСЕЛОНА. ЗОШТО НАЈГОЛЕМ ТОВАР ПАДНАЛ НА ЈУВЕНТУС? ДАЛИ КЛУБОТ Е РЕАЛНО ВИНОВЕН?
Прашањето е логично со оглед на односот на Италијанците кон клубот од Торино. Клубот во минатото веќе беше обвинет па и ослободен за сомнителни договори, врски со мафијата, нелегална продажба на карти, а обвинет бил и во стотина други кривични дела пред италијанските законодавни домови.
La Vecchia Signora, Старата дама е или обожувана или омразена. Нема трето. Ако Јувентус добие пенал при резултат 3:0 за нив, многумина ќе бараат да ги исфрлат во втора лига.
Но оваа приказна не е на тој список. Јувентус реално направил кривично дело за кое го обвинуваат.
Горенаведениот пример со фудбалерот Ромеро всушност е потополно легален, иако апсурден за сметководствена логика. Не можете да правите сериозен прираст на таква продажба. Проблемот е во тоа што таквата техника лесно се става во употреба и станува норма, само треба да ги надувате реалните цени. А преценувањето е незаконско.
Најчест начин за малверзации е размената. Два клуба си продаваат еден на друг фудбалери по иста или многу блиска цена. Со оглед на тоа што никој не сноси директни загуби, транферната вредност е преценета. Трошоците се амортизираат за времетраење на договорот, а приходот веднаш се евидентира како плус.
Така Јувентус работел. Пред една година го купил 19-годишниот талент Николо Ровела од Џенова. И покрај тоа што договорот му истекувал за брзо, платен бил 18 милиони евра но како? Џенова во замена ги довела Маноло Портанова за 10 милиони евра и Елија Петрели за 8 милони евра.
Портанова за Џенова одиграл само 108 минути, а Петрели заминал на позајмица во Серија Б и таму верувале или ниеднаш не влегол на терен. Никој од нив никогаш во кариерата не вредел ни 3 милиони евра. Затоа Јувентус и Џенова „приходувале“ 18 милиони евра при што реалните пари во зделката воопшто не фигурирале.
Во таква шема Паратичи склопил уште десетина зделки: размената Артур - Пјаниќ и Мендез - Переира со Барселона, Аке - Тонџа со Марсеј, Данило - Кансело со Манчестер Сити итн. Со наводен приход на хартија ги криел реалните загуби.
Размерите се навистина импресивни: се проценува дека само во 2020-та Фабио Паратичи направил 120 милиони евра само од воздух и мастило.
Јувентус е виновен и направил кривични дела, не сомневајте во тоа. Но не се само бјанконерите толку „снаодливи“. Сега во истрага се 62 трансфер зделки а 42 од нив се однесуваат на Јувентус. Фигурираат тука 18 клуба. Меѓу нив се и Манчестер Сити, Барселона, Интер, Марсеј, Лил, Аталанта и Наполи. Истрага за нив се уште не е отворена. Но ако вака продолжи, истрагата нема да може да ја избегнат.
Пример Интер два пати во две недели успеал да продаде и да купи еден ист играч - Андреа Пинамонти. И тоа по многу различни цени.
„Целиот фудбалски систем е трул“, рекол поранешниот обвинител во Фудбалската федерација на Италија.
„Победа по секоја цена е дел од ДНК-то на Јуве, но за успех во Европа се потребни бесконечни ресурси зошто таму се вклучени и нафтните и гасни гиганти. Не е возможно да се одржи чекор со ПСЖ, Ман. Сити и Челси без голем прираст на капиталот. Тоа е проблемот со правилата“, вели Пекораро.
Во исто време Јувентус е обвинет и за сиво сметководство. Торинците од летото на испрашувања кажувале многу работи. Заклучокот вади две важни работи:
1. Платата на Роналдо. Во договорот на Португалецот немало месечни бонуси, но во телефонските преговори постојано се споменувале некои редовни плаќања. Очигледно тие пари го заобиколиле одделот за сметководтво и не се појавиле во графата загуби.
Апсурдно е што плаќањата биле извршени во ек на коронавирусот кога цел тим се согласил да им се намалат или одложат платите за некои подобри времиња. Се чини дека во „вечно рамноправниот“ Јувентус некои биле погалени од другите.
2. Необјасниви „обврски“ меѓу Аталанта и Јувентус за трансферите на Ромеро и Демирал кои се непознати. Јасно е само дека за нив зборувале газдите на Јуве.
Прашањето е дали е Јувентус крив за сивите исплати „под маса“. Клубот се занимавал со тоа по секоја цена да прикаже прираст на капиталот како и многи други клубови од Серија А и пола Европа, но со една разлика. Јуве е фатен.
