Клаудио Раниери оваа недела доби доверба и клубот реши да го задржи давајќи му непоколеблива поддршка. Но падот на Лестер е до толку драматичен што се наоѓаат на еден бод и две места до местото за опстанок.
Поминаа 79 години откако првиот на табела по 12 месеци игра успеал да испадне од првата лига, нешто со што во моментов се соочува и Лестер.
Што се промени кај шампионот и зошто работите тргнаа толку лошо за тренерот кој пред само два месеци беше прогласен за тренер на годината од страна на ФИФА?
Одиме со ред.
Лисиците сезонава уште немаат победа на гости, а 2017-та ја почнаа со серија од пет натпревари без постигнат гол. Никој немал ваков мизерен старт во почетокот на една година уште од Тотенхем пред 31 година.
Тоа е зачудувачки контраст за разлика од минатата сезона која ја завршија со само три порази, а да не заборавиме, лигата ја завршија убедливо со 10 бода зад второпласираниот. Од август наваму загубија 13 пати на 24 средби.
ШТО СЕ СЛУЧУВА СО ВАРДИ?
Дали ќе ве изненади фактот кој вели дека Џејми Варди сезонава во просек повеќе пати влегува во шанси отколку минатата сезона? Во 2015/2016 постигна 24 гола, го прогласија за играч на годината и влезе во потесен избор за играч на годината според ФИФА.
Сезонава има на контото само пет голови, три од нив против Манчестер Сити, а има постигнато само еден од гол во првенство од 10 септември до сега. Тоа е суша од 17 натпревари во низа.
Но статистиката вели дека тој повеќе влегува во шанси, 24 оваа сезона наспроти 22 ланска сезона. Другиот статистички показател вели дека сезонава добива можност за гол на секои два меча, а минатата сезона добивал минимум една по натпревар. Графиконот покажува дека Варди лани давал гол на секои 100 и нешто минути, а сега на секои 300 и кусур минути.
Следниве бројки покажуваат дека Варди работи на терен исто како минатата сезона односно трча исто колку лани, па дури и прави повеќе спринтови, но топката едноставно не е кај него кога е најпотребно и не во опасната зона.
А ШТО Е СО МАРЕЗ?
Ја заработи наградата за најдобар играч во Премиер лигата, а БиБиСи го прогласи за најдобар африкански фудбалер на годината. Тие одличја ги заслужи со сезона во која постигна 17 голови и 11 асистенции. Оваа сезона по 22 меча има три гола, сите од пенал и само две асистенции.
Проблемот со него е што многу од неговите голови и асистенции дојдоа од измами и дриблинзи, а оваа сезона статистиката покажува дека е послаб во тие вештини по кои е препознатлив.
И се разбира еден од клучните фактори е колапсот во она комбинирање со Варди од кое лани произлегоа седум голови. Во октомври сезонава се појави беден податок дека главните партнери на Лестер имале само две успешни додавања меѓусебно. Тоа е подобрено од тогаш, но без голем ефект.
Од шесте премиерлигашки натпревари во кои играле заедно од почетокот на декември, Марез го пронашол Варди 16 пати од кои пет пати против Манчестер Јунајтед.
ФАКТОРОТ КАНТЕ
По освојувањето на титулата се зборуваше дека Лестер ќе остане без една, две или можеби без сите три ѕвезди во шампионската сезона. Го задржаа Варди откако одби да се пресели во Арсенал, но беа немоќни да го спречат Н`Голо Канте кој замина во Челси за околу 30 милиони фунти. Наводно имал клаузула за ослободување во неговиот договор.
За тим кој се потпира на игра од контро, способноста на Канте да се пробие напред и да ја заштити дефанзивната линија беше темел на нивниот успех. Таа дупка се обидоа да ја пополнат со Даниел Амарти, како и новите засилувања Менди и Ндиди.
Но Канте беше мотор во играта на Лестер, а за каков играч станува збор покажуваат неговите игри во Челси, како и критиките кои велат за него дека покрива за двајца.
Можеби најголемото негово влијание се почувствува во одбраната на Лестер. Додека минатата сезона успеаа да не примат гол на 15 меча и станаа познати по триумфот од 1:0 кој го остварија седум пати, оваа сезона победија 1:0 само еднаш.
Статистиката покажува јасно дека лани Лестер примал 0.95 голови по натпревар, а сезонава 1,7. Минимум 3 гола примиле на само еден меч, а оваа сезона на шест меча. Во однос на залагањето, тимот трча вкупно 2,1 километар помалку од лани.
ПОТЕЗИТЕ НА РАНИЕРИ
Минатата сезона Лестер употреби 23 играчи, најмалку во споредба со било кој друг тим во Премиер лигата и направи 33 промени во стартната постава, исто така најмалку од сите. Оваа сезона работите тргнаа на лошо уште на самиот старт кога во прво коло загубија од Хал.
За разлика од лани имаа 5 меча повеќе од лани бидејќи се пласираа во ЛШ, а Раниери се соочуваше и со неизбежни промени бидејќи Амарти, марез и Силмани беа ангажирани во Купот на Африкански нации.
Додека многу тренери ја прилагодуваат формацијата во зависност од противникот со кој играат, Клаудио Раниери реагира многу бавно во решавање на тој проблем. Формацијата 4-4-2 лани му донесе историја, но оваа сезона и покрај тоа што не му одеше, реши да ја смени дури за нова година.
На последните четири меча почна со четири различни формации и тоа се смета за неуспех на Раниери кои ги збунува играчите и им праќа мешани пораки. По поразот од Саутемптон минатиот месец изјави:
„Можеби моите играчи не ми ја разбраа идејата баш најдобро“.