Што сè се случуваше на дербито Валенсија - Реал Мадрид?

Дербито Валенсија - Реал Мадрид (2:2) одиграно во саботата вечер на „Местаља“ дефинитивно е најлуд натпревар досега сезонава во шпанска Ла Лига. Имаше сè и сешто, па и спорна одлука каква одамна што не се памети.

Дербито на 27. коло заврши без победник 2:2.

Натпреварот во Валенсија започна со минута молк во знак на сеќавање на жртвите од страшниот минатонеделен пожар во овој град кога загинале најмалку 10 лица.

Преполниот стадион им оддаде почест на пожарникарите и лекарите од Брза помош кои низ шпалир направен од играчите од двата тима излегоа на терен пред мечот.

Натпреварот потоа започна жестоко како и секогаш кога Валенсија е домаќин на бурната „Местаља“. Се играше тврдо и со многу дуели а на удар на навивачите повторно беше Бразилецот Винисиус кој беше жестоко исвиркуван при секој контакт со топката.

Под водство на Рубен Бараха, Валенсија игра сјајна одбрана и после Реал е екипа со најмалку примени голови во шпанска Ла Лига.

Чекаа „лилјаците“ прилика од дефанзива и така во една контра во 27' минута поведоа 1-0 по шутот на Перез кога топката некако случајно се одби од Уго Дуро и го измами голманот Лунин за 1-0.

После само две ипол минути Украинецот Роман Јаремчук погоди за 2-0 по катастрофална грешка на Дани Карвахал и прав делириум на трибините на „Местаља“ каде Реал и Барселона секогаш поминуваат тешко:

Но Реал не би бил Реал ако не би се вратил па Винисиус намали на 2-1 во последните секунди од првиот дел. Интересно Реал Мадрид од минус од два гола на „Местаља“ не се вратил од 1946-та година. До синоќа.

Во второ полувреме почна и засилен дожд па и тоа го спречуваше Реал да развие своја игра. Пробуваше „кралскиот тим“, напаѓаше и во 76' минута успеа да израмни преку Винисиус кој го даде својот втор гол на мечот.

Драмата кулминираше во судиско продолжение. Прво Валенсија доби пенал по фаулот на Браим Диаз над Уго Дуро но по гледање ВАР решено беше дека нема пенал. Валенсија имаше две зрели шанси и за победа на крај но Дијакаби промаши.

И кога сè беше спремно за крај, главниот судија Хесус Хил Манзано при еден центаршут за Реал Мадрид од десна страна свирна крај баш во моментот кога Џуд Белингем со глава постигна гол за Мадриѓаните.

Судијата реши дека е крај и голот беше поништен. Ова донесе жестоки реакции на фудбалерите на Реал Мадрид а англискиот репрезентативец беше исклучен, доби црвен картон поради тоа што го пцуел судијата.

Скандалозен крај на Местаља, Белингем даде гол, судијата свирна крај

3 март 2024 - 08:01