Династија Ањели - дрвото на животот на фамилијата која го води Јувентус

На крајот се поставува прашањето: Кому му припаѓа „Старата дама“? Кој владее со империјата од Торино?

Како што утврди официјалниот сајт на Јувентус на 1. јули 2017 година, со 26,2% од акциите на клубот се тргува на берзата, 10% се во сопственост на инвестициониот фонд Lindsell train Ltd, а останатите 63,8% се под контрола на EXOR N.V.

Кој стои зад регистрацијата на компанијата EXOR во Холандија? Таа е основана во далечната 1927 година од Џовани Ањели, дедо на најпознатиот Адвокат - Џани Ањели во чија чест го крстиле.

Според она што последен пат беше ажурирано на 1. јули 2017-та година како основни газди на Јувентус се јавуваат:

- Giovani Agnelli B.V. - 52,99%
- Малцинство акционери - 32,88% (никој од нив не смее да има повеќе од 2%)
- Harris Associates LP - 7,36%
- Southeastern AM - 4,11%
- Exor N.V. - 2,65%

Во Советот на директори на компаниите влегуваат и Андреа Ањели и Џиневра Елкан. Претседател на Советот на директори е Џон Елкан.

Џон Елкан - еден од шефовите во Јувентус

Останува нејасно што претставува компанијата Giovanni Agnelli B.V. водечката компанија која што го контролира Јувентус. Ова акционерско друштво го создал Џани Ањели во 1984 година. После три години тој ги разделил правата на компаниите меѓу себе, брат му Умберто, семејството Нази (торинска аристократија поврзана со Ањели уште од дамнешни роднински врски) и на членовите на советот на директори на FIAT - Чезаре Ромити и Џанлуиџи Габети.

Од моментот на основање до неговата смрт во 2003. година претседател на компанијата Giovanni Agnelli B.V. бил самиот Џани Ањели - Адвокатот. После него (не за долго) фирмата се водела на име на Умберто Ањели кој почина во 2004. година. Следните шест години со компанијата управувал Џанлуиџи Габети, а од 2010-та и денес уште ја води Џон Елкан.

Распределба на основниот пакет акции во компанијата Giovanni Agnelli B.V. е следен:

- 36,38% им припаѓа на Елканови (тие се први и директни наследници на Џани и Мариела Ањели);
- 27,14% за семејството Нази;
- 12,56% од акциите и припаѓаат на Мариа Соле Ањели (сестрата на Умберто и Џани Ањели која што има 92 години);
- 11,35% за наследниците на Умберто Ањели;
- 5,55% за наследниците на Сусана Ањели (помладата покојна сестра на Џани и Умберто, кои вкупно биле 7 браќа и сестри);
 

Време е да видиме кои се главните гранки од „дрвото на животот“ на семејството Ањели.

Џани Ањели - е најпознатиот член на оваа фамилија која од век и векови раководи со FIAT и Јувентус. Џани во своето време бил еден од највлијателните бизнисмени во земјата, прв плејбој на Италија којшто го вратил заводот на FIAT под контрола на семејството и го направил Јувентус најмоќен клуб во Европа.

Човек од таков калибар нормално треба да има многу наследници. На пример, неговиот татко Едоардо имал седум деца.

L'Avvocato (Адвокатот) Џани Ањели

Џани Ањели и неговата жена Марела Карачоло имале две деца, но и со двете не им тргнало во намерата да ги направат наследници на семејното дело. Првиот - Едоардо не го интересирала економија туку литература и мистицизам а во еден момент го примил и исламот, што за конзервативна и католичка Италија било многу екстравагантен потег.

Второто дете, ќерката Маргерита од очигледни причини не била во состојба да го пренесе своето легендарно презиме на своите деца: принцезата се омажила за писателот Ален Елкан чијшто татко бил Французин а мајка Италијанка со еврејски корени. Од тој брак на свет дошле Џон, Лапо Елкан и Џиневра Елкан.

Едоардо Ањели, синот на легендарниот Адвокат Џани загинал во мистериозни околности во 2000. година. Според официјалната верзија, се работи за самоубиство иако се шпекулирало за убиство. Смртта на Едоардо ставила крај на надежите на Адвокатот дека ќе ја предаде империјата на својот наследник по машка линија.

Дека од Едоардо нема да биде сериозен и стабилен бизнисмен било очигледно уште многу пред трагедијата.

Џани и син му Едоардо Ањели

Кога се оддава почит на гените на Џани Ањели важно е, велат Италијанците, да не се падне во замката во која паднале многу италијански (и не само) новинари.

Често употребената фраза дека „тој го направил Јувентус најсилен клуб во Европа“ е вистинита. Иако не треба да се намали улогата на другите членови на семејството Ањели. Пред се на неговиот брат Умберто којшто се вратил во Јувентус во 1994. година.

