
„Многу ми е драго за тебе и среќен сум“, му кажал Лионел Меси на Виктор Васкез при прославата на голот на Барса на 7 декември 2010. година. Каталонците играа против Рубин Казан и водеа 1:0, а резултатот не беше толку важен затоа што веќе се пласираа во следната рунда.
Сепак, за еден играч тоа беше најубав момент во кариерата, затоа што заигра за првиот тим на Барселона, со добриот другар Меси во нападот и тоа прв пат по тешката повреда на лигаментите.
„Искористи ја шансава, ја заслужи“, Пеп Гвардиола му шепнал на Васкез пред да го внесе во игра. И одличниот плејмејкер ја искористи. Во 82. минута одлично прими една топка, го виде Меси кој чекаше додавање, но се одлучи да распали по топката и да зголеми на 2:0. Меси и Васкез заедно го прославија голот, како некогаш во детството. И двајцата сакаа да играат заедно во првиот состав, но не беше така. Мечот со Рубин се испостави како последен за Васкез во Барселона.
Генерацијата 1987 го фати својот пат подоцна. Пике замина во Манчестер Јунајтед пред да се врати во Барса, Фабрегас во Арсенал пред да дојде пак на Камп Ноу па да оди во Челси.
Меси дебитираше во 2004. година кај Франк Рајкард, но Васкез мораше да чека многу подолго. Тој тренирал со првиот тим, но во конкуренција на Роналдињо и Андрес Иниеста немало простор за него. Виктор Васкез дебитираше за Барса во април 2008. година на гостувањето против Рекреативо Уелва каде одигра 13 минути.
„Втората операција секогаш е сложена и ти можеби нема да заиграш фудбал повторно“, му кажал докторот во болницата, а младиот Васкез се расплакал. Имал поддршка од Меси, Гвардиола и Тито Виљанова кои редовно го посетувале во болницата.
18 месеци подоцна, во септември 2010. година, Васкез се врати и заигра повторно во Б тимот на Барселона во Сегунда дивизион. По 90 дена на теренот, Гвардиола му даде голема шанса против Рубин кога Васкез го прослави голот заедно со другар му Меси. Можеше ли тоа да биде почеток на една бајка?
Во Белгија тешко му одела прилагодувањето, притоа Клуб Бриж смени тројца тренери во година ипол. Васкез имаше проблеми и со тренерот Адри Костер кој на еден меч го извади Шпанецот по само 33 минути игра и го замени со 17-годишно момче. Васкез реагираше бурно и не се поздрави со тренерот, но подоцна се извини. Конечно, под водство на тренерот и легендарен голман Мишел Прудом во 2013. година покажува дел од раскошниот талент.
„Тој ја подобри мојата игра во одбраната и заслужен е што подобро се движам со топка. Прудом пред сè ми помогна психолошки. Јас бев играч кој не се труди многу кога не му оди. Тешко ми беше да се фокусирам на играта. Прудом ми даде неколку прости совети да ги следам и зборуваше со мене многу на паузите и после натпреварите. Пред шест години играв со Меси и ако мислев на тоа, ќе требаше да се откажам од фудбалот“, вели Васкез за Прудом кој го препородил.
Белгијците утре вечер играат реванш плејоф за ЛШ против Манчестер Јунајтед. Првиот дуел заврши 2-1 за Англичаните, така што Васкез ќе има шанса одново да се прослави против голема екипа.