Шест натпревари на ЕП кои не се за пропуштање

Ќе има многу јаки битки на ова Европско првенство. УЕФА веќе издвои шест кои ги смета за најпривлечни. Да ги ѕирнеме.

Група А: Германија – Шкотска, 14 јуни (Минхен, 21:00 часот)

Турнирот започнува со стил, бидејќи домаќинот Германија ќе се соочи со Шкотска, противник кој не е за потценување. Трикратниот европски првак се појавува на рекордното 14-то издание на Европските првенства и целта ќе биде да стартува со триумф пред своите поддржувачи.

Но, на избраниците на Јулијан Нагелсман нема да им биде лесно против Шкотска, која загуби само еднаш во квалификациите и забележа победи против Шпанија и Норвешка.

Шкотска нема победа против Германија на последните осум претходни средби, но сè може да се случи во Минхен.

Група Б: Шпанија – Италија, 20 јуни (Гелзенкирхен, 21:00 часот)

Фудбалски класик меѓу два тешкаши кои ќе се сретнат во второ коло, на петто Европско првенство по ред.

Шпанија последен пат го освои турнирот во 2012 година, откако во финалето ја победи Италија со 4:0, и овојпат ќе биде меѓу фаворитите. Имаат многу талентиран тим со млади ѕвездени имиња како Родри, Педри и надежниот крилен напаѓач Ламине Јамал.

Бранителот на титулата Италија пак, за малку го избегна квалификацискиот плеј-оф поради ремито против Украина. Аѕурите сигурно ќе бидат една од оние селекции против кој секогаш треба да се биде внимателен. На местото на Роберто Манчини имаат докажана замена, а тоа Лучано Спалети кој го освои Скудетото со Наполи.

Група Ц: Данска – Англија, 20 јуни (Франкфурт, 18:00 часот)

Данска ќе се надева на поинаков исход против Англија после поразот од 2:1 во продолженијата, во полуфиналето на ЕП 2020 на Вембли.

Двете селекции беа на врвот во своите квалификациски групи, а Англија заврши непоразена во групата Ц. Се очекува да стигнат полни со самодоверба во Германија и со надеж дека ќе напредуваат длабоко во нокаут фазата.

Овој натпревар треба да си го запишете во календарот, а инаку му претходи на големата битка Шпанија - Италија.

Група Д: Холандија – Франција, 21 јуни (Лајпциг, 21:00 часот)

Уште една атрактивна двојка помеѓу поранешни европски прваци, имаме во групата Д. Холандија сонува за титулата од 1988, а Французите славеа 1984 и 2000.

Холанѓаните немаат поминато четвртфинале од 2004-та, но со Вирџил ван Дајк, Чави Симонс и Коди Гакпо, сигурно имаат квалитет да одат понатаму во оваа прилика.

Франција на последното ЕП загуби на пенали од Швајцарија во осминафинале, а во 2016-та заврши втора. Со помош на мега ѕвездата Мбапе се надеваат на нов пласман во финале.

Инаку во квалификации два пати ја совладаа Холандија и ќе биде интересно да се види дали тоа ќе му даде психолошка предност на тимот на Дидие Дешамп.

Група Е: Белгија – Романија, 22 јуни (Келн, 21:00 часот)

Белгија треба да се чувствува најбезбедна која е во прашање нападот, откако Ромелу Лукаку постави нов рекорд од 14 постигнати голови во едни квалификации.

По неуспехот да се квалификуваат на ЕП 2020, Романците направија кам бек и ова ќе им биде шесто учество. Најуспешно прикажување им е она од 2000-та, кога успеаа да минат многу тешка група со Англија, Германија и Португалија, по што беа елиминирани во четвртфинале од Италија.

Овие две селекции само два пати се имаат сретнато, а тоа се квалификациите за СП 1994 кога и двете победија по еднаш.

Група Ф: Турција - Португалија, 22 јуни (Дортмунд, 18:00 часот)

ЕП 2024 може да го одбележи и најдобриот стрелец на сите времиња, кој е во обид да смести уште еден трофеј во неговата полна витрина.

Португалија одигра беспрекорен квалификациски циклус со 10 од 10 во групата Ј, а Роналдо постигна 10 гола и заврши на второто место на листата на стрелци.

Сепак нема да им биде лесно против победникот од групата Д, Турција која со млад тим предводен од Винченцо Монтела сметаат дека може добро да напредува во нокаут фазата.

12 јуни 2024 - 15:07