Писмо за една голема неправда кон Драган Мутибариќ

Доколку фудбалот во нашата држава беше реално вреднуван, делото на Драган Мутибариќ ќе беше изучувано и почитувано како дел од нашето културно наследство. Тој е втор на вечната листа по бројот на одиграни натпревари за Вардар и прв по најдолгата серија на сочувана мрежа без примен гол. Овие податоци се само дел од неговото величествено спортско наследство. Тој сè уште не ја доби заслужената почит и признание од државата.

Отворено писмо до Борко Ристовски, Горан Пандев, Илија Најдоски, Агим Ибраими и Масер Омерагиќ

Почитувани господа,

Со голема почит и искрени намери Ви се обраќам во име на сите љубители на македонскиот фудбал, како и во свое име – Габриел Мишевски, спортски новинар, спортски работник и долгогодишен почитувач на делото на легендарниот Драган Мутибариќ.

Целта на ова писмо е да истакнам една голема неправда што, за жал, сè уште не е исправена. Станува збор за човекот кој остави неизбришлива трага во македонскиот фудбал – Драган Мутибариќ.

Драги пријатели, доколку фудбалот во нашата држава беше реално вреднуван, делото на Драган Мутибариќ ќе беше изучувано и почитувано како дел од нашето културно наследство. Тој е втор на вечната листа по бројот на одиграни натпревари за Вардар и прв по најдолгата серија на сочувана мрежа без примен гол. Овие податоци се само дел од неговото величествено спортско наследство.

Сепак, Драган Мутибариќ сè уште не ја доби заслужената почит и признание од државата. Како општество, останавме должници на овој великан. Затоа, со голема надеж и увереност, Ви се обраќам со предлог да преземете иницијатива за доделување на спортска пензија за Драган Мутибариќ – како еден од ретките начини да се оддолжиме за неговите спортски достигнувања.

Господине Ристовски, како Министер за спорт, Вашата улога е клучна во препознавањето и поддршката на ваквите спортски легенди.

Господине Пандев, како спортски директор на националните селекции, Ве замолувам да го истакнете значењето на овој предлог.

Господа Најдоски и Ибраими, како советници на претседателот на ФФМ, Ве повикувам да помогнете во иницирањето на оваа заслужена чест за Мутибариќ.

Господине Омерагиќ, како претседател на ФФМ, Вашиот потпис и поддршка ќе бидат од огромно значење за реализацијата на оваа идеја.

Се надевам дека ова писмо нема да биде занемарено и дека сите заедно ќе се потрудите да ја исправиме оваа неправда. Со Вашата поддршка, ќе покажеме дека Македонија знае да ги цени и вреднува оние кои го посветиле својот живот за спортот и државата.

Ви благодарам однапред за вниманието и за сè што ќе преземете во врска со ова прашање.

Со почит,

Габриел Мишевски

Спортски новинар, спортски работник, почитувач на делото на Драган Мутибариќ

Гимнастичар меѓу стативите!

14 јануари 2025 - 13:59