Почнуваат квалификациите за Светско првенство 2022

Поради преместување на Европското првенство 2020 за летово, репрезентациите одамна не играле сериозни натпревари. Македонската фудбалска селекција својот последен меч го одигра на 18 ноември лани против Ерменија на гости во Лига на нации.

Македонија влегува во нов квалификациски циклус и по историскиот пласман на Европско првество, овојпат ќе трча трка за Мундијал 2022 во Катар.

Почнуваме против Романија во Букурешт во четврток од 20:45 на велелепната Арена каде во јуни ќе играме на Европско. Во нашата група се уште и Германија, Исланд, Лихтенштајн и Ерменија.

После отворањето со Романија утре вечер, Македонија во недела на 28 март ќе игра против Лихтенштајн, а следната среда на 31 март гостуваме во Дујзбург против Германија.

ТРАДИЦИОНАЛНИ КВАЛИФИКАЦИИ И НЕОБИЧЕН БАРАЖ

Циклусот квалификации за Мундијал 2022 ќе биде пожесток од оние за Европско затоа што виза за Катар ќе добијат само победниците на групите, а второпласираните ќе играат во необичен бараж.

10 победници на групите директно ќе одат на Светско првенство додека 10 второпласирани ќе играат во бараж. На нив ќе им се приклучат и двете најдобри селекции од Лига на Нации (најдобро пласирани меѓу оние кои не обезбедиле пласман преку квалификациите) и ќе се формираат три групи по 4 репрезентации, вкупно 12. По принципот полуфинале и финале, победниците од секоја група ќе обезбедат карта за Катар.

Квалификациите кои почнуваат денес, треба да завршат на 16 ноември. Баражите ќе се играат од 24 март до 29 март следната 2022-ра.

Светското во Катар ќе стартува на 21 ноември а финалето е закажано за 18 декември. Ова ќе биде прво зимско Светско во историјата, а поради високите температури во текот на летниот период во Катар.

Покрај дуелот кој нас најмногу не интересира, Романија - Македонија, занимливи ќе бидат и средбите Турција - Холандија, Германија - Исланд, Словенија - Хрватска и Украина - Франција.

И ЈУЖНА АМЕРИКА ПРОДОЛЖУВА

Ноќта среда кон четврток стартуваат и квалификациите во КОНКАКАФ зоната. Останатите континенти: Јужна Америка, Азија и Африка почнаа порано со квалификации.

Во Јужна Америка минатата година веќе се одиграа 4 кола. Бразил е прв со 12 бода, Аргентина втора со 10.

Океанија (Нов Зеланд и 10 други селекции) ќе почнат со квалификации во јануари 2022.

Европските репрезентации имаа проблеми со глобалната состојба во светот, но за сега се оди според планот. Министерството за спорт на Франција првин ги ограничуваше фудбалерите кои ќе играат за своите земји, при враќањето во клуб да мора да останат во 7-дневен карантин под строг медицински протокол, но подоцна ги ослободија од овие задолженија.

Мерките за фудбалерите ги олесни и Германија па така Роберт Левандовски ќе може да игра против Англија а Давид Алаба против Шкотска.

Мечот Португалија - Азербејџан ќе се игра во Торино на стадионот на Јувентус каде Роналдо ги пречекал своите сонародници.