Што е работата со еден од најдобрите напаѓачи во Серија А?

Кога пред две години Мауро Икарди две илјади пати го прашаа за Реал Мадрид, тој одговори дека ќе остане во Интер додека не го избркаат на сила. Тогаш делуваше смешно, но денес е јасно дека попрво Занети ќе отиде во Јувентус отколку Икарди да добие нов договор.

За шест години во градот на модата, Икарди стекна репутација на незрело детиште. Ги сликаше децата на Макси Лопез во дресови со негово име, им се закануваше на тифозите на Интер со аргентински криминалци, сакаше да купи ајкула и напиша повеќе книги отколку што има прочитано.

Но чудно секогаш се покажа спремен да ја помине кариерата во Интер. Мауро како мал никогаш не го сакал фудбалот, татко му го терал да престане, а малиот подоцна давал по 7 гола во едно полувреме.

Во Милано Икарди си најде комфорна зона која не планира да ја напушти.

ПРОБЛЕМИТЕ НА ИКАРДИ СЕ ПОРАДИ ВАНДА, НО ИНТЕР ЗГРЕШИ СО НЕГО

Секако дека Аргентинецот не би морал да влезе во конфликт со Интер ако не беше Ванда Нара, жената која за 10 години помина пат од модел до девојка на фудбалери и сериозен спортски агент.

Да потсетиме, таа беше во брак со најдобриот пријател на Икарди, фудбалерот Макси Лопез. Мауро им го растури семејството а се скарал и со своите најблиски (братот и сестрата на Икарди не ја поднесуваат Ванда).

Колку и да сака, Ванда Нара не може да биде Мино Рајола и да опстои во жестокиот свет на менаџерите. Икарди еднаш во интервју раскажал дека таа е незадоволна кога остануваат дома со децата наместо да одат на забави во ноќни клубови).

На 13 февруари Интер му ја одзема капитенската лента откако Икарди јавно ја поддржа жена му во конфликтот со клубот. Пред Интер да крене раце од Икарди, Ванда Нара направи неколку глупости:

- го понижи клубот: „Икарди може да викне кого сака во Интер само да мрдне со прст“;

- ја наруши атмосферата во тимот: во студио на телевизија отворено сподели веродостојна информација од соблекувалната дека проблеми правел Перишиќ кој сакал да замине во Арсенал. Хрватот го советувал Мауро да ја прибере жена му и таа да не се плетка во туѓи работи;

- покажа непочит кон тимот и се мешаше во работата на управата: „Интер мора да купи играчи кои можат да му асистираат на Икарди (составот во моментот на таа изјава го направи Мауро најдобар стрелец во сезоната 2017/2018 а тој им заблагодари со тоа што им купи по еден часовник „ролекс“ кој чини стотина илјади евра);

- Го „советувала“ Спалети кого да игра во тимот: „Би можел почесто да го пушта Мартинез заедно со Икарди, тие и така се другари“;

- Го обвини клубот дека недоволно го штити Икарди од надворешни влијанија;

- Го кривеше Спалети дека лажел за продолжување на нов договор.

Ваквиот мизерен однос на Ванда Нара му го наруши имиџот на Интер кој затоа му ја одзема капитенската лента на Икарди и одби да му понуди нов договор.

Но ова беше грешка на клубот, затоа што не смееше да дозволи среде сезона да сигнализира за внатрешни проблеми. Тоа се одрази силно и на цената на Икарди која во меѓувреме падна.

Интер не се обиде да го згасне пожарот, туку уште повеќе го разгори. Клубот објави дека сака да се раздели од Икарди и така уште повеќе го обезвреди фудбалерот кој чинеше многу милиони. Од минатогодишните 110 милиони евра, сега Corriere dello Sport пишуваше дека цената му паднала од 40-60 милиони евра.

ИНТЕР СЕКАКО ЌЕ МОРА ДА ГО ПРОДАДЕ ЗОШТО КОНТЕ НЕ ГО САКА ИКАРДИ

Аргентинецот не одговара на потребите на Антонио Конте, тренер кого Интер го бараше цела година. Конте сака жестоки играчи и борци а не проблематични фудбалери. Затоа летово Икарди веројатно ќе биде продаден.

Конте најчесто игра со два напаѓачи (во Јувентус тоа беа Џовинко-Вучиниќ или Тевез-Љоренте), Интер пред почетокот на сезоната играше формација 3-5-2, а иста тактика Антонио имаше и како селектор на Италија (Едер + Пеле).

Икарди не важи за играч кој и помага на одбраната, не се враќа на прекини и обично стои во место додека противникот има посед. 

Интер треба да процени колку би бил ефикасен Икарди во ситуација кога Конте од него би барал да биде поагилен во дефанзивните задачи, или да земе околу 100 милиони евра од негова продажба.

„Искрено не ми е гајле што викаат дека не сум тимски играч. Јас знам на тренерот да му помогнам само со голови. И тоа ми е задача. Тоа е моја мисија“, рече Икарди кој на еден меч против Сампдорија постигна 4 гола.

МАУРО ИМА ДВЕ ОПЦИИ: ИЛИ НАПОЛИ ИЛИ ЈУВЕНТУС

Антонио Конте не го зема Икарди во составот за Интернационалниот Куп. Тој тренира одделно од екипата и чека понуди. Но Јувентус е решен да одложува до август за уште да ја спушти цената, а Наполи би го купил само ако не дојдат Хамес Родригез и Ирвинг Лозано.

Новинарот на весникот Libero, Фабрицио Биазин кој е близок до Интер напиша: „Се зборува за договор меѓу Икарди и Јувентус, но вистината е дека на тој трансфер инсистира Ванда Нара. Мауро повторува дека сака да остане во Интер но летото е долго“.

На крајот, впечаток е дека Интер губи 50-70 милиони евра и еден од најдобрите деветки на светот, а Икарди ја изгуби комфорната зона и направи голем чекор назад во кариерата.

Во меѓувреме, новинарот Алфонсо Сињорини пишувал дека Ванда Нара наводно им ветила на луѓето од Јувентус дека после евентуален трансфер таа ќе се држи до строгата корпоративна етика на бјанконерите, нема да се меша во внатрешните работи на клубот и нема да се појавува веќе на телевизија.