Еден од најголемите експерти за италијанскиот фудбал и долгогодишен коментатор, Марио Скончерти во книгата “Историјата на калчото“ вака го опишува тој период:

„На почетокот на 1994 година управувањето со Јуве и голем дел од власта во FIAT преминаа кај Умберто Ањели. Во младоста тој веќе бил претседател на клубот. Јувентус на Сивори и Чарлс од 1950-те години е негова креатура.

Умберто прифатил да го води Јувентус во еден од најдраматичните моменти во историјата. Екипата цели осум години не можела да освои ништо (освен за нив скромни два Купа на УЕФА и Куп на Италија).

Последното скудето било освоено во 1986. година. Адвокатот Џани Ањели инвестирал значајни средства и наскоро дошле Роберто Баџо, Вијали, германскиот мајстор на фудбалот Мелер.

Но се било залудно. Јувентус само му се приближил на големиот Милан со Капело кој тогаш доминирал со светскиот фудбал, но никако не можел да го стигне. Умберто Ањели сменил се: главниот тренер, медицинскиот штаб, кондиционите тренери, спортскиот и извршниот директор. Умберто удрил со рака на маса и направил права револуција.

Умберто Ањели

Во клубот дојдоа Марчело Липи и Лучано Моџи. Главен кондиционен тренер станал Вентроне. Од младинскиот сектор во првата екипа бил прекомандуван фамозниот доктор Агрикола. Местото извршен директор му го довериле на Антонио Џираудо кој долги години работеше рамо до рамо со Умберто Ањели.

Како резултат на овие промени настана легендарниот Јувентус од ’90-те години кој три пати ПО РЕД стигнуваше до финалето на Лигата на шампионите - екипата на Дел Пјеро, Југовиќ, Пауло Соуза, Дешам, Зидан и Давидс е проект на Умберто Ањели кој го претставува другото крило од двете крилја на славното семејство.

Такво нешто сега му припаѓа на Андреа Ањели - актуелниот претседател на „Бјанконерите“. А и многу луѓе обично мислат дека Џон Елкан и Андреа Ањели се братучеди. Причината за тоа е зборот nipote кој во италијанскиот јазик значи внук. Џон Елкан е внук на Адвокатот од ќерка, а Андреа Ањели како син на Умберто Ањели му паѓа чичко на Џон Елкан.

Андреа Ањели и Џон Елкан - двајцата газди на Јувентус

На почетокот на ХХI век Јувентус повторно се приближи кон врвот. Екипата за малку не го освои толку посакуваниот трофеј во Лигата на шампионите - изгуби на пенали од Милан на „Олд Трафорд“. Лучано Моџи, сивата еминенција на италијанскиот фудбал трет пат по ред направи страшен состав: Буфон, Недвед, Ѕамброта, Ибрахимовиќ, Канаваро, Виера. Најдобар показател за тоа е финалето на Светско 2006-та во Берлин каде на теренот имаше осум јувентини.

Следуваше темната историја и скандалите Тотонеро и Калчоскомесе кога се отвори „Пандорината кутија“. Во Италија е многу застапено мислење дека во Калчополи било вмешано и семејството Ањели. Некои дури сметаат дека тие се инспиратори и организатори.

Денес, речиси никој не сомнева дека во најмала рака семејството дошло до колаборационизам со оние кои ја заплеткаа аферата.

Јувентус имаше и средства и моќ да избегне исфрлање во Серија Б, но распродажбата на ѕвездениот состав беше неминовна. Исто и Милан против кој беа пронајдени сериозни докази за интервенција кај судиите, но „Росонерите“ лобирале во Лега Калчо (главната управа на Серија А) да останат во прва лига и да играат во Европа.

Помалку влијателните Лацио и Фиорентина останаа во лигата и парично беа казнети поради докази за вмешаност во фингирање на судии и резултати. Интер не само што избегна санкции зошто не беше вмешан туку го доби и скудетото кое му беше одземено на Јувентус.

За најпопуларниот и најмоќен клуб во Италија тоа беше горка чаша испиена на дното.

Пасивниот однос на адвокатите на Јувентус кои не доставиле жалба во гражанскиот суд и гробничкиот молк на контролираните средства за масовни информации (многу новинари со години публикуваа статии во одбрана на Јуве), изгубеното реноме кај La Gazzetta dello Sport, манипулацијата со акциите во време на скандалот и демонстрација на дистанцирање од Лучано Моџи - сето тоа покажуваше дека одредени центри на моќ сакале да влезат во клубот.