МОЖНО Е ИСТРАГАТА ДА Е ВНАТРЕШНА БОРБА МЕЃУ ДВА КЛАНА АЊЕЛИ ЗА ВЛАСТ
Човек и да не верува во теории на заговор, но во Италија никогаш не е баш туку така. Има верзија дека истрагата е само инструмент во борбата за власт во Јуве. Вистина или не на крајот од краиштата и не е важно.
Познато е дека Јувентус му припаѓа на семејството Ањели - една од најбогатите фамилии на светот. За сто години ова семејство изгради империја со неколку стотини илјади вработени. Управуваат со гигантите Exor, Fiat, Ferrari, Alfa Romeo, Jeep, Dodge, Opel, Masserati, Citroen, Chrysler, Lancia, Iveco, La Stampa, La Repubblica, The Economist и десетина други големи компании.
Во минатото единствен гарант на единство во семејството беше легендарниот адвокат Џани Ањели - бизнисмен и некрунисан владетел на Италија. Го слушале без приговор сите.
Сега се е спротивно на тоа. Семејството Ањели има 100 наследници по разни гранки. И двајца лидери.
38% од семејниот бизнис припаѓа на првата гранка од страна на Џани Ањели - наследници се неговата ќерка Маргарита и синот Едоардо. Со овие акции управува Џон Елкан - син на Маргарита од првиот брак.
11,85% од бизнисот држат наследниците на Умберто, родениот брат на Џани Ањели - Андреа и Ана Ањели. Овој дел го контролира Андреа Ањели - претседателот на Јувентус.
Остантите 50% им припаѓаат на уште девет групации. Сите тие имаат право на глас и никој нема мнозинство. Лидер станува тој кој ќе ги обедини останатите. Дел од кланот оди за Андреа Ањели а дел го слуша Џон Елкан.
Во последните десетина години меѓу нив има мир. Андреа управува со Јувентус, а Џон Елкан со останатиот бизнис. Секој од нив чекал на грешка на другиот. Елкан контролира голем пакет и фактички го претставува целото семејство, и никогаш не покажал со прст кон Андреа Ањели. На Џон не му фалела власт, а Андреа иако имал голем личен удел и во принцип е побогат од Џон, никогаш не тргнал против својот роднина.
Од тука се појавила теорија според која истрагата е грандиозна „намештаљка“ на Елкан. Ова е малку веројатно секако и е во доменот на кафански муабети, но тука вистината нема голема улога. Џон има корист од каков било удар на угледот на претседателот на Јувентус. Андреа Ањели забрзано губи поддршка во семејството. Сега управниот одбор сигурно би прифатил негова оставка, секако ако Џон Елкан покрене такво прашање.
Ова никако не е добра вест за тифозите на славниот шампион. Прво Џон Елкан еднаш веќе управуваше со клубот и не мрдна повеќе од 7. место на табелата. Второ, Џон Елкан е роден во Њујорк и како и повеќето газди Американци во спортот не ја цени во целост традицијата и уметноста. Постои голема веројатност доколку дојде тој на местото претседател, да го намали буџетот на Јувентус, па дури и да ја поништи веќе планираната инјекција од 400 милиони евра. Оваа „инфузија“ е планирана за крајот на годината и од неа ќе зависи следната трансфер активност на клубот.
Но ова се се само претпоставки. Реалноста сега е истрагата.
АКО ЈУВЕНТУС ПРЕКРШИЛ ЕДЕН КУП ЗАКОНИ, ДАЛИ МУ СЕ ЗАКАНУВА СЕРИЈА Б? ШТО ЌЕ БИДЕ СО КЛУБОТ?
Пред неколку дена шефот на CODACONS (здружение за заштита на правата на потрошувачите) Марко Донѕели испратил жалба до Обвинителството. Во соопштение тој напишал: „Ако Јувентус стекнал незаконска предност над противниците, Фудбалската федерација и Управата за пазарна конкуренција се должни да се вмешаат.
Ние ќе приложиме жалба во антомонополниот комитет и федералното обвинителство со барање Јувентус да се исфрли во Серија Б и да ги врати неодамнешните трофеи“.
Во пракса ова се само зборови. Законот третира многу поблаго такви и слични кршења отколку што Донѕели посакува. И заканата по Јуве не е толку голема колку што изгледа. Во случајов постојат две насоки - граѓанска и спортска. На граѓански суд, клубот и неговите шефови се соочуваат со драконски максимална парична казна. Спортскиот суд се уште не е вклучен но за еден месец Фудбалската федерација треба да ги добие документите од обвинителството и ќе покрене сопствена истрага. Тоа е главниот проблем на Јуве. Спортското правосудство веќе создало непостоечки статии за Јувентус. Но за сега немаат цврсти докази за кои би се држеле.