Реал и Барса на пеглање поради навредливи песни

Навивачите на Барса викендов ги навредуваа ривалите од Еспањол, а оние на Реал скандираа против Меси и Каталонија, по што 17 навивачи добија доживотна забрана да влезат на Сантијаго Бернабеу.

По убиството на еден навивач на Депортиво минатата недела, фудбалската федерација на Шпанија реши детално да ги следи сите активности и поврзаноста на клубовите со нивните навивачи. Дисциплинската комисија донесе одлука според која секој четврток ќе се „чешлаат“ извештаите на делегатите и судиите присутни на натпреварите од Ла Лига.

Барселона во саботата го декласираше градскиот ривал Еспањол со 5:1, но победата остана во позадина на навредливите скандирања на Камп Ноу, каде често се слушаше „pericos bastardos" (папагалски копилиња), Perico, recuerda que eres una mierda (папагали, не заборавајте дека сте гомна) и Lo, lo, lo, puta Espanyol (ло, ло, ло, курвата Еспањол). Скандирањата доаѓале од трибината Гол Сур, која што е зад едниот од головите. Навивачите на Еспањол се познати под името „periquitos" - папагали, од времето кога играат во населбата Сарија позната по бројот на палми и папагали на нив.

Како што соопшти шпанската фудбалска федерација, вербална агресија имало и на Сантијаго Бернабеу, каде додека Роналдо забележа хет-трик, на трибините се слушаа навредливи скандирања за Лионел Меси и Каталонија. Од таа причина 17 навивачи на Реал Мадрид добија доживотна забрана за присуство на Бернабеу, а кралскиот клуб го очекува и парична казна. Марка пишува дека од 15. декември казните ќе бидат многу подрастични, така што освен парично, клубовите ќе мора да затворат одредени сектори на трибините каде стојат најзагреаните навивачи.

Судијата Алберто Маљенко во извештајот напишал дека не слушнал навредливи скандирања за време на дуелот Реал Мадрид - Селта Виго.

„Оформивме нов комитет кој ќе се занимава со навредливите скандирања и песни, така што во случај судијата да не ги слушне, комитет ќе реагира самостојно", изјави Хавиер Тебас, претседателот на Ли Лига.

Во меѓувреме се огласи и шпанскиот министер за спорт, Мигел Карденал кој изјави дека клубовите ќе бидат должни да ги достават до полицијата личните податоци на ултрасите кои прават нереди.

9 декември 2014 - 15:10