На 24 март во четврток од 20.45 Македонија во Палермо ќе игра против Италија, четирикратен светски и актуелен европски шампион. На хартија многу посилен, астрономски поскап состав.
Но фудбалот е интересен токму од таа причина. Не секогаш победува посилниот. Доказ за тоа е нашиот историски триумф во Дуизбург против Германија.
На безмалку година дена од тој 31 март 2021-ва кога направивме бум, работите се сменети. Го немаме Горан Пандев кој е во пензија а ќе бидеме ослабени и со неиграњето на најважниот носител на играта Елиф Елмас.
Под знак прашање е и моторот на селекцијата, Адеми кој ги одработел последните неколку тренинзи но не е сигурно дали е спремен во целост. Ќе недостига многу и Костадинов кој во изминатите години се профилираше во идеален партнер на Адеми.
Како што во моментов стојат работите, селекторот Благоја Милески би требало да се одлучи за оние кои и досега го изнесоа најголемиот терет:
ГОЛМАН И ОДБРАНА
На голот речиси сигурно ќе почне стандардниот Столе Димитриевски кој има одлична сезона во Рајо Ваљекано. Во одбраната би требало да стоиме со 4 фудбалери: десно Стефан Ристовски, стопери Дарко Велковски и Висар Муслиу, а лево Езѓан Алиоски.
Покрај нив за место од клупата конкурираат уште и Кире Ристевски, Тодор Тодоровски, Стефан Ашковски и Никола Серафимов.
СРЕДЕН РЕД
Линијата која беше клучна во некои претходни походи, овојпат ќе претрпи драстични измени.
Последни играчи за врска кои ќе стојат пред одбраната, во ситуација ако Адеми остане на клупата, би требало да бидат Бобан Николов и Стефан Спировски. Во зависност од формата во даден момент шанса би можел да добие и Ердал Ракип од шведски Малме. Ракип е профил на играч потребен за вакви средби, фудбалер кој покрај деструктивните задачи, често знае мирно да ја изнесе топката кога ривалот игра висок пресинг.
Доколку селекторот се реши за формација 4-2-3-1, тројца играчи кои ќе имаат задолжение да креираат ќе бидат Енис Барди, Александар Трајковски и Дарко Чурлинов.
НАПАД
Во самиот шпиц во отсуство на Адис Јаховиќ кој е повреден би требало да игра Милан Ристовски, стрелец на неколку голови за словачки Спартак Трнава во изминатиот период.
Шанса од клупата за да ја засилат навалата најверојатно ќе чекаат Бојан Миовски, Ваљон Етеми, Давид и Дориан Бабунски и Јани Атанасов.
Можни стартни 11 (4-2-3-1): Столе Димитриевски, Стефан Ристовски, Дарко Велковски, Висар Муслиу, Езѓан Алиоски, Бобан Николов, Стефан Спировски, Енис Барди, Александар Трајковски, Дарко Чурлинов, Милан Ристовски.
КАКО ЌЕ СТОИМЕ ФОРМАЦИСКИ?
Селекторот Благоја Милевски за разлика од неговиот претходник Игор Ангеловски кој доследно и успешно ја спроведуваше тактичката поставеност со тројца играчи во последен ред и тоа донесе историски резултати, неретко се решаваше за игра со четворица во последен ред.
Се испостави дека и таа замисла е успешна, за што зборува и сјајното второ место во квалификациите во група со Германија, Исланд, Романија.
Но тактиката е склона на промени во зависност од ривалот, така што сега Милевски би можел да се одлучи за дефанзивна варијанта со 5-3-2. Таквиот избор би донел бункер пред голот на Димитриевски и да се чека шанса од контра напади, имајќи предвид дека Италија со Манчини бара игра со целосен посед на топка.
Доколку се реши за 5-3-2, Милевски на терен би требало да ги испрати: Димитриевски, Ристовски, Муслиу, Велковски, Кире Ристевски, Алиоски, Николов, Адеми/Спировски, Ракип, Барди, Милан Ристовски/Трајковски.
Милевски од првиот ден на селекторското столче изјави дека негова идеја е стриктно офанзивен фудбал, а таквиот став го оправда и во квалификациите каде дадовме доста голови и имавме одличен ритам.
Но сега против нас е европски првак, бодрен од 36.000 навивачи кои со години не ја виделе својата репрезентација. Влогот е огромен, и за едните и за другите. Италија го пропушти претходното Светско првенство 2018 во Русија и не сака да си дозволи нов фудбалски шамар. Македонија сонува прв пласман на Мундијал во историјата.