Последен пат кога Барса испадна од групи во Лига шампиони пред 21 година имаше чуден тренер

Можеби помалку очекувано, Баерн Минхен реши да демонстрира сила и со 3:0 ја згроми жалната Барселона која по заминувањето на Меси никако не може да се пронајде на теренот. Каталонците вака рано од Лига на шампиони не испаднале повеќе од две децении.

За да се разбере мизеријата на Барселона помага еден прост факт: последен пат во групна фаза на ЛШ испаднале во сезоната 2000/2001. Од тогаш па наваму 21 година растураа по многу европски терени (освен во сезоната 2003/2004 кога играа во Куп на УЕФА) и два пати го освоија шампионскиот пехар во Лига на шампиони.

НЕУСПЕХОТ ВО ЛИГА НА ШАМПИОНИ ПРЕД 21 ГОДИНА БЕШЕ ПОВРЗАН СО ВАН ГАЛ И МУРИЊО

Од 1997-ма до 2000-та Луи Ван Гал на Барса и донесе две шампионски титули во Ла Лига, Куп на Шпанија и Суперкуп на УЕФА.

Но во Лига на шампиони екипата не играше како треба: во првите две сезони со холандскиот тренер тимот ниеднаш не помина групи, а во трета сезона стигнаа дури до полуфинале.

Ескалирала криза во односот на Ван Гал со медиумите и навивачите. По неуспесите во Европа го обвинија за исклучителна доверба само во Холанѓани (Клајверт, Хесп, Рајзигер, браќата Де Бур, Филип Коку, Богард, Зенден и други). А самиот Ван Гал изјавуваше дека тешко му е да ја воведе својата филозофија во Барселона зошто некои играчи не сакаат да се потчинат. На пример сакал да го става Ривалдо лево во нападот а Бразилецот сакал да игра на средина во шпицот.

Чашата ја преполнила сезоната 1999/2000 без ниеден освоен трофеј. Ван Гал замина со неговите помошници (пазете ова): Жозе Мурињо и Роналд Куман.

Од тогаш се памти неговата изјава: „Другари од пресот. Јас заминав. Поздрав“.

Со него после 22 години на чело на клупот и освоени дури 30 трофеи замина и претседателот на Барселона Хозеп Нуњес. 

Наместо Нуњес претседател стана Жоан Гаспар. До тој момент Гаспар бил потпретседател на клубот и многу популарен меѓу навивачите. 

Гаспар е познат по неколку комични ситуации, една од нив е кога се пресоблекол во келнер за да може да влезе во хотел каде престојувал ПСВ Ајндховен со цел да го убеди Бразилецот Роналдо да дојде на „Камп Ноу“, зошто Холанѓаните не го пуштале.

Во првиот трансфер преоден рок со Гаспар, Барса го продаде Луиш Фиго во Реал Мадрид за 60 милиони евра и со тие пари ги купија Марк Овермарс, Емануел Пети, Херард Лопез и Алфонсо (никој од нив не ја оправда довербата).

НОВ ТРЕНЕР КОЈ НЕ ЗНАЕЛ НА КОЈА ПОЗИЦИЈА ИГРААТ ПОЛА ОД ИГРАЧИТЕ, ВО СОБЛЕКУВАЛНА АТМОСФЕРАТА БИЛА НИКАКВА

По заминувањето на Ван Гал Барса брзо најде нов тренер. Гаспар се одлучи за многу чуден кандидат: екипата ја презеде Лоренцо Сера Ферер кој три години не тренирал ниеден клуб и работел цело време како директор во Барса.

Но имало некоја логика во овој избор зошто тогаш во мода беа шпански тренери: Ирурета го водеше силниот Депортиво Ла Коруња, Дел Боске освои пехар во Лига на шампиони со Реал Мадрид.

Друго, Лоренцо Сера Ферер направил име, имал репутација на жесток и строг тренер. Неговите методи биле успешни во Бетис кого го внел во еврокупови и во финале на Куп на Шпанија, и во Мајорка каде два пати влегол во Ла Лига и еднаш играл во финале на Куп.

Од првиот ден во Барселона Сера Ферер рекол дека ќе ги следи идеите на Кројф и ветил дека ќе направи весела, храбра и напаѓачка екипа.

„Сера остава силен впечаток со своето знаење. Не е строг како Ван Гал“, рекол Марк Овермарс.

Но проблемите се јавиле од прва: Барса изгуби два од четири меча во Ла Лига а слабо играше и во Лига на шампиони. Имало причини за тоа. Сера Ферер цели три години не работел како тренер.

„(Голманот) Дутруел ми ги преведуваше зборовите на тренерот и наеднаш застана. После пет минути се сврте кон мене со неверица во очите и ми кажа: „Тренерот сака да знае на која позиција играш ти“. Јас погледнав кон тренер, па накај Дутруел и го прашав: „Се шегува?“ Ми рече „Не“. Тогаш го прашав: „Извини, а кај бил он последниве две години? Уапсен да не бил?: Или бил во џунгла каде нема телевизор“, рекол еднаш Емануел Пети во 2016-та.

