Приказна за фудбалскиот пат на Боб Марли и смртта по фудбалска повреда

Најпознатиот реге пејач во историјата и најголемиот Јамајчанец на сите времиња, Боб Марли буквално спиел со фудбалска топка под перница. Ја користел секоја пауза на пробите да поигра фудбал а после тешката повреда му забраниле да шутира, но љубовта била посилна.

„Ах ти серко еден! Кај да ти најдам сега нови? Каде?“, викала мајка му додека трчала по Боб по целиот дом со каиш во рака. Син ѝ пак ги скинал патиките додека шутирал топка а пари за нови немале. Боб вешто избегнувал казна, но таа понекогаш била неизбежна. Неколку пати јадел добар ќотек.

Татко му на Боб, Норвал Марли бил белец, морнар, човек кој одгледувал плантажа, рано го напуштил семејството и само два пати го видел син му. Кога Боб имал десет години, татко му умрел. Тогаш тој заедно со мајка му се преселил во главниот град на Јамајка - Кингстон.

Се преселиле во сиромашниот реон Тренчтаун каде често имало ужасни работи но мајка Седела морала да обезбеди храна за себе и за својот син. Озлогласениот крај Тренчтаун не го уплашила малиот Боб.

Тој тргнал во школо и ги добил првите задоволства: безбедно можел да пишува стихови за песни и да игра фудбал. Друго не му било важно. За топка им служеле и разни конзерви, па дури и лушпа од портокал. Мајка му често го карала и му викала зошто се враќал доцна навечер и секако, дека доаѓал во искинати патики.

Набрзо Боб Марли се запознал со сиромашното дете Невил Ливингстон кого обично го викале Бани. Двајцата обожавале музика и се нашле во заеднички интерес. Слушале американско радио и посебно ја сакале станицата Њу Орлеанс која што вртела нови песни од Кертис Мејфилд, Реј Чарлс, Брук Бентон и Фетс Домино.

Боб од мал цврсто решил: сакам да бидам музичар. Никогаш не го завршил школото и почнал да работи како заварувач. Во развојот на музичките способности му помагал јамајканскиот пејач Џо Хигс кој живеел во истата област. Тој бесплатно им давал часови на Боб и на Невил а на една од тие сесии се запознал со Питер Мекинтош. Подоцна станал познат во светот како Питер Тош.

„Ја засакав музиката малку порано од фудбалот, раскажувал Боб за внатрешната борба на двете страсти. Да се случеше спротивното ќе беше опасно. За мене ќе беше опасно да играм фудбал и да пејам песни. Затоа што фудбалот знае да биде многу суров. Јас пеам за мир и љубов. Кога на теренот противникот силно ќе те удри може да настане конфликт, па дури и војна“, раскажувал Марли.

Во 1963 година Боб Марли, Невил и Питер организирале група под името The Teenagers која подоцна била преименувана во The Wailers. Нивните песни за „љубовта верата и бунтот“ сериозно го освојувале светот. Неверојатната популарност на Боб која растела и надвор од границите на Јамајка не му давала простор повеќе да игра фудбал.

Концерти, долги и напорни турнеји ширум земјата, но тоа не му сметало на Боб во торбата секогаш да чува место за фудбалска топка.

Фотографиите од музичките патешествија на групата повеќе личеле на серија фотографии од тренинг на фудбалски клуб. Боб имал дури и дресови со буквата “М“ на градите. Нив им ги шиеле по посебна нарачка на музичарот и целиот тим околу него. „Марли беше одличен фудбалер. За време на патувањата, тој со себе носеше топка и го користеше секој слободен момент да трча по дворот на хотелот или на плоштадите кај што имавме проба со членовите од групата и локалното население. Ако не беше музичар, комотно можеше да игра за репрезентацијата на Јамајка“, се сеќавал продуцентот Ли Пери.

Дури и во престижниот реон на Кингстон, на Хоуп-роуд, Боб Марли соибрал локални екипи и друштва и организирал турнири. Сите биле заедно на едно место: локални шефови, возачи, инжењери, продавачи на банани... Марли го сметале за најдобар техничар меѓу сите.

„На игралиште беше прав перфекционист. Ја сакаше улогата на лидер а во исто време беше спремен да застане по страна само за екипата. Боб сакаше да игра на крило, имаше квалитети: дриблинг, техника, брзина. Мора да го пофалам и неговиот моќен шут. Имаше силен шут.“, се сеќава неговиот другар од детството, Невил.

Боб Марли многу се дружел со професионалниот фудбалер (и негов менаџер) Алан Коул, кој на Јамајка го сметале за најголемиот фудбалски талент во историјата на земјата.

Боб и Алан ги врзувала не само дружбата и работата туку и тренинзите. Коул работел на физичката снага и издржливост на Марли: Секое утро трчале кругови околу неговата куќа а навечер организирале спринтови по ситната песок на локалната плажа.

Другарите истакнувале дека Марли тешко ги доживувал поразите и често барал реванш со противникот. „Фудбал - тоа е целиот мој свет. Целиот универзум. Јас многу го сакам фудбалот затоа што мора да бидеш искусен за да го играш. Тоа е цела вешитна. Слобода! Фудбалот е слобода!“, рекол Марли во 1979 година.

Симболично најголемиот негов концерт во кариерата бил на „Сан Сиро“ во Милано каде неговата музика дошле да ја слушаат 100.000 луѓе.

ОБОЖАВАЛ ДА ГЛЕДА СВЕТСКО

Боб се восхитувал на фудбалери како Пеле, Марадона, Освалдо Ардиљес. Последниов посебно внимателно го следел на Светското 1978 година. За време на Мундијалот Марли заедно со групата имал турнеја по САД каде премиерно го претставил албумот Kaya.

