Што нè чека во петтата рунда на ФА купот?

Ќе ризикува ли Ливерпул со ровитиот Даниел Стариџ, може ли Брадфорд до уште едно чудо и што има во продавницата на Арсенал и Лестер? Одговор на овие прашања ќе донесат натпреварите од ФА купот кои се играат викендов.

Ќе се справи ли Арсенал со обемната работа?

Арсен Венгер призна дека неговиот тим не играл најдобро против Лестер и тоа поради тешкиот пораз од Тотенхем претходно. Во секој случај, Арсенал е единствената екипа што сè уште игра во ФА купот и во Лигата на шампионите и тоа не е занемарливо. Иако Венгер го смета ФА купот за трет приоритет, во недела против Мидлсбро во составот би требало да се појават Алексис Санчез, Џек Вилшер и Габриел Паулиста.

Од друга страна, Мидлсбро игра во одлична форма, врза пет победи во Чемпионшип, каде не знае за пораз од средината на октомври минатата година. Исто така, Мидлсбро нема да се исплаши од Емирати стадионот, затоа што сезонава веќе елиминираше уште поголем фаворит и тоа Манчестер Сити на Етихад. Дуелот од 5. рунда на ФА купот меѓу Арсенал и Мидлсбро се игра во недела од 17:00.

Тренерска вртелешка во Вила и Лестер

Поради големото исчекување на филмската адаптација на „Педесет нијанси сиво" викендов во Бирмингем, Астон Вила не може да очекува многу публика против Лестер. Вила и онака сезонава игра очајно, со една нога е во Чемпионшип, така што дуелот од 5. рунда на ФА купот против Лестер не предизвикува многу големо внимание.

Астон Вила има пет порази на последните шест натпревари, а славеше едвај против Бурнемут во претходното коло од ФА купот 2:1. На тие шест натпревари, Вила постигна само три голови, а прими дури 13.

Лестер веќе елиминираше неколку премиерлигаши од ФА купот, прво Њукасл, па потоа Тотенхем и тоа на гостински терен.

Дилемата на Брендан

Селхарст Парк во последно време не е среќно игралиште за Ливерпул. На крајот од средбата Кристал Палас - Ливерпул минатата година, Суарез се прослави со своето гризење, а минатиот ноември Ливерпул беше декласиран со 3:1. Во ситуација кога црвените немаат шанси за титула и кога останаа во Лига Европа, сакаат на Џерард да му донесат уште еден пехар пред да замине за САД.

Кристал Палас е растеретен, игра најдобар фудбал од почетокот на сезоната и тренерот Алан Пардју веќе може да каже дека опстанокот во Премиер лигата е обезбеден. Според Брендан Роџерс, приоритет на Ливерпул до крајот на сезоната останува влез меѓу четирите најдобри екипи и пласман во Лигата на шампионите следната година. Поради тоа, за очекување е Ливерпул да не влезе доволно мотивиран во Лондон против Кристал Палас, особено што Роџерс сака да ги одмори најдобрите фудбалери. Џерард и Леива се повредени и ќе отсуствуваат.

ФА куп 5. рунда:

(сабота)

ВБА - Вест Хем 13:45
Блекбурн - Стоук 16:00
Дерби - Рединг 16:00
К. Палас - Ливерпул 18:30

(недела)

Астон Вила - Лестер 13:30
Брадфорд - Сандерленд 15:30
Арсенал - Мидлсброу 17:00