Шеикот кој од 1992-ра навива за Манчестер, испратил понуда да го купи Јунајтед

Две официјални понуди за купување на мнозинскиот пакет акции во Манчестер Јунајтед веќе стигнале на „Олд Трафорд“. Една е од Шеик Јасим Бин Хамад Ал Тани, а друга од најбогатиот Британец, милијардерот Сер Џим Ратклиф.

Навивачите на Манчестер конечно се оддалечија од тунелот во кој заедно со нивниот клуб поминуваа подолго време. По турбулентните сезони и големата омраза кон управата и браќата Глејзер за кои велат дека се највиновни што клубот не знаеше кај тера подолг период, Јунајтед заплови во мирни води.

Холандскиот тренер Ерик Тен Хаг ја затегна екипата која бележи фантастични резултати и е активен конкурент за титулата во Премиер лига. Манчестер Јунајтед е единствен клуб во моментов кој игра на дури четири фронта (ФА Куп, Лига Куп, Премиер лига и Лига Европа).

Уште поубава вест стигна за навивачите кои наскоро би можеле да им го видат грбот на Глејзери против кои бурно протестираат со години.

Шеикот Јасим Бин Хамад Ал Тани пред неколку дена пратил единствена понуда за купување на 100% од акциите на Манчестер Јунајтед. Сите други заинтересирани страни би купиле помалку акции.

За љубовта на овој шеик од Катар кон Манчестер Јунајтед зборува и фактот што неговиот фонд е наречен Nine Two Foundation во чест на славната генерација ’92 (Гигс, Бекам, Сколс, браќата Невил, Ники Бат) која го збогати клупскиот музеј со многу сјајни пехари. Притоа Јасим Бин Хамад Ал Тани навивал за Јунајтед уште од 1992-ра година.

Во оваа понуда од соништата за Манчестер, Јасим Бин Хамад Ал Тани ветил и дека ќе вложи свои пари, а не од кредити како речиси сите други фондови ширум Европа, така што тоа ќе гарантира сигурност дека парите кои клубот ќе ги заработува, нема да одат на враќање кредити.

Сите приходи, ветил тимот на Бин Хамад Ал Тани ќе одат во клубот или во фондот од кои потоа ќе продолжуваат во хуманитарни цели.

Шеикот е спремен и да вложи пари во реконструкција на „Олд Трафорд“ на кого му треба шминка веќе извесно време, а спремен е и да изгради нова тренинг база и пријатна атмосфера околу стадионот.

Навивачите се воодушевени од плановите на Шеик Јасим Бин Хамад Ал Тани, останува уште да се види што тимот на милијардерот Сер Џим Ратклиф ќе понуди.

Досега ниту една од двете понуди не ги достигнала бараните шест милијарди фунти, а постои информација дека катарскиот шеик нуди милијарда фунти повеќе од најбогатиот Британец Џим Ратклиф.

За Ратклиф исто стои силна струја навивачи на Манчестер Јунајтед која што сака клубот да се врати во раце на локалците (Сери Џим е познат навивач на Јунајтед уште од пред неколку децении).

 

21 февруари 2023 - 10:00