Кога бандата спиела во автобус, тој гледал телевизија ѕа да не пропушти ништо од фудбалот. Притоа секогаш попуштал тон за да го слуша коментаторот затоа што му се мешале звуците од колите и автобусот.

НАЈСАКАНИОТ ПОДАРОК ОД КОЈ НЕ СЕ ДВОЕЛ

Интересно, Боб најмногу го сакал латино-американскиот фудбал а страсно навивал за Аргентина. Обожавал да ги гелда. Кога во 1978 година Ардиљес преминал од аргентинскиот Хуракан во Тотенхем, пријателите од британската продуцентска куќа Island Records му пратиле на Марли дрес со бројот и името на ѕвездениот новајлија од Аргентина.

Боб толку се израдувал и бил среќен што се плашел да не го извалка вредниот поклон и го носел многу многу ретко - само да го покаже пред гости. Боб многу сакал да муабети со фудбалерите и да ги примени нивни совети на игралиштето. Еден од најдобрите другари од оваа област бил бразилскиот играч и Светски шампион од 1970-та, Пауло Сезар Кажу. Често играле фудбал заедно и Кажу еднаш рекол дека Боб ги има сите предуслови да стане професионалец.

КОБНАТА ПОВРЕДА НА ПАЛЕЦОТ

На крајот од краиштата лудата љубов кон топката на Боб Марли имала и лоша судбина. Во 1977 година, Боб дошол да одржи концерт во Париз и не можел да оддолее на предлогот на француските новинари да одиграат партија мал фудбал во близина на хотелот.

„Во тој момент Боб немаше патики ни копачки, па играше во несоодветни чевли. Еден дечко од Франција силно го удри по нога и тоа беше болно. Ноктот на палецот од ногата толку многу му отече и набрзо му помодре. Ни кажа да продолжиме да играме, а тој се врати во хотелот. Лекарот му ја фиксираше ногата и му стави преврзка. Страшно модра му беше“, се сеќава на кобниот момент Невил Гарик.

За несреќата да биде поголема, Боб го удрил тој палец сериозно пред две години но и тогаш ја игнорирал повредата. Турнејата завршила а музичарот отпатувал кај мајка му во Америка каде таа живеела во Делавер.

Марли не се задржал за долго таму и наскоро летнал за Англија каде со жена му Рита отишол на клиника затоа што имал болки во палецот. Анализата на крвта покажала страшен меланом. Докторот соопштил лоша вест: „Вие имате рак на кожата“. Една од причините за тоа била и незгодната повреда на палецот чиј нокт постојано паѓал.

„По иронија на судбината овој вид на тумор ретко имал боја. Но Боб мислел дека докторот ја згрешил дијагнозата и сите биле во заблуда. Боб не му веруваше ниту на доктор Бејкон, црниот хирург од Мајами кој важеше за најдобар хирург во тоа време“ се сеќава Рита Марли во биографската книга No Woman No Cry.

„Ако Боб се согласи да му го ампутираат прстот како што предлагаат докторите, тоа можеби ќе го запрее ширењето на болеста“, и рекол доктор Бејкон на жена му на Боб, Рита Марли, но тој не ги слушал ни двајцата: „И како после ќе стојам за време на концертите?! Никој нема да сака да погледне инвалид“, луто реагирал Боб.

ПОСЛЕДНА СРЕДБА СО ТОПКАТА

Една од своите последни партии фудбал Боб Марли ја одиграл во Лондон во 1980 година за време на турнејата и промоција на албумот Uprising. Тој дури им откажувал интервјуа на новинарите затоа што цело време бил на игралиште. Не можел без фудбал.

На 16 јули тимот во кој играле Невил Гарик, Боб Марли, Елвин Патерсон и Невил Гилберт играле против тимот на британскиот реге пејач Еди Грант. Мечот се играл близу стадионот на Фулам.

„Нè растураа како мали деца. Брзо поведоа 0:2 и тогаш Боб викна: ’тајм аут’! Се обидовме да му објасниме дека ова не е кошарка но противникот реагираше сосема нормално и тргнаа на пауза. Боб ни кажа дека треба да им вратиме со иста мера како што играат Грант и компанија. Дента ги прегазивме 5:2“, се сеќава Герик.

Боб успеал да свири на уште два концерти во САД, а потоа изгубил свест на еден утрински тренинг во парк. Здравјето му се влошило па отпатувал во Минхен кај познатиот онколог Јозеф Иселс каде почнал со хемотерапија како резултат на што ги загубил препознатливите славни суканици.

Во Баварската клиника Марли поминал осум месеци но престојот бил безуспешен. Ракот со сета опасност што ја носи го поразил целото тело на Боб.

На почетокот на мај 1981 година, Марли се крстел во православната Кингстонска црква во Етиопија и го земал името Берхан Селасие. Пред самата смрт сакал за последен пат да ја види Јамајка. При ллетот од Германија до Јамајка неговата состојба нагло се влошила и авионот принудно слетал на Флорида. Таму Боб умрел.

Неколку дена пред смртта, Боб побарал од Пауло Сезар Кажу да му помогне со отворање на голема фудбалска школа на Јамајка. Тој се согласил но едноставно не стигнале да ја реализираат идејата.

„Кој би помислил дека ова хоби ќе остави кај него такви последици. Но можеби тој не би се откажал од фудбалот дури и ако знаел однапред што ќе му се случи. Тој беше навистина таков човек“, се сеќава продуцентот Ли Пери.

Боб Марли бил погребан во татковината а погребот бил организиран од христијанската православна црква. Во неговиот ковчег ја спуштиле гитарата на која што свирел, растение коноп, прстен, подарок од етиопскиот принц, Библија... И фудбал.

21 септември 2017 - 13:14