Уште во средината на 2000-те стана јасно дека голем дел од наследството на Адвокатот ќе отиде кај Елканови, неговите внуци. Но исто станало јасно и дека не можело сите да управуваат со Јувентус во исто време. Не можат ниту сега зошто го немаат контролниот пакет Giovanni Agnelli B.V. За се решаваат акционерите кои се многу чуствителни на јавното мислење.

Замислете - од една страна Андреа, син на Умберто Ањели, архитектот на последниот Голем Јувентус. На негова страна познатата Тријада - Моџи, Бетега, Џираудо. А заедно со нив и сите навивачи.

Од друга страна - Елканови. Џон и Лапо. Вториов важи за најголемиот трошаџија и бељаџија во целото дрво на живот на семејството Ањели. Во 2005-та година фамилијата се откажала од него после многу скандали, а кулминација била кога се предозирал на забава во друштво со трансвестити. Тогаш го спасил 54-годишниот Донато Броко кого го викале Патриција. Овој трансвестит викнал Брза помош и на време го спасиле Лапо Елкан. После тој случај семејството го избркало во Америка.

Екстравагантиот Лапо Елкан кој живее развратен живот во САД

Но неправилно е да се мисли дека Тријадата (Моџи-Бетега-Џираудо) била негативно настроена кон Лапо и Џон Елкан. Во книгата „Фудбалот во срцето“ Лучано Моџи набројува неколку примери кога уште пред Калчополи управата на Јувентус со сите сили сакала во клубот да ги приближи двајцата браќа Елкан, Џон и Лапо.

Поранешниот генерален директор на Јуве дури и објавил стенограм направен во 2005. година од телефонски разговор со Лапо на кој се слуша дека четири пати му предлагал да разговараат за негов влез во клубот. Но Лапо постојано одложувал - наместо да дојде во Милано, тој одел на журка со другарите во вила во Палермо. На крај сфатиле дека на екстравагантиот Лапо Елкан Јувентус не му бил совршено интересен.

„Во интервјуата Лапо Елкан често не критикуваше нас и не напаѓаше. Се сеќавам кога кажа дека Јувентус треба да биде понасмеан. Тој никогаш не ја криеше својата антипатија кон Тријадата. Но ние никогаш не му го земавме за зло“, се сеќава Моџи.

Подоцна се испостави дека Лучано само сакал да го заштити Лапо што е вистина.

Следната екипа раководители на Јувентус - Секо, Коболи Џиљи и Блан (претставници на крилото на Елканови) апсолутно ништо не направи за клубот. „Насмеаниот Јуве“ за кој мечтаел Лапо конечно се врати во Серија А но беше просечен тим без моќ пак да стане лидер во лигата. Тој Јувентус остана запаметен како „Јуве седмопласираниот“.

Лапо доаѓа да го гледа Јувентус, но најчесто е на журки во САД

Тие не сфаќале дека Јувентус не е создаден само да учествува. Создаден е да победува. 

И тогаш се повтори она што се случи на почетокот на ’90-те. Како и кога на хоризонтот се појави претставник на другото крило од семејството Ањели. Во 2010-та година претседател на Јувентус стана Андреа Ањели којшто го следеше примерот на неговиот татко од ’94-та.

Буквално удрил со рака на маса и решил да смени се. Од тренер, генерален директор и извршен директор до чистачки. И се роди новиот Јувентус кој спектакуларно освои шест скудета по ред и за три години два пати стигна до финалето на Лига на шампиони.

Што е најважно, Бепе Марота, алфа и омега во Јувентус е далеку од Ужасниот Лаки Лучано Моџи. Андреа Ањели притоа направи финансиско чудо и за кратко време ги зголеми акциите на клубот за пет пати повеќе па Јуве брзо застана рамо до рамо со најголемите европски гиганти.

Иако секогаш постојат гласини за несогласувања околу двете крила - како на пример иницијативата на Елканови да се вратат на чело на клубот а гневот на тифозите да го смират со тоа што ќе го вратат Дел Пјеро во структурата на клубот, или гласината дека Џон Елкан наводно бил спремен да го продаде својот дел акции во Јувентус на Андреа Ањели за 2 милијарди евра.

Умберто Ањели на времето велеше дека Јувентус е страст која обединувала и ги обединува сите различни нации, вери, социјални статуси. Поради таа страст понекогаш околу клубот се прават престапи, но едно е јасно „Сињората“ никогаш не трпи рамнодушност.

Никој и не треба да заборави на одлучувачкиот аргумент. Веѓите на Андреа Ањели - се карактеристиен знак на сите претставници на славното семејство. Просто споредете ги со веѓите на Елканови и се ќе ви стане јасно.

Како тука да не го спомнеме Оскар Вајлд кој рекол: „Нема ништо поплитко од тоа да судиш за човек по надворешниот изглед“.