Откривањето на спомен обележјето коешто го изработи Методи Андонов (на фтографијата лево) ќе биде во сабота од 15:30 а два часа подоцна на Градскиот стадион во Штип, ревијална средба ќе одиграат легендите на Брегалница и на Црвена Звезда. Организатор на настанот е Жарко Калуѓеровиќ, некогашен голман на Црвена звезда.
Исто како пред 39 години кога легендарниот Шеки се простил од фудбалот во Штип и за таа прилика играле Брегалница (тогаш второлигаш во Југославија) и Њујорк Иглс, тим од професионалната лига на САД и главен ривал на Њујорк Космос на Пеле.
Штип тогаш бил фудбалски центар на светот затоа што за прошталниот меч на Драгослав Шекуларац дошле многу ѕвезди предводени од најголемиот играч во историјата на Бенфика и португалскиот фудбал, Еузебио, виртуозите Рилдо и Еду, Никица Клинчарски, Молина, голман бил Раде Залад, Митеу, дошле и легендарниот тренер на Реал Мадрид Миљан Миљаниќ, Дуле Савиќ, Гојко Зец и други.
Тој 20 септември 1978-ма пред 12.000 гледачи Њујорк Иглс славел со 4:2 (4:0) а три гола за американскиот тим постигнал Слободан Сантрач, најдобриот стрелец во историјата на југословенскиот фудбал. За Брегалница голови дале Станковски и Јакимовски.
Драгослав Шекуларац кој важи за најдобриот фудбалер во историјата на Црвена Звезда е роден во 1937 година во Штип каде што играл фудбал окрај реката Отиња. Основно школо, четири години гимназија и метеоролошко училиште учел во Белград, но школото не му било толку важно колку фудбалот. Неговиот талент прв го забележал извесен Димитрие Милоевиќ кој го видел во дворот на Втората машка гимназија. За Југославнија одиграл 41 меч и дал шест гола, а за Звезда 375 меча и 119 гола за 11 години.
Освен дресовите на Брегалница и Звезда, Шекуларац ги носел и оние на Карлсруе и Санта Фе од Колумбија, како и Далас во САД.
На откривањето на спомен-обележјето и на ревијалниот меч ќе се појават Дарко Панчев, Драган Џаиќ, Илија Најдовски, Пижон, браќата Милко и Бошко Ѓуровски, Митко Стојковски, Ѓоре Јовановски, Драган Канатларовски - Цапар, Милош Шестиќ, Душан Савиќ и други.
Специјален гостин ќе биде големата легенда на македонскиот фудбал Кирил Дојчиновски.