Претседателот на Бразил гневен на репрезентацијата, сака само играчи од домашна лига

Фудбалската репрезентација на Бразил минува низ многу сериозна резултатска криза, па така на 9 одиграни натпревари во квалификациите за Светско првенство има 4 порази и 1 нерешена средба со гол разлика 11:9 што до скоро беше сосема незамисливо. Излезот од кризата која започна пред Светското 2022-ра уште не се гледа.

Бразил менуваше селектори, пробуваше разни стручни штабови и нови состави, но резултатите и играта се мизерни. Не личат на стариот добар Бразил, светски препознатлив по убавиот допадлив фудбал.

Она што многумина го мислат, го кажа претседателот на Бразил Лула да Силва, но некако неспретно и не баш вешто. Тој ги нападнал оние играчи кои играат надвор од Бразил и кои просто не ги знае и не сака да ги види во репрезентација.

„Оние кои играат надвор од границите не се подобри од тие кои играат тука. Веќе одамна зборувам дека во репрезентација треба да играат фудбалери кои играат во своите земји. Двајцата играчи кои и дадоа голови синоќа (на мечот со Чиле Бразил едвај славеше 1:2 со доцни голови во финишот) играат во бразилското првенство.

Ние треба да им даваме шанса на локалните играчи. Не да ги викаме тие што играат во странство. Седев на кревет и го гледав натпреварот. Го знаев голманот. Централниот стопер од ПСЖ, Родриго и Рафиња, нив ги познав по фризурите. Не ги знам останатите играчи, така не смее да биде. Просто не ги знам тие играчи а тие не претставуваат анс.

Ставете во состав на репрезентација играчи кои играат во бразилската лига. Веќе ја споделив оваа идеја со претседателот на Бразилската фудбалска конфедерација. Таму нема ни Гаринча, ни Ромарио, но има многу млади играчи. Ниеден од нив не е ѕвезда“.

ЛУЛА ЧЕСТО ЗНАЕ ДА РАСПАЛИ

Ова не е прв ваков јавен настап на претседателот на Бразил врз репрезентативците. Пример пред една година ги нарекол „малишани“.

„Жал ми е што во Бразил нема играчи како во 1970-те. За нас играа мажи, ќе почнам со Пеле. А не овие малишани. Бразилскиот фудбал не се справува. Веќе нема добар фудбал во светот. Денес станавме земја-извозник на млади фудбалери кои собираат искуство во странство“.

Треба да се напомене дека на мечот со Чиле не играше Винисиус, големата ѕвезда на Реал Мадрид кој е повреден и кој останал во Мадрид. Претседателот многу пати го поддржуваше Винисиус Жуниор во неговата борба против расизмот, но овојпат не коментираше за неговата игра ништо.

Едно е сигурно. Лула можеби неумесно се изразил, но факт е дека Бразил веќе одамна не личи на оној стариот добар Бразил кој беше уживање да се гледа. Од Пеле, Гаринча, Тостао, Диди, Вава, Ривелињо, па преку Дунга, Бебето, Ромарио, Кафу, се до Роберто Карлос, Роналдињо, Роналдо, Ривалдо, Денилсон...

15 октомври 2024 - 14:10