Рене Игита - најлудиот легендарен голман кој се дружел со Пабло Ескобар

Колумбискиот голман важеше за еден од поексцентричните фудбалери какви што фудбалот ретко видел. Тој често излегуваше далеку од својот гол, дриблаше, започнуваше напади, ризикуваше, шутираше слободни удари. Автор е на култниот удар скорпион против Англија на „Вембли“.

Рене се родил и играл во Меделин - еден од најопасните градови на светот каде во тоа време цветал меделинскиот кокаински картел на Пабло Ескобар. Наркотици, апсења, рекет, убиства, тероризам, уцени - сето тоа бил колоритот на Меделин во тоа време.

Поради големата популарност Рене Игита се дружел со Ескобар а дури има и заглавено во затвор.

Нетфликс снимил документарец за него насловен „Higuita: The Way of the Scorpion“ - „Игита: Патот на скорпионот“.

Филмот го опфаќа целиот живот на голманот меѓу што и темната страна (Ескобар, затвор итн.). Во документарецот има интересни гости како Валдерама, соиграчот од репрезентацијата.

„ДА, ТОЈ Е ЛУД, АМА ВО ДОБРА СМИСЛА“

Рене Игита растел во работничко маало во Меделин во сиромашен амбиент. Од дете бил навикнат на сиромаштија. Интересно, Игита му е мајчино презиме. Татко му ги напуштил уште кога идниот голман на репрезентацијата на Колумбија бил малечок. Мајка му починала кога Рене подпораснал а потоа за него се грижела баба му.

Фудбалот била голема страст на Рене уште од мал. Во школо тој цело време играл фудбал и тоа како напаѓач.

Почнал да тренира фудбал во Милионариос. Таму бранел толку добро што наскоро го приметиле луѓето од најголемиот и најтрофеен клуб во Колумбија - Атлетико Насионал.

Во документарецот Рене Игита раскажува забавна анегдота за дебито за најголемиот колумбиски клуб. На мечот на неговото деби тој бил резервен голман на клупа.

На полувреме отишол до кафетеријата близу соблекувалните да јаде нешто. Изненадно слушнал преку разгласот: „Рене Игита да се јави во соблекувалната на Атлетико!“ Се испоставило дека првиот и главен голман е повреден па Игита морал да влезе како замена.

Во вториот дел бранел толку добро што си го забетонирал своето место во прв тим и веќе никогаш не станал резерва пак.

„Одев напред. Често до противничкиот гол. Така чувствував, го чувствував фудбалот. Ако не играв исто како да ме нема на теренот. И тоа стана системски“, вели Игита на почеток на врвниот документарец.

После тоа во документарката зборува Хорхе Кампос, легендарниот мексикански голман кој остана запаметен по дречливо-шарените дресови кои ги носеше на Светското 1994 во САД.

„Првпат го видов Игита во Насионал. Беше пред своето време. Како играше, како кратеше топки, како поминувше. Секако, често ризикуваше но му успеваше. Некогаш луѓето не сфаќаа дека тој беше играч повеќе во одбраната. Излегуваше надвор и ги кратеше обидите за гол. Рене сам почнуваше напад. Како што викаат, нападот не почнува од напаѓачите туку од голманот“, вели поранешниот голман на Мексико.

Некогашниот помошен тренер во Атлетико Насионал, Ернан Болињо додава:

„Имаше феноменален талент за голман. Беше самоуверен. Секогаш позитивен. Никогаш не слушнав од него нешто негативно. Беше многу јак ментално. Беше прав, спонтан“.

А уште еден познат лик од Колумбија, легендарниот Карлос Валдерама кој играше во репрезентација со „лудиот голман“ (надимак El Loco), за Рене вели:

„Луѓето го сметаа за дрзок неговиот начин на игра. Но тој беше свој. Викаа: „Види го луд кучкин син!“ И да, луд. Најлуд, но во позитивна смисла“, емотивно раскажува Карлос Валдерама во документарецот.

А Мексиканецот Хорхе Кампос за прекарот на Игита „Лудиот“ вели: „Тој и беше Ел Лоцо, луд. Сите зборуваа за Рене Игита. Така и јас почнав повеќе да играм во поле. Во Мексико мене ме знаат како голман-играч. Игита беше светски познат. Тој направи револуција“.

