Селекторите на Шведска и Португалија, Јане Андерсон и Фернандо Сантош после мечот (0:2) изјавија дека натпреварот го решил Кристијано Роналдо, најдобриот играч на светот.
Но секој што ја гледал Португалија на последните неколку натпревари, од прва сфатил дека „европскиот Бразил“ игра невозможно убав фудбал, со безброј додавања, потези, дриблинзи, шанси, шутеви од далечина.
А како и не би играле кога во тимот имаат безброј техничари: Бруно Фернандеш (главен играч на Ман. Јунајтед), Бернандо Силва (омилен играч на Пеп Гвардиола во Ман. Сити), Жоао Феликс (лидер на Атлетико Мадрид и еден од најскапо платените играчи на светот), Франциско Тринкао (најновата надеж на Барселона) и уште многу други мајстори со топката.
Не залудно се европски шампиони (2016) и прваци во Лига на нации.
КРИСТИЈАНО СТАНА ПРВИОТ ФУДБАЛЕР ВО ЕВРОПА ШТО ДАЛ 100 ГОЛА ЗА СВОЈАТА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА
Фудбалерот на Јувентус синоќа со два чудесни гола и донесе на Португалија нови 3 бода и стигна до 101. постигнат погодок за репрезентацијата, достигнување какво што немал ниту еден играч во историјата во Европа.
ЗАНИМЛИВОСТИ:
- 48 гола за репрезентација Кристијано постигнал после 30 години. За овој подвиг му требале 47 меча.
- За Португалија дава голови веќе 17 години по ред. Најбогати години му беа: 2004-та (7), 2006 (6), 2011 (7), 2013 (10), 2016 (13), 2017 (11), 2018 (6), 2019 (14).
- Статистички, Роналдо 55 гола постигнал со десна нога, 22 со лева, 24 со глава. 11 погодоци од вкупно 101 биле од пенал а 10 од слободен удар.
101 гол на Кристијано за репрезентацијата е вкупниот број голови на најдобрите голгетери во историјата на Франција и Холандија (51 - Тиери Анри, 50 - Ван Перси).
Најомилени противници во дресот на државниот тим му биле Литванија и Шведска (по 7 гола), после Андора, Ерменија, Латвија и Луксембург (по 5 гола), па Холандија, Унгарија, Фарски Острови и Естонија (им дал по 4 погодоци).
За да го урне светскиот рекорд на вечната листа, на Кристијано Роналдо му фалат уште 9 голови. Тогаш би го стигнал легендарниот Иранец Али Даеи кој има 109 гола.
Годинава според календарот Португалија треба да одигра уште 6 меча од кои некои се и против далеку послабо рангирани селекции.
После мечот синоќа во Стокхолм, Кристијано Роналдо одговарал на новинарски прашања. Едно од нив било што мисли за натписите претходните денови и „стручните“ коментари дека Португалија е поопасна без него (неизвесен беше за овој меч):
„Не читам вести. Тоа е само нечие мислење. Знам дека на овој стадион направив историја и знам дека ако играм пак ќе направам историја. Не реагирам на провокациите. Тоа што го направив во кариерата зборува само за себе. Немам што да докажувам никому. Се што имам докажувам на терен.
Среќен сум за головите. Прво затоа што победи екипата, тоа беше наша цел. А после 100 и 101 гол? Мене тоа многу ме радува. До кога ќе играм? Се е во Божји раце. Се чувствувам добро, играм со млади.
Ја поминав 100-та а сега има нови рекорди. Одам чекор по чекор, нема никаква опсесија.
Што се однесува до празните стадиони поради глобалната пандемија, Роналдо на прашањето за ограничувањата на трибините вели.
„Сакам кога има свирежи од трибините. Од тоа ми се ежи кожата. Но здравјето е над се. Ако СЗО вели дека условите не се безбедни, тоа е се. Најважни се луѓето. Но да се игра без навивачи е како да одите во циркус без кловнови или саксија без цвеќе“, констатирал Роналдо за португалскиот канал RTP.