За фудбалот на Фарските острови сигурно немате појма, освен што се 102 селекција во светот и што минатата година на квалификациски меч за ЕП 2016 ја шокираа Грција на гости со 1:0.
Првата фудбалска лига во оваа земја има 10 клубови, според рангот на УЕФА е 41-ва во конкуренција на 54 првенства, а просечниот број на публика минатата година им бил 500 навивачи. Ова последниов податок ви е познат од некаде нели?
И покрај овие бројки Фарски острови знае да привлече фудбалери. Во нивното првенство играат 25 странци од 14 различни земји. Ги има од Бразил, САД, Нигерија, БиХ, Србија...
Зошто тие мигрираат во земја со тапа фудбал, толку малку луѓе, каде просечната температура во лето е 13 степени?
Сон за Европа, но никогаш Фарски острови
Ибрахим Камара, 23 годишен напаѓач од Сенегал, заминал на Фарски острови во 2010-та. Потпишал во клуб од селото Тофтир каде живеат 823 луѓе. Како млад играл за еден од најдобрите сенегалски екипи, а неговиот сон му било да заигра во Европа.
„Стигнав во зима и се сеќавам дека беше многу ладно“ Ја посакував Франција или Белгија, исто како и Англија, но никогаш Фарските острови“
Кога негов пријател се преселил во Англија му го претставил Камара на агент од Сенегал кој живее во Портсмут. Тој најпрво му нашол работа во Дубаи, таму играл шест месеци и потоа бил на чекор до Тулуз и Ле Арв, но Французите не му дале виза. Агентот на крај му ги предложил Фарските острови.
„Кога дојдов тука мислев само како да си заминам. Зборував само француски. Беше многу тешко за мене“
Најпрво се чувствувал заглавен во оваа земја, но потоа направил трансфер во Б36, шампионот на Фарските острови. Сонот се уште му е Франција или Белгија, но сега по 6 години веќе е како дома, а работи парт тајм во пекара.
„Кога одам на фудбал, не си го заклучувам станот. Ја сум овде пет години и ниту еднаш не сум видел било каков криминал. Животот е многу мирен“, вели Камара.
Од ФК Вер до каде точно?
Во јануари годинава Алберт Абу играл во осма англиска лига, во полупрофесионален клуб, но сега тој е еден од водечките стрелци во Фарските острови со 9 голови сезонава. Роден е во Гана, израснал во Амстердам, а кога имал 16 години со семејството се преселил во Англија.
„Прв пат слушнав за Фарски острови, прво требаше да ги побарам на карта“.
Додека играл фудбал во северен Лондон се запознал со агент, кој му предложил да замине во четвртата шпанска лига. Со платено сместување и полно работно време тој ја искусил Шпанија и останал 18 месеци. Потоа се вратил во Англија, а паралелно работел и во приватна фирма.
„Уживав во ФК Вер, но сакав фудбалот да ми биде фул тајм работа. Агентот ми рече дека ако сум подготвен било каде во Европа ќе може да ми најде нешто. Последнава година ми кажа за Фарските острови“
Аду бил импресиониран од пречекот и од историјата и се согласил на фул тајм. Сега живее во куќа со уште тројца странци, двајца од Исланд и еден од Брегот на слоновата коска.
„На почеток беше неуредно, малку студентски, но сега ни е подобро“, вели 26 годишниот Сенегалец.
Десет години подоцна – пасош, жена, две ќерки
Клејтон Соарес до Нашименто и Алекс Хозе дос Сантос не успеаа да одат по истиот пат на Клеберсон. Саорес е 36 годишен напаѓач кој игра во ИФ и е 13 сезони на Фарски острови, а 34 годишниот Дос Сантос кој игра во одбрана таму е 12 години и смени три клуба.
Тој не сонувал за Европа како Камара, но кога агент од Хрватска го посетил во неговото школо во Сао Паоло му нашол ангажман во втора чешка лига.
„Мојот агент е многу добар, во исто време тогаш го однесе Клеберсон во Манчестер Јунајтед. Тогаш ми рече: Еден сон стана реалност, можеби и твојот ќе стане“.
Откако се претставил добро, Сантос заиграл во првата данска лига, но таму имал само два настапи, а тренерот сметал дека треба да игра во втор тим. Третата европска дестинација му била Фарските острови, но не бил задоволен и се вратил во Бразил по само една сезона.
Сантос добил понуда да се врати назад на островите, но за подобар договор. Сега има десетгодишен престој, пасош и жена од Фарски острови со која има две ќерки.
„Бразил е премногу криминална држава. На секои пет секунди некого ограбуваат. Кога ќе излезеш надвор со пари, треба нон стоп да ги пазиш, а тука носиш пари и не ти е гајле за ништо. Ми се допаѓаат и луѓето тука“, вели Сантос
Ми рекоа да си купам облека
Александар Ѓорѓевиќ замина на Фарски острови во 2001 година со шорцеви и маица. Неговото истражување за местото признава дека не било добро.
„Кога сменив лет во Данска, на шалтерот за информации реков дека ќе одам на Фарски острови и прашав: Тоа е малку јужно од тука така, а жената ми одговори: Не, северно е, оди да си купиш алишта“
Ѓорѓевиќ во кариерата има играно за Партизан, а бил капитен на Југославија на селекцијата до 20 години во која играл заедно со Давор Шукер и Ѕвонимир Бобан. Настапувал и во Австрија и Швајцарија, а на Фарски острови очекувал дека ќе игра шест месеци, но 14 години потоа тој се уште е таму.
„Кога си помлад, Фарски острови може да ти бидат прв чекор на Скандинавија, кога имаш над 30 години, бараш место каде што можеш да живееш нормално. За мене ова е како дома. Се уште имам дом во Белград и го посетувам, но таму пребрзо се живее“.
46 годишниот Ѓорѓевиќ активно играл до 2006 година, а потоа влегол во тренерски води. Ја водеше женската репрезентација на Фарските острови, а сега комбинирано тренира две женски екипи.
На терените на Фарски острови има уште еден Ѓорѓевиќ кој сега гради фудбалска кариера, а тоа е син му Филип кој има 21 година и настапува за Викингур.