Новинарот Адолфо Перез смета дека Игита направил голем пробив: „Луѓе не доаѓаат на стадион да го гледаат голманот, но за Игита да“.

На јунакот на документарката не му се допаѓаат разговори само за него.

„Игита, Игита, Игита... Не! Игита, Леонел, Переа, Алексис... Сите бевме дел од екипата. Не гледам само еден играч тука“, вели Рене.

Интересно тој постигнал дури 40 гола во кариерата од кои 35 од пенал. Учествуваше активно во нападите и во играта на тимот, не беше само за прекини.

„Благодарение на Пачо (Франсиско Матурана, селектор на Колумбија и тренер на Атлетико Насионал) тактиката на многу екипи во цел свет почна да се менува. До тогаш играа сите со четири позади и со либеро. Пачо ја зема позицијата либеро и ми ја даде мене. Добивме играч повеќе на терен“, раскажува Игита.

А Матурана додава:

„За такво нешто ни требаше баш таков човек како Рене. Не викам дека сум бил секогаш во право. И дека се треба да биде така и така. Просто сфатив дека за да нешто се оствари, потребен е тим пријатели, семејство“.

Токму со Матурана на клупа и Игита на гол, Атлетико Насионал испишал историја и станал прв колумбиски клуб кој освоил Копа Либертадорес. „Рене беше наш Марадона. Нашиот симбол, наше се“, вели Болињо.

БИЛ РОК ЅВЕЗДА, САКАЛ ДА ПИЕ И ДА ИЗЛЕГУВА

Игита благодарение на ексцентричниот стил на игра кога често излегувал надвор од својот гол и правел циркус, набрзо станал светски познат.

„Кога бевме на аеродром како тој да беше рок-ѕвезда или холивудски глумец. Тоа беше импресивно’, вели синот на Игита, Андрес а ќерка му Памела додава: „Ние не сфаќавме зошто не можеме да одиме во кино, во трговски центар или во забавен парк“.

Во документарецот на Нетфликс за Игита се појавува и архивско видео на кое се гледа говор на Рен епосле еден меч на кој вика „дека сега може да се оди во Кали и таму да се напиеме“. Рене многу пиел. „На секоја забава, секаде каде што имаше лом сите го гледаа Рене Игита“, кажува сам за себе голманот.

Така во една дискотека ја запознал и идната жена, Магнолија. Парот со тек на времето добил две деца.

„Игита беше голем моден лик. Носеше кратки панталони така што сите да можат да му го видат задникот, згодните нозе. Жените едноставно паѓаа. Дури и го фалеа дека е секс симбол“, вели Болињо кој прснува од смеење.

НА СВЕТСКО 1990 СЕЛЕКТОРОТ ГО ПРАШУВАЛЕ ЗА ТРГОВИЈА СО НАРКОТИЦИ А РЕНЕ ПРАВЕШЕ МНОГУ КИКСОВИ

Репрезентацијата на Колумбија на Светското 1990 беше составена воглавно од играчи од Атлетико Насионал, а селекторот Матурана бил и тренер на екипата и селектор на Колумбија. Под негово водство за првпат отишле на Светско првенство после цели 28 години.

„На прес-конференција почнаа да ме прашуваат за нарко трговија. Зборуваа за Пабло Ескобар, за насилство. Им кажав дека наркотици не измислиле Колумбијци, дека наркотики измислиле Американци и Италијанци“, се сеќава Франсиско Матурана за првите денови од Мундијалот во Италија ’90.

Колумбија играше одличен фудбал и ја помина групата. Влегоа во 1/8 финале и таму се судрија со исто силниот и легендарен Камерун. На тој нивен меч Рене Игита направи катастрофална грешка, после која култниот центарфор Роже Мила постигна гол. Поради тоа наводно го завикале Игита „Лудиот“.

После мечот Игита ја признал грешката и се извинил пред новинарите и пред репрезентацијата. Но таму никој не го кривел. Бекот Луис Карлос Переа признал дека му дал лошо додавање на Игита и практично го заглавил со Камерунецот Роже Мила. Селекторот Матурана рекол исто дека цела екипа одиграла слабо а не Игита.

На враќање во Колумбија ги пречекале како херои. Луѓе се радувале и славеле добар настап на Светско првенство. А и како не би кога цели 28 години не биле на Мундијал.

