Ако е пред 10 јуни ставаш два ранци, ако не тогаш два камења, мериш со стапала и ете ти гол. На колку да биде, на 6? На 6 ако е на мали, ако играме на големи голови, тогаш мериш повеќе.
Немаше потреба, а ниту имаше мобилни, па ниту да се барате на фиксен. Се наоѓаш во маало секогаш на исто место во исто време, важно е само да има простор и да не поминуваат коли, друго не те интересира.
Топката ја носиш издишана од што сте ја рогале претходниот ден. Еден ти држи да ја напумпате, други двајца бараат камења за голови. Дебелиот кој обично брани, стои и чека да почнете, а во меѓувреме јаде на нога.
Какви времиња беа тоа. Главната кавга беше дали е гол или е статива кога ќе ја шутне некој висока, а помине над стативата, па тука мора едниот да попушти за да продолжи играта.
Главната мака беше кога топката ќе ти се заглави под ауспух и стално имаше по некој храбар момак на кој не му сметаше да си го изгреба коленото од асфалтот и да си ги намачка рацете со уље.
Главните стресови беа ако ја рогнеш во двор кај Ѓоре пензионерот, кој има само една опција за да не ти ја дупне, а тоа е да му влезеш со клечење и да ја земеш без да те види. Џабе се знае со дедо ти, него љубичиците му се најважни во животот.
Убави беа тие времиња и поради тоа што ти уствари појма немаш колку е саат, а дошло време за вечера и мајка ти те вика да се прибереш, затоа што веќе ти намачкала две кришки со путер.
Тебе уствари уво не те боли, не само колку е саат, туку во кое време играш, дали си гласен поради комшиите, дали дошле гости, грмело, врнело или јако печело сонцето.
Играш додека се гледа, па ако треба и ноќе под бандера. Имаше и моменти кога ќе водиш 10:0, а тој што губи ти вика: Кој даде гол победува.
Слатко беше кога ќе стигнеш до три корни пенал и ја дадеш од гол на гол, а уште послатко кога таков испотен одиш на прва жичка за водичка кај оној што има чешма во двор.
Сето ова беше најголемата радост, обично во летен распуст. Затоа што маалскиот живот е тој што го формира човекот, а не виртуелниот свет.