Во последно време сè погласно се зборува за евентуално враќање на Кристијано Роналдо во Мадрид, иако спортскиот директор на Јувентус Фабио Паратичи изјави дека „во Јуве уживаат што Кристијано е со нив и дека тој уште долго време ќе игра за екипата“.
Зинедин Зидан на прашањето за враќање на Португалецот рече: „Може да се случи. Знаеме кој е Кристијано и што направи во Мадрид. Јас имав среќа да го тренирам. Ќе видиме што ќе се случи во иднина“.
Во летото 2018-та година Реал Мадрид доби 100 милиони евра од Јувентус за Португалецот и плус уште 12 подоцна од бонуси. Вкупно околу 112 милиони евра.
Ова беше и највисока сума платена за играч постар од 30 години во светскиот фудбал.
Во исто време Реал реши да го надомести заминувањето на Роналдо и потроши астрономски 304 милиони евра за фудбалери од нападот. Купи 6 играчи кои требаше да блеснат а кои дадоа смешни 35 гола за три години.
Винисиус - платен 45 милиони евра, досега дал 13 гола
Родриго - платен 45 милиони евра, досега дал 8 гола
Мариано Диаз - платен 22 милиони евра, досега дал 6 гола
Еден Азар - платен 115 милиони евра, досега дал 4 гола
Лука Јовиќ - платен 60 милиони евра, досега дал 2 гола (го позајмија во Ајнтрахт Франкфурт со право на откуп)
Брахим Диаз - платен 17 милиони евра, даде само 2 гола и го позајмија во Милан
КРИСТИЈАНО РОНАЛДО ОД МОМЕНТОТ КОГА ДОЈДЕ ВО ЈУВЕНТУС ДО ДЕНЕС ПОСТИГНА 95 ГОЛА НА 122 МЕЧА.
Португалецот е главен играч на бјанконерите. Откако потпиша со гигантот од Торино Кристијано има 95 гола и 22 аситенции на 122 натпревари за Јувентус. Само сезонава има 30 гола на 30 меча во сите натпреварувања (23 погодоци на 23 настапи во Серија А).
Минатиот викенд постигна хет-трик за 23 минути, го надмина апсолутниот рекорд на Бразилецот Пеле и влезе во вечноста.
Реал Мадрид сезонава даде само 46 гола на 27 меча во Ла Лига - најлош показател уште од сезоната 2006/2007 кога после 27 кола дадоа смешни 37 гола.
Затоа Зидан не го исклучува кам-бекот на Роналдо иако Португалецот уште не се изјаснил по ова прашање.