Продавал хармоники и имал црн појас по карате - приказната за Словенецот кој ја води УЕФА

Со својот веќе поставен систем, УЕФА и нејзиниот прв човек Александар Чеферин успеаа да се одбранат од нападите на планираната Суперлига која што ја поддржаа 12 клуба па повеќето се откажаа од неа.

Чеферин изјави дека сите клубови кои ја поддржаа Суперлигата би можеле да се соочат со казни.

„За мене има голема разлика меѓу англиските клубови и останатите шест. Они први излегоа, признаа дека згрешиле. Треба да се има карактер да се признае: „Не бев во право“. Има три групи тимови од тие 12: англиската шесторка која прва излезе, после останатите три (Атлетико, Милан и Интер), а има и такви кои мислат дека Земјата е рамна и дека Суперлига уште има шанси. Меѓу нив има разлика. Но сите ќе сносат одговорност, а каква - тоа допрва ќе видиме“, изјави Чеферин.

Тие последни три клуба на кои мисли се Реал, Барселона и Јувентус.

„Разгалени деца не можат да ме изнервираат. Мислам дека проектот Суперлига е готов, но очигледно има и такви кои останаа во неа ама нема да играат во еврокупови ако не се откажат. Во Лига на шампиони ќе ги нема“, додал Чеферин во интервју за Асошијетед прес. 

ДА СЕ ЗАПОЗНАЕМЕ ПОБЛИЗУ СО ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА УЕФА

Кога во 2015-та во УЕФА изби голем скандал со Мишел Платини кој беше еден од кандидатите да порасне до претседател на ФИФА, малку кој очекуваше нов шеф на елитната УЕФА да стане малку познат Словенец.

Прво што Словенија не е баш фудбалска земја, второ Чеферин беше тотален фудбалски анонимус, а УЕФА организација каде во преговори со клубови како оние кои планираа Суперлига е потребно име и сериозен статус.

Мишел Платини беше совршен за тоа место како еден од најдобрите фудбалери во историјата, но тој сам си го уништи угледот со страшна корупција. 

ИМАЛ ЦРН ПОЈАС ПО КАРАТЕ, А ВО ДЕТСТВО ПРОДАВАЛ ХАРМОНИКИ

Александар е роден во Словенија во 1967-ма година кога оваа земја уште била западна граница на тогашна Југославија.

Еднаш кога бил мал, огромен овчарски пес го нападнал и го фрлал како партал па малиот Александар дошол дома раскрварен кај стомакот. Во школо бил прав хулиган.

Како мал учел англиски ама никогаш не пишувал домашна. Не го положил приемниот испит во средно школо ама го примиле. Случајно или не којзнае, зошто мајка му била директорка на тоа школо.

Школото не го интересирало ама затоа многу сакал карате. Уште од детство тренирал карате и добил црн појас трет дан.

Во детство го носеле и на музичко, да свири хармоника, традиционалниот инструмент во Словенија. Чеферин на музичко одел со брат му, ама ни после неколку години не се вљубил во хармоника.

„Тоа беше мачење за сите“, се сеќава брат му Рок. „Еднаш Александар ми понуди да ја продадеме хармониката и да ги поделиме парите. Го направивме тоа во најстрога тајна. Мајка ми не можеше да ја најде дома, а ние ја убедувавме дека сме ја заборавиле на море кога бевме на одмор. Но до ден-денес не знам кому ја продаде Александар“.

Како и секое второ дете на Балканот, така и Чеферин сакал фудбал. Но не навивал за тим од неговата Словенија, туку за Хајдук Сплит. 

„Кога ја гледав утакмицата Олимпија - Хајдук, навивав за Хајдук. Тоа сè беше наша една држава тогаш“ се сеќава Словенецот на поранешна Југославија.

На 19 години служел војска во ЈНА. А после пет години, во 1991-ва почнал 10-дневниот воен судир за независна Словенија. На 24 години Чеферин го мобилизирале.

Бил резервист во тн. Територијална одбрана на Словенија - оперативно собрана мала армија. Наеднаш требал да војува против свои пријатели, другари познати и непознати. Со нив до вчера заедно служел војска под ист кров.

„Тешко е да ме дестабилизира нешто после тоа што го видовме во поранешна Југославија“, изјави Чеферин пред неколку дена кога направи паралела со Суперлигата. „Психолошки за мене тоа беше шок. Не може да се спореди секако, но стресот беше како кога беше војната.

За среќа не морав да пукам во никого тогаш. Ако требаше, секако дека тоа ќе ме сменеше како човек. Но знам многу луѓе кои изгубија некој од семејството. Неверојатно беше дека тоа се случи во центарот на Европа, а цел свет гледаше и ништо не направи“.

Но Чеферин не напомена дека за разлика од Словенија која безболно се раздели со Југославија за 10-ина дена, во Босна и Херцеговина и Хрватска имаше сериозни судири и илјадници жртви.

Словенија подоцна прва влезе во Европска унија и денес е најразвиена од сите балкански земји со повисока просечна заработка од сите други земји на Балканот.

ЧЕФЕРИН Е ПРАВНИК, РАБОТЕЛ ВО ФИРМА КАЈ ТАТКО МУ

После војната Александар Чеферин се запишал на Правен факултет на универзитетот во Љубљана. После одел на пракса во семејната фирма на татко му Петар кој бил познат адвокат во Словенија.

Чеферин-постариот на времето на суд го бранел Јосип Лончариќ, лидер на словенечка банда која ограбувала во Италија, а го застапувал и Даворин Садар кој бил обвинет за малверзации и измами со курс на валути.

Александар Чеферин во 2016-та беше избран за претседател на УЕФА а тогаш норвешкиот медиум Josimar пишувал дека Чеферин бил проруски настроен зошто имал руска верзија на сајтот на адвокатската канцеларија на татко му.

Тогаш Чеферин спомнал за финалето на Лига на шампиони кое УЕФА му го додели на Киев и иронично прашал: „Зар така решаваат проруски кандидати“? 

ШТО РАБОТЕЛ ВО ФУДБАЛОТ ПРЕД ДА СТАНЕ ПРЕТСЕДАТЕЛ НА УЕФА?

Интересно Чеферин нема многу фудбалска биографија. Тој дури во 2005-та влегува на мала фудбалска сцена.

- работел во Литија, најпознатиот клуб за мал-фудбал во Словенија,
- влегол во управата на аматерскиот клуб „Адвокати Љубљана“,
- Од 2006-та бил надворешен советник за правни работи на Олимпија Љубљана а после влегол во советот на директори на клубот.

Во 2011-та година бил избран за претседател на Фудбалскиот сојуз на Словенија. Тогаш изданието Zarja пишувало дека цела словенечка јавност скептички гледала на тоа некој непознат Чеферин да стане шеф на фудбалот во Словенија а претходно никогаш ништо не правел во овој спорт.

„Прво бев навивач и критикував после секој пораз на репрезентација на важните мечеви. А после станав претседател на фудбалската федерација и сфатив колку уствари сум неук за фудбал и колку бесмислени беа моите критики“, рекол подоцна.

Во 2016-та година откако го избраа за прв човек на УЕФА, Чеферин во Словенија го нарекувале човек на годината. Дошол од мала земја и стигнал толку високо.

„Неговото назначување на тоа место е најдобро решение. Он ја претставува Словенија во светот и во Европа. Кога Александар оди во Москва, таму не го пречекува шоферот на претседателот на Руската фудбалска федерација, туку шоферот на претсетаделот Путин. Таква е неговата функција а Александар е одличен во тоа“.