Трет пехар по ред за Андалузија

Севиља со неверојатен пресврт го уништи Ливерпул

Фудбалерите на Севиља се првата екипа во историјата која три пати по ред освоила еден европски трофеј, откако вечерва со 1:3 го совладаа Ливерпул во Базел после водството на Црвените.

Почетокот започна со голема борба на средината на теренот, а првата сериозна акција ја имаше Ливерпул во осмата минута кога Џан шутираше од дистанца, но Сорија одбрани.
 
Црвените полека ја презедоа иницијативата, а во 12. минута Криковјак од гол линија ја исфрли топката по центаршутот на Стариџ. Само неколку минути подоцна англискиот тим бараше пенал затоа што Даниел Карико играше со рака во шеснаесетникот по продорот на Фирмино, но шведскиот судија само одмавна со рака.
 

Тимот кој го игра третото финале на Лига Европа по ред цели 25 минути не успеа шутне кон противничкиот гол, ниту да создаде сериозна шанса. Првиот удар кон Мињоле, Андалузијците го имаа во 32. минута после корнерот коа првиот стрелец на ЛЕ Кевин Гамеиро се обиде со ножички да го отвори резултатот.

А го отвори Даниел Стариџ во 35. преку маестрален потег, кога од левата страна шутираше со надворешен фелш со лева и од 15-ина метри го совлада голманот на Севиља за радост меѓу 12.000 навивачи на Ливерпул.

До крајот на првиот дел, избраниците на Клоп се обидоа преку брзи контранапади да ја дуплираат предноста, во 39. минута Ловрен со глава даде гол после корнер но судиите го поништија поради офсајд и на полувремето се замина со резултат 1:0.

Неверојатен старт на вториот дел. По само 20 секунди игра следуваше фантастичен продор на десниот бек Мариано кој го издрибла Морено и центрираше по земја, а Кевин Гамеиро го постигна 8-от гол сезонава во Лига Европа (16 даде во Ла Лига), за огромна радост меѓу шпанските навивачи на Сент Јакобс во Базел. Одбраната на Ливерпул беше фатена на препад затоа што голот падна на 20-ина секунди по почетокот на второто полувреме.

Тој момент значеше и уште поофанзивна игра на Севиља која во 59. минута имаше 100% шанса преку Гамеиро кој сам пред голот шутираше директно во Мињоле. Андалузијците продолжија со нападите, а Ливерпул непрепознатливо ги одигра првите 20 минути од вториот дел.

Енергијата на Севиља во второто полувреме резултираше со водство во 64. минута по една феноменална акција во стилот на Барселона. Комбинираа на средината на теренот играчите на Севиља со тики-така акција која што со гол од прва ја круниса Коке. Пресвртот се случи и на трибините каде се слушаа единствено шпанските навивачи, иако далеку помалкубројни од Англичаните.

Потоп на Ливерпул следуваше во 70. минута. Фудбалерите на Севиља влегоа во противничкиот шеснаесетник, Витоло шутираше, а топката се одби до Коке кој го постигна вториот гол на мечот за 3-1. Помошниот судија на кратко го крена знаменцето, па го спушти, офсајд немаше и голот беше признат. Играчите на Ливерпул од клупата се бунеа, но на семафорот стоеше 1-3.

Се обиде Јирген Клоп со тотална офанзива да се врати во игра, ги внесе Дивок Ориги и Кристијан Бентеке и играше со три шпица, но резултатот до крајот остана непроменет.

Севиља го освои петтиот трофеј во Куп Уефа/Лига Европа во пет одиграни финалиња, а трет по ред. Подвиг кој никој досега не го направил. Тренерот Унаи Емери со три освоени трофеи стана најтрофеен тренер во Лигата на Европа. Од друга страна, Јирген Клоп во првата сезона на клупата на Ливерпул не успеа да го освои првиот трофеј.

Хозе Антонио Рејес стана првиот играч во историјата со дури 5 освоени трофеи во Купот на Уефа/Лига Европа (3 со Севиља, 2 со Атлетико Мадрид). Црвените од Енфилд последниот трофеј во Лига Европа го освоија во далечната 2001. година. Инаку трет пат по ред во еден европски Супер Куп ќе играат две шпански екипи, затоа што во финалето на ЛШ играат Атлетико и Реал Мадрид.

Ливерпул следната година нема да игра европски натпреварувања, затоа што во Премиер лигата завршија како осмопласирани. Севиља благодарение на освоениот пехар, ќе игра директно во Лигата на шампионите.

18 мај 2016 - 22:35