По средбата со Бартомеу, Хорхе Меси изјавил дека е можно Лионел да остане во Барселона.
„Ја разгледуваме варијантата Лео да остане уште една година, а после да замине бесплатно“, го цитира Хорхе Меси Deportes Cuatro.
Причината поради која Меси и татко му ја спуштаат топката е упорноста на Бартомеу. Според Marca, претседателот на Барселона не сакал да слушне да го пушти Меси за помалку од 700 милиони евра колку што стои во клаузулата во неговиот договор (Ла Лига ја поддржува Барселона дека правото е на нејзина страна).
Единствена варијанта за Меси беше да го раскине договорот на суд, но Аргентинецот сметал дека не сака таков однос кон клубот во кој ја помина целата кариера и со скандал како Нејмар да замине од Барселона.
Затоа Меси бил близу одлуката да остане на Камп Ноу уште една година но да не потпише нов договор. Барселона веќе му понудила нов договор до 2022 (некои тврдат до 2023) и тоа под услови со кои се сложил и Меси пред неколку месеци, но со точката која му дозволува на Лео да замине на крајот од секоја сезона.
Deportes Cuatro соопшти дека во четвртокот Меси се сретнал и разговарал со Луис Суарез но Уругваецот останал затворен за медиумите.
Единствен некој збор открил Антоан Гризман во интервју за време на собирот на Франција.
„Се трудиме да дознаеме новости што се случува меѓу Меси и клубот. Се надеваме дека ќе остане. До нас доаѓаат секакви информации но малку што од тоа е точно“, рекол Гризман.
Можно е Меси да одел до крај во случај Сити и ПСЖ да биле спремни финансиски да го следат, но парискиот и англискиот клуб не биле подготвени да чекаат судски процеси.
Оваа неофицијална одлука на Меси не ги радува само навивачите на Барселона туку и Енди Робертсон, левиот бек на Ливерпул кој како и цел свет дознал за евентуален трансфер на Меси во Сити.
„Не би сакал тој да биде ни близу Премиер лигата. Два пати играв против него и тоа сеа најтешките натпревари во мојата кариера. Во дуелоте со него секогаш бев на штрек дека може да излезе од некаде“, рекол најдобриот лев бек во Премиер лигата минатата сезона.
Иако не се знае кога Меси ќе им се приклучи на тренинзите, сигурно е дека на 12 септември Барселона со новиот тренер Роналд Куман игра пријателска против Химнастик на само неколку дена пред стартот на новата сезонаво Ла Лига.