Интересно Рене Игита бил повод зошто ФИФА ги смени правилата. До тој момент до Светското 1990 голманите комотно и слободно можеа да си фатат топка со рака ако им ја врати нивен играч. Тогаш немало смисла да се врши пресинг врз противничките одбранбени фудбалери па ФИФА решила го смени тоа и забранила игра со рака по вратена топка на голман.

„Светското 1990та беше рекордно по број на задржувано време. А најмногу време се трошеше кога ќе им се вратеше топка на голмани. Кога видоа дека јас играм, се собрале и рекле и голманите можат да играат. Така што ова е „правило Игита“. Тоа јас му го дадов на светот. Среќен сум и горд што му го оставив на фудбалот ова правило“, се гордее Колумбиецот.

Правилото стапи на сила веднаш после Евро 1992.

СЕ ДРУЖЕЛ СО ЕСКОБАР И БИЛ ВО НЕГОВИОТ ЗАТВОР

Постепено одиме кон малку потмурни теми. Дружбите со Пабло и со криминална Колумбија.

„Ние трпевме. Например одиме на тренинг. Се случуваше да го откажат зошто на улиците на Меделин или во трговски центри пукнала бомба. Ние (фудбалерите) бевме знаменосци. Потребни беа луѓе како нас. За сите. Особено оние кои имаа влијание. Сите го сакаа „Ел Локо“. Тој стана толку популарен и харизматичен во земјата што се појави и непосредна закана по неговиот живот, по неговата слобода“, се сеќава бекот кој играл со Игита, Переа.

На едни архивски кадри се гледа како Игита зборува дека добивал писма со закани. Не е јасно од кого, зошто и како би му се заканувал. Тој раскажува и за 1991-ва кога Ескобар завршил во затвор. Не во обичен, туку (знаат оние кои ја гледале серијата за него) во затвор кој сам за себе си го изградил - со фудбалски терен, со бар, со билијар, со џакузи, со водопад, со сите погодности. Во тој затвор можеле да го посетуваат членови на неговото семејство, пријатели, проститутки и бизнис ортаци.

Еден ден таму дошол и Рене Игита на гости.

„Памтам како поминавме покрај чуварите, ни го покажаа влезот. И јас истрчав за да не ги задржувам луѓето кои седеа надвор во кола. Одев на многу места. Зошто? Затоа што сум ѕвезда, познат човек. Ако добиев покана не можев да ја одбијам“, додава Игита.

Кога тој излегол од познатиот „Ла Катедрал“ затвор на Ескобар, новинар го прашал дали му е Пабло другар, а голманот рекол: „Да“. И тоа му го усложнило животот.

„Работата е во тоа што пред да стане наркобарон, Пабло беше пратеник во Собрание. Водеше кампања во време кога се запознав со него. Кога никој не признаваше, јас сам признавав: „Да, он ми е другар“.

Тогаш се појавиле први сериозни прашања за документарецот. Имено зборовите на Игита не се сосема верни. Ескобар станал политичар уште кога веќе бил наркобос.

Роберто Ескобар, братот на Пабло за дружбата на наркобосот со голманот вели:

„Луѓе се познаваа со брат ми и од некаков интерес. Но Рене се разликуваше од останатите негови другари. Нивната дружба беше проста. Чиста дружба. Во тоа немаше ништо чудно“, вели Роберто.

ОСЛОБОДИЛ КИДНАПИРАНА ДЕВОЈКА

Во Меделин во 1993-та година Рене Игита помогнал во еден сериозен случај.

„Ме викна кај него претседателот на Атлетико Насионал. Ми рече: „Еден познат наш навивач има проблем. Му ја киднапирале 13-годишната девојка. „А јас зошто сум овде“, го прашал Игита. „Тебе те знаат и уважуваат. Ти ќе бидеш посредник за на девојката ништо да не и се случи“, му рекол претседателот на Атлетико, а Рене одговорил: „Ако можам да помогнам и ако е тоа во моите сили, спремен сум“.

Специјално за документарецот интервју и правеле и на жената која била киднапираното девојче. Таа дала интервју без да се покаже себеси и без да се именува.

 

„Никому не сум раскажала. Никој не знае. Ни моите другарки ни моите колеги, никој. Оваа историја ќе ја раскажам првпат. Но за добро дело. Одев во школо. Два моторцикли застанаа пред колата и влегоа во колата. Го исфрлија возачот. Ме ставија напре и ме одвезоа. Беше тоа 30-ти април 1993-та година. Месец дена ме држеа.

