Италијанскиот пејач Васко Роси на 3. јули ќе одржи концерт на стадионот Сан Паоло во Неапол. Подготовките за концертот оделе вообичаено, сè додека фудбалскиот клуб Наполи не решил да прати инспекција која увидела дека тревникот пред една од трибините е целосно оштетен. Од таа причина викнале полиција, а се вмешал и градоначалникот на Неапол.
Клубот на својот Твитер профил објави фотографии од теренот и напиша: „Еве како изгледа тревникот на теренот на Сан Паоло по монтираните алуминиумски панели за концертот на Васко Роси“.
Претседателот на Наполи, Аурелио Де Лаурентис со неколку изјави ги нападна градските раководители, пред сè градоначалникот на Неапол Луиџи Де Маџистризи, за кого кажа дека градот како организатор е главен кривец за штетата. Градоначалникот им одговори дека концерти се одржуваат на многу големи стадиони во светот, каде екипите подоцна освојуваат трофеи и никој не се жали.
„Како во петокот Тицијано Феро одржа голем концерт на стадионот Олимпико во Рим и немаше никаков проблем, а овде теренот е оштетен“, праша Де Лаурентис.
Не помина долго а брзо се огласи и агенцијата Фаст Форвард која што го организира концертот.
„Ќе ги преземеме сите мерки на претпазливост за да ги завршиме работите на време. Ваков протокол користиме на сите концерти ширум Италија. Ќе ја средиме работата и ќе платиме надомест за штетата“, изјави Џузепе Гомез.
Проблем со тревникот после концертите не е новост. Во Белград пред некоја година, Црвена звезда остро го нападна Здравко Чолиќ затоа што после неговиот концерт, тревникот на Маракана бил оштетен на повеќе места и клубот требал да ја плати обновата на дренажата. Во Милано уште се памети концертот на Брус Спрингстин, кога граѓани од околните згради тргнале да му исклучат струја поради тоа што ги надминал гласните децибели.