
Дејо беше главна фигура во славниот Милан од ’90-те. Со росонерите освои три шампионски скудета и Куп на европски шампиони кога блесна со прекраснен гол и асистенции во финале против Барселона (4:0).
Некогашниот фудбалер на Црвена звезда сакал да тргне со авион на денешниот погреб на долгогодишниот премиер на Италија и трофеен претседател на Милан, но...
„Зборував со Даниеле Масаро и му кажав дека би фатил лет од 11 часот, но ми кажа да почекам зошто погребот ќе биде со државни почести и дека ќе има многу строги правила и безбедносни рестрикции.
Попосле пак ми се јави и ми кажа дека можам да дојдам, па тргнав од Подгорица до Милано со кола. Ќе бидам во Дуомо денес. Не смеев да пропуштам“, рекол Дејо во разговор со новинар на Газета дело Спорт.
Ова значи дека легендата на Милан возела околу 1.200 километри за 13-14 часа од Подгорица. Тоа е, вели, најмалку што може да направи за големиот Берлуска.
„Навистина ми беше како втор татко. Многу ме сакаше. И јас него. Ќе го поздравам за последен пат, тешко тргнав на пат.
„Ја чувствував неговата љубов и секогаш ме бранеше. Правев големи грешки, но тој секогаш ќе решеше сè, ми кажуваше да останам мирен и да имам трпение.
Еднаш одбив да седнам на клупа со Андерлехт. Се крена голема врева, Фабио Капело беше бесен! Берлускони ми кажа дека е во право но и додаде: „Дејан мора да биде сфатен, тој е шампион и пати кога не игра“.
Првиот човек на фудбалскиот сојуз на Црна Гора раскажал и дека одбил да прејде во Јувентус за да дојде во Милан во 1992-ра од Црвена звезда.
„Брзо бидна. Јувентус исто ме сакаше, но Ариедо Браида дојде до Белград и потпишавме. Многу лесно беше. Милан беше на врвот на Европа. Вистина е дека можев да одам во Јуве, во Рома, во Монако во Франција. Бев во Црвена Звезда, освоивме Куп на европски шампиони, го победивме Марсеј во Бари. Требаше да добијам Златна топка ама му ја дадоа на Папен. Го изгуби финалето, заврши втор, но беше Французин. Сфаќаш?““.
Савичевиќ постигна 34 погодоци на 144 настапи за Милан.
За тешкиот однос со Капело.
„Да, беше многу тешко, не можев. Полудував, сакав да се вратам дома. После шест месеци побарав да си одам...“
Му кажа и на Берлускони?
„Да, но ми кажа да останам ведар. Капело малку ме играше, зошто тогаш напред беа Гулит, Ван Бастен и Рајкард. И ме пушташе на терен за дваесетина минути. И му реков: „Ама дај ми да играм 5-6 натпревари по ред и ќе сфатиш дека сум за Милан. Ако не сум, тогаш ќе си одам. Имаше разни побарувања тогаш, не бев последен дојден“.
Кога стана „Геније“?
„После кратко време и многу проблеми со јазикот, односот со градот, храната, друштвото, првенството различно. Ми помогнаа многу претседателот и Бобан (Звонимир). Звоне ми викаше: „Дејо, не прави будалаштини, најјак си од сите, не си оди. Ќе видиш, ќе играш и ќе пројде се“.
Пројде ли се во Атина 1994. Дејо Геније стана шампион на Европа а Берлускони премиер на Влада. Да се навратиме ли на тие моменти?
„Пак? Поминаа речиси триесет години. Но вистина е, некои работи, некои емоции не се забораваат. Игравме против Барселона, они беа фаворити, ние отфрлени. А ги победивме 4:0...“
Што ти рече тогаш Берлускони?
„Не беше таму. Само што го избраа за претседател на Владата. Ми се јави ден пред мечот: „Драг Дејан, велат дека си Гениј. Добро, ајде да и го покажеме тоа на Барселона...“
Речено, сторено...
„Да, да, добро пројде. Беше најубаво финале. И кога ќе помислам на тој гол (прекрасен лоб) во глава ми доаѓа мојот Милан, Берлускони, тој чудесен амбиент. Станавме шампиони поради него, поради нашиот голем претседател“.