Со завршувањето на секое големо натпреварување, одговорноста за пруженото на теренот ја сносат селекторите. На ударот на јавноста, по Мундијалот во Бразил се најдоа бразилскиот селектор Сколари, италијанскиот Прандели, а најмногу ниски удари заработи Капело од кого се бараше да „рапортира“ во руската Дума.
Луис Фелипе Сколари
Кога во 2012. година го замени Мано Менезес на жешката бразилска клупа, Сколари беше уверен дека ќе успее да дојде до нова светска титула, по онаа во Јужна Кореја (2002). Самоувереноста на харизматичниот „мустаќлија“ растеше по освоениот Куп на Конфедерации кога Бразил на свој терен и’ го зеде скалпот на Шпанија.
Следеа неколку спорни одлуки, во кои Сколари реши да гради тим од работници, а не техничари. „Кариоките“ отстапија од својата препознатлива игра и се ориентираа кон европскиот, прилично деструктивен фудбал каде повеќе се расипува играта на противникот, отколку што се гради својата. Од конечниот список изостанаа Кутињо кој имаше одлична сезона во Ливерпул, Лукаш Мура од ПСЖ, Кака и најдобриот стрелец во бразилското првенство лани Евертон Рибеиро од Крузеиро.
Токму недостигот на шарм во својата игра ги чинеше Бразилците големо остварување. Сколари си заминува од функцијата со голема дамка врз својата селекторска кариера.
Фабио Капело
Поголеми критики заработи и Фабио Кабело, легендарниот Италијанец кому Руската фудбалска федерација му исплати 8 милиони евра за договор до 2018. година и бонуси за пласманот на Мундијалот. Неколку пратеници од руската Дума го повикаа Капело да ги врати парите по неуспехот во Бразил каде Русите испаднаа уште во групната фаза.
Сепак, претседателот на Рускиот фудбалски сојуз, Николај Толцкиј изрази гласна поддршка за Капело за кого вели дека веќе од септември ќе почне со подготовки за квалификациите за ЕП 2016 година.
Чезаре Прандели
Ништо подобро не мина ниту Чезаре Прандели. За волја на вистината, италијанскиот селектор го избра најдоброто што неговата земја го има, но и покрај тоа Италија загуби од Коста Рика (0-1) и од Уругвај (0-1), по што „азурите" порано си заминаа дома. Прандели веднаш по Мундијалот доби понуда од Галатасарај, чијшто тренер ќе биде во следните 3 години. За негови наследници на клупата на Италија се споменуваат Манчини, Спалети, Ѕакерони и Конте.
Со смена на генерацијата од која заминуваат Буфон, Касано, Барѕаљи а веројатно и Бонучи, Италија е во потрага по селектор кој би можел да им најде достојни замени на ветераните.
Висенте Дел Боске
Откако освои се' што можеше да се освои со Шпанија, Дел Боске доживеа неочекуван крах во Бразил, меѓутоа федерацијата и понатаму има доверба во него па му ја остави репрезентацијата да ја води до крајот на ЕП во Франција 2016-та.
Луис ван Гал
Пред СП во Бразил стигна веста дека Ван Гал ќе биде нов тренер на Манчестер јунајтед. Иксусниот холандски стратег го одржа ветувањето, успешно ја подмлади репрезентацијата, постигна забележителни резултати стигнувајќи до полуфиналето и со чист образ заминува на „Олд Трафорд". Јанмат, Блинд и Класи се само некои од момчињата врз кои Холандија ќе ја гради својата иднина.
Алехандро Сабеља
После поразот во финалето од Германија, на повидок е оставка и на аргентинската клупа. Селекторот Сабеља од својата федерација побарал некој ден одмор, пред да ја соопшти одлуката дали ќе остане селектор на „Албисеселте". За потсетување, Сабеља во 2011 година го замени Серхио Батиста веднаш по Купот на Јужна Америка, каде Аргентина заврши во 1/4 - финалето.
Од друга страна, БиХ и Хрватска решија да продолжат понатаму со актуелните селектори, па така „Папе" Сушиќ и Нико Ковач добија доверба од федерациите за понатамошна соработка. За својата работа, поддршка од највисоко ниво доби и Хозе Пекерман, Аргентинецот на клупата на Колумбија. Претседателот на оваа земја, Јуан Мануел Сантос јавно изјавил како сака Пекерман и понатаму да ја води репрезентација.
Oд селекторите кои ќе ја продолжат својата селекторска авантура после Светското првенство се уште и Хорхе Кампаоли (Чиле), Хорхе Луиз Пинто (Костарика), Рој Хоџсон (Англија), Луиз Фернандо Суарез (Хондурас), Јирген Клинсман (САД), Карлос Квеирош (Иран), Куаси Апија (Гана), Aнге Постекоглу (Австралија), Пауло Бенто (Португалија), Марк Вилмотс (Белгија), Волкер Финке (Камерун), а од клупите си заминуваат Хонг Мунг Бјо (Кореа), Отмар Хицфилд (Швајцарија) и Стифен Кеши (Нигерија).