Човекот кој повеќе од 10 години е алфа и омега во хрватскиот фудбал и пошироко, денес е неправосилно осуден на единствена казна затвор од шест и пол години. Брат му доби 4 години и 11 месеци.
Сите се криви. И браќата Мамиќ, Здравко и Зоран (4 години и 11 месеци) и Дамир Врбановиќ (осуден на три години затвор) и Милан Пернар (4 години и 2 месеци). Тоа е одлука на Општинскиот суд во Осијек каде судењето беше префрлено поради наводна можност на обвинетите да влијаат врз судиите во Загреб.
Во процесот тежок 128 милиони хрватски куни, хрватскиот УСКОК (Уред за сузбивање на корупција и организиран криминал) ги теретел сите четворица дека го оштетиле Динамо Загреб за вкупно 115,8 милиони куни (околу 15 ипол милиони евра со незаконски работи од трансфери на фудбалери), а државниот буџет за 12,2 милиони куни.
На изрекување на пресудата кое почнало точно напладне не се појавил ниту еден обвинет. Здравко Мамиќ синоќа и се обратил на хрватската јавност од Меѓугорје (БиХ) и порачал дека верува како ќе биде ослободен но на соопштување на пресудата нема да дојде.
Како сведоци на судењето на Мамиќ претходните месеци се појавуваа и Лука Модриќ и Дејан Ловрен кои во меѓувреме се теретеа за лажно сведочење (прво кажале едно во одбраната па го смениле исказот). Наводно со нив двајца Мамиќ имал договор за процент од трансферите во странство.