Пјонтек и Милик веројатно на клупа, Левандовски сам во нападот

На нашето прашање на прес-конференцијата на Полска, селекторот Јиржи Бржечек објасни зошто не размислува мечот да го почне со тројцата врвни центарфори, туку ќе стартува само оној најдобриот.

Иако вечерва се игра 3. коло и до крајот од квалификациите за Евро 2020 има уште многу, сигурно е дека по вечерашните дуели ќе се разбистрат некои дилеми.

Нашата репрезентација е на 3 место со 4 освоени бода после 2 меча (Словенија 1-1 на гости и Латвија 3:1 дома). Полска е прва со 6 бода откако ги совлада Австрија на гости (0-1) и Летонија дома (2-0). Втор во групата е Израел кој има исто бодови како и Македонија (4).

Полјаците во Скопје допатуваа во најсилен можен состав поради што како фаворити влегуваат во натпреварот (20:45) „Арена Тодор Проески“.

Селекторот на Полска Јиржи Бржечек на прес конференција дојде со стоперот на Монако, Камил Глик кој се пожали на високите температури (не знаеше дека не сме виделе сончев зрак скоро месец дена).

На прашањето дали знае кој ќе му биде партнер на Левандовски од почеток или од старт ќе ги пушти тројцата врвни напаѓачи кои се со речиси исти карактеристики, корпулентни „тешкаши“, Бржечек рече:

„Не секогаш бројот на напаѓачи го одредува квалитетот на офанзивата и не секогаш тројца напаѓачи значат и голови, но да, размислуваме и на таа варијанта. Нашите тројца напаѓачи имаат слични карактеристики. Има клубови кои играат убав напаѓачки фудбал со само еден шпиц“.

За разлика од минатиот меч кога против Австрија од почеток истрчаа Левандовски и Аркадиуш Милик, а Пјонтек остана на клупа, овојпат изгледа шпицот на Баерн Минхен ќе биде осамен во нападот а „италијанците“ ќе ја чекаат шансата од клупата за резерви.

Можен состав на Полска: Фабијански, Бережински, Камил Глик, Јан Беднарек, Рибуш (Артур Једржејчик) - Матеуш Клих, Гжегож Криховијак, Франковски, Зјелински, Камил Гросицки, Левандовски.

МАКЕДОНИЈА ЌЕ ИГРА ОТВОРЕН ФУДБАЛ

Нашиот селектор Игор Ангеловски претходно најави дека нема да отстапи од офанзивната и отворена игра која што ја краси оваа генерација за која Горан Пандев рече дека е најквалитетна со која што играл во репрезентацијата.

Според најавите, на голот ќе почне Столе Димитриевски, десно во одбраната ќе биде стандардниот Стефан Ристовски, како стопери Висар Муслиу и Дарко Велковски, а лево Езџан Алиоски.

Во средниот ред за очекување е да бидат Барди, Елмас и Аријан Адеми а зад Илија Несторовски да делуваат Горан Пандев и Ферхан Хасани.