Остра реакција следуваше од најпознатите аргентински весници после поразот од Чиле на Копа Америка, а најголем дел од нив со прст покажуваат во Лионел Меси, капитенот на Гаучосите. Меси не успеа во својата земја да го донесе трофејот кој недостасува цели 22 години и нацијата остана разочарана.
Дневниот весник Оле' кој е најпопуларен во Аргентина, со збор на уредникот остро го напаѓа асот на Барселона, кој бил неспособен да освојува трофеи со репрезентацијата.
„Најдобар е на светот, но не ја заслужува капитенската лента на Аргентина“, пишува весникот.
Лео Фаринела, главниот уредник на Оле' вели дека фудбалската репрезентација цели 22 години им подарува само разочарувања на навивачите.
„Доста со извинувања, ве молам. Покажете барем малку почит до луѓето што седеа пред телевизорите или штедеа пари да отидат во Чиле за да го гледаат финалето меѓу илјадници домашни навивачи. Треба да побарате да ви се прости. Да спуштите глава како што одлично знае да наведне глава Меси", вели уредникот на Оле'.
Во текстот, весникот ги напаѓа сите, но најмногу Меси. Според нив, тој е способен да прави магии во Европа а не е способен да преземе одговорност како поранешните аргентински шампиони во репрезентацијата.
Последниот трофеј на Аргентина датира од 1993. година, кога ја освоија Копа Америка во Еквадор. Од тогаш па наваму само порази во финалињата. Можеби кривицата не е само во Меси, но Аргентина е уморна од разочарувања и бара виновник.
„Одлична прилика беше да се вратиме по финалето на СП против големата Германија, но овој пат ни фалеше Меси“, заклучува Фаринела.
Меси досега има два трофеи со репрезентацијата на Аргентина, но во младински категории.