После еден месец по средбата на Игита со првиот човек на Атлетико Насионал, пак му се јавиле на голманот. И тој отишол кај таткото на девојчето кој бил исто многу влијателен.

„Во тоа време имавме касети. На касета имаше запи од разговорот на киднаперите и семејството. Грабнувачот рекол: „Не сакам да имам со тебе ништо“. А таткото рекол: „Игита ќе ни помогне да ја смириме ситуацијата“ на што грабнувачот додал: „Од денес ќе зборувам само со него директно. Со него ќе се разбереме. Ако видам и еден џандар кај тебе дома, знаеш што ќе биде со девојката“, раскажува Игита за драмата која што ја преживеал.

Двете страни го одбрале него затоа што сметале дека има надеж тој да реши. „Беше полесно да се реши оваа работа на ваков начин без да се ризикува за детето, отколку да им се каже на надлежните и некој да настрада. Мислам дека и затоа ми се јавија, за се да биде тивко. Со гаранција дека никој нема да се јави во полиција“, раскажува Игита.

На Игита му дале куфер со пари, тој го ставил во кола и отишол дома.

„Излезе дека сме биле во градот. Јас не знаев каде сум. Не сфаќав што се случува. Мислам дека беше во Меделин во скромен дом. Немав никаква можност да зборувам со родителите. Многу слушав радио и за мене зборуваа на вести. Секој ден се плашев што ќе направат со мене“, раскажува во документарецот жената која била грабната на времето како девојче.

Рано изутрина кај Рене Игита дома дошле луѓе од грабнувачите. „Прашав за Марсела. Ми рекоа дека треба да им верувам. Но Марсела не беше тука. И во глава ми се уврте: „Како сега да правам“? Дечкото кој беше со нив рече: „Одиме“, се сеќава Игита.

„На последниот ден, 29 мај 1993-та година, дојдоа кај мене и ми рекоа оди. Тргнав, неизмиена, во валкана облека. Ме ставија во кола. Неколку пати возевме низ Меделин. Кога излегов од колата ми рекоа да се префрлам во друга кола пред нас. Ништо не прашував. Просто влегов таму“, се сеќава жртвата 30 години по грабнувањето.

Игита го однеле кај Универзитетот во Меделин. Таму околу него се собрале студенти кои му барале автограми. Како што било договорено, после 10-15 минути кај голманот дошло и девојчето. Рене мислел дека и таа сака автограм, но сфатил дека е Марсела. Го зел девојчето и го однел кај родителите.

Среќните родители направиле голема вечера и прослава а на Игита му дале подарок од 50.000 долари. Тој одбивал но на крајот го убедиле.

На прв изглед приказна со среќен крај каде Рене е херој. Никој и никаде веќе не поставувал прашање што, кој и зошто. Така било во Меделин - светската престолнина на криминалот во тоа време.

Неодамна во Колумбија беа грабнати и родителите на познатата ѕвезда на Ливерпул Луис Диаз чија мајка набрзо беше ослободена а татко му неколку денови подоцна.

ЗАВРШИЛ ВО ЗАТВОР ПОРАДИ СЛУЧАЈОТ СО ОСЛОБОДУВАЊЕ НА ДЕВОЈЧЕ

Дента кога успеал да го спаси девојчето, му се јавиле од обвинителството а набрзо и го уапсиле.

„Два хеликоптера ме однесоа во Богота. Таму ме чекаше кордон од 20 возила. На вести збореа дека јас сум бил грабнувачот, не дека сум посредник. За мене се зборуваше полошо од најголемиот колумбиски наркобос“, се сеќава Игита.

За властите учество во ослободување на девојчето без нивно знаење бил доволен повод за апсење. Особено што Игита важел за пријател на Ескобар.

„Ми рекоа да им го предадам Пабло и ми ветија дека нема да ме стават во затвор. Почнаа грубо да се однесуваат со мене. Ме викаа лудак и кучкин син и дека ќе гнијам во затвор“, се сеќава Игита и додава дека бил уценуван и мачен да каже каде се наоѓа Ескобар.

„Верувале или не, се ценкаа со мене. Нивната мета беше Пабло Ескобар. Ми рекоа: „Дај го Пабло и ќе ги повлечеме сите обвиненија!“

5 декември 2023 - 14:45