Првиот тренер со 50 порази во ЛШ

Топџиите ја играат дури 18-та сезона по ред во Лигата на шампионите, а нивниот тренер синоќа против Динамо Загреб го запиша 50-от пораз во елитното натпреварување со што стана негативен рекордер.

Меѓу навивачите на Арсенал има многу кои не го сакаат начинот на работа на Арсен Венгер, кој повеќе ја полни клупската каса отколку трофејната сала.
 
Навивачите кои не се задоволни од Венгер после поразот од Динамо Загреб ќе имаат нов аргумент да распалат по Французинот. Од друга страна, Венгер може да се пофали со довербата на управата која повеќе од една деценија му верува на Арсен.
 
Клубот од Лондон ја игра 18-та сезона по ред во ЛШ (само Реал е поуспешен со 19 по ред), а за тоа време Кралевите сменија дури 15 тренери, а Арсенал уште го има Венгер што значи дека Арсен и не е баш најлош, далеку од тоа.
 
Сепак, навивачите не може да му го простат лежерниот преоден рок каде го купи само Петр Чех од Челси. Навивачите на Арсенал го искористија поразот од Динамо да распалат и по Оливие Жиру, за кого веруваа дека ќе се најде замена летово, но Венгер го брани сонародникот.
„Не требаше да му приговара на судијата после првиот жолт картон, но... Кај првиот жолт немаше среќа затоа што фаулот беше во наша корист, а вториот беше случаен. Немаше никаква намера. Нашите ривали се провлекоа повеќе пати поради очигледни фаули“, коментираше Венгер после мечот.
За малерот по Венгер да биде поголем, Динамо во Лигата на шампионите немаше триумф уште од 1999. година и победата од 3:0 против Штурм Грац.
 
17 септември 2015 - 09:52