Роналдо ја прекина најдолгата серија без гол во последните 13 години и прослави поинаку

Додека Лионел Меси се држеше за глава по пеналот кој му го одбрани Тибо Куртоа на дербито ПСЖ - Реал Мадрид, во Манчестер Кристијано Роналдо по соло продор постигна убав гол и го скрши отпорот на тврдиот Брајтон во Премиер лигата.

Кристијано Роналдо секој гол го прославува како да му е прв, се радува идентично на погодок против секој ривал, но синоќешниот како да го направи посебно среќен. Одамна и не прославил погодок без неговата стандардна „сииииу“ пируета, синоќа се реши на „Олд Трафорд“ да лизга на коленици:

Имаше и причина за тоа: прекина сува серија без гол на 6 меча, а такво нешто не се случило од зима 2009 година. Цели 588 минути Португалецот беше без гол. 

37-годишниот Кристијано Роналдо со голот синоќа во 18. коло од Премиер лига против Брајтон сезонава има 15 погодоци на 27 меча по враќањето во Манчестер Јунајтед.

Ова е негов прв гол во 2022 година. 

Кристијано, кого во март го очекува полуфинален дуел од плејофот за пласман на Светско првенство против Турција во Лисабон, постигнува гол дури 21 календарска година по ред! Од 2002-ра до 2022-ра!

Ова беше 93. погодок на Роналдо во Премиер лига во дресот на Манчестер Јунајтед. На вечната клупска листа Португалецот го стигна Енди Кол.

Пред крајот од мечот Јунајтед - Брајтон, Бруно Фернандеш ги постави конечните 2-0 за нови вредни три бода на екипата која имаше серија од три ремија по ред 1:1.

Роналдо сам против сите, му го истури бесот на Брајтон

16 февруари 2022 - 12:05