Шпанија го освои првиот трофеј после 11 години, победена Хрватска на пенали

Во финалето на Лига Нации Шпанија и Хрватска играа 120 минути фудбал без голови. Шпанците имаа повеќе шанси, делумно поголем посед на топка, а Хрватите не ја искористија својата препознатливост во продолженијата.

Шпанија го освои својот прв пехар после цели 11 години! Уште од доминантната генерација која жареше и палеше на Европски и Светски првенства, „црвената фурија“ немаше освоено трофеј.

Во финалето играно во Ротердам, Шпанија и Хрватска играа две продолженија по 30 минути, а ова е препознатлива територија за „коцкестите“ кои во XXI век имаат дури 10 од 13 меча во нокаут фаза играно токму во продолженија.

Капитенот на Хрватска Лука Модриќ е уникатен по тоа што учествувал во дури 12 продолженија во нокаут фаза. И покрај тоа што има 38 години и е во зрели фудбалски години, тој синоќа беше меѓу оние што најмногу истрчаа (неуморниот Марсело Брозовиќ истрчал 16,5 километри).

Хрватска имаше поддршка од преку 20.000 свои навивачи во Ротердам кои од целата дијаспора и од татковината пристигнале во холандскиот град.

На пенал серијата Доминик Ливаковиќ, врвниот голман кој се прослави на Светското во Катар овојпат не одбрани ниту еден пенал. Лудо храбар беше капитенот на Реал Мадрид Дани Карвахал кој изведе паненка и така го матираше Ливаковиќ за големо славје на Шпанците, а Унаи Симон им одбрани пенали на Ловро Мајер и Бруно Петковиќ:

Интересно Шпанија стана трет освојувач на Лига Нации и трет нов владетел во овој нов турнир на УЕФА. Првото издание на Лига Нации го освои Португалија (во финале беше подобра од Холандија) во 2019-та. Второто го освои Франција (во финале против Шпанија) во 2021-ва.

Шпанците претходно во историјата на трофеј чекаа европско злато 1964-та се до европско злато 2008-ма кога започна нивната златна ера. Освоија Светско и Европско, а 11 години подоцна сега стигнуваат и до пехар во Лига Нации.

Селекторот Луис де ла Фуенте стигна до трофеј уште на четвртиот меч како селектор откако седна на клупата како наследник на Луис Енрике. Луис де ла Фуенте е малку познат на широката јавност. Тој долго време работел во младинските категории на шпанската репрезентација.

https://youtu.be/G6MJHEQWewA

Во мечот за трето место претходно во неделата, Италија со 3:2 го совлада домаќинот Холандија.

19 јуни 2023 - 09:20