Во својата автобиографија Емануел Пети, Французинот кој освои Европско и Светско првенство, напишал дека единствено нешто за што жали е преминот од Арсенал во Барселона. Раскажал дека не можел да остане во Барса поради лошата атмосфера во соблекувална.

„Кога првпат влегов во соблекувална и сакав да ги поздравам соиграчите, повеќето од нив не ни обрнаа внимание и не ме ни поздравија. Скоро сфатив дека има три клана: Каталонци, Холанѓани и сите останати“.

ХРОНОЛОГИЈА НА ПОСЛЕДНОТО ИСПАЃАЊЕ НА БАРСА ОД ГРУПИ ВО ЛШ

За разлика од актуелната Барселона, таа Барса во ЛШ 2000/2001 тргна многу силно.

Во прво коло го згазија Лидс Јунајтед со 4:0. Англискиот клуб во претходната сезона заврши трет во Премиер лига зад Арсенал и Манчестер Јунајтед. За Лидс тогаш играа Рио Фердинанд и Роби Кин.  

Во втората половина на септември Барса западна во турбуленции. Прво изгубија од Атлетико во првенство а после неколку дена во Истанбул Бешикташ ги прегази со 3:0. Следуваше и пораз 0:2 од Милан дома па екипата влезе во голема криза.

Во октомври 2000-та Барса малку закрепна. Со Милан на „Сан Сиро“ го одиграа еден од најдобрите натпревари во нивната клупска историја во Лига на шампиони. Росонерите тогаш беа со Малдини, Шевченко, Гатузо, а Барса со Ривалдо, Луис Енрике, Чави, Пујол. Пред повеќе од 80.000 гледачи на „Сан Сиро“ се одигра права драма.

Прво Ривалдо го отвори резултатот, Албертини одговори со два гола за пресврт, но Бразилецот кој тогаш блескаше израмни на 2-2 во 43’ минута. Милан пред паузата постигна уште еден гол и водеше 3:2 на полувреме.

Во втор дел Ривалдо со хет-трик и донесе важен бод на Барса - 3:3.

Ривалдо тогаш беше официјално најдобар фудбалер на светот. Буквално сам ја носеше Барса. Во Лига на шампиони тој беше најзаслужен што Каталонците освоија по бод со Милан и Лидс (израмни резултат во последните минути од вториот меч, на „Камп Ноу“). Во групата Барселона интересно постигна најмногу голови од сите: 13 од кои 6 беа дело на Ривалдо. Сезоната беше најдобар стрелец на Барселона во сите натпреварувања со 36 гола.

Во последното коло Барселона го декласираше Бешикташ со 5:0 на „Камп Ноу“ но тоа не им помогна. Лидс одигра нерешено со Милан на „Сан Сиро“ и помина понатаму со 1 бод предност пред Барса.

ШТО БИДНА ПОНАТАМУ? ФЕРЕР ДОБИ ОТКАЗ, А НОВИОТ ТРЕНЕР БЕШЕ ЧОВЕК ШТО ГО ПОТПИША ПРВИОТ ДОГОВОР СО МЕСИ НА САЛФЕТКА

По испаѓањето од Лига на шампиони, Барселона за утеха играше во Куп на УЕФА (како сега што ќе игра Лига Европа). Поминаа Каталонците успешно три рунди но во полуфинале изгубија од Ливерпул (0:0, 1:0). После три дена Барса доживеа дебакл 1:3 од Осасуна на домашен терен и Гаспар го избрка тренерот Ферер.

На седум кола до крајот на Ла Лига екипата ја презеде Карлес Рексач (Решак) кој до тој момент беше член на управата. Му поставија цел да ја однесе екипата на место кое води во Лига на шампиони. Изборот на Решак во тоа време исто беше чуден зошто тој немал никакво тренерско искуство и имал поважни проекти во управата.

Малкумина ја знаат приказната од 14 декември 2000-та година кога Карлес Решак после една партија тенис со Орасио Гаџоли, агент на младиот Меси, на салфетка потпишал гаранција дека ќе му даде договор на Лео. После една недела документот бил заверен на нотар, а благодарение на таа салфетка Барса спремила и гарантно писмо со податоци за изнајмување стан за семејството на Меси, за негово место во школо и нова работа за татко му.

Решак ја внесе Барса во Лига на шампиони но не освои ништо. Гаспар не успеа да го живне клубот. Во 2003-та година кога Каталонците сензационално беа на два чекори од испаѓање, претседателот под притисок даде оставка. После него дојде Лапорта и тогаш започна најдобрата ера во историјата на Барселона (Гвардиола, Меси, Чави, Ето, Роналдињо, Иниеста, Пујол).

9 декември 2021 - 10:10