Пирс Морган со трипл-дабл за лицемерието околу Светското во Катар

Во глобалната галама за Мундијалот во Катар, дискусиите за човекови права, алкохоли и друго, поентерски најпрецизен испадна познатиот британски уредник и новинар.

Морган денес со доза сарказам напиша на Твитер: „Ужасно е што англиските навивачи нема да можат да влезат пијани на стадионите во Катар, особено после тоа како се однесуваа на финалето на Европско првенство на „Вембли“ лани.

А лани пред, за време и по финалето на Европско првенство меѓу Англија и Италија, англиските хулигани во неколку стампеда уриваа сè што им се најде на патот. (повеќе за тоа тука)

Пред 3 дена во јавување во емисијата The News Agents, на констатација на водителката дека неколку видни личности меѓу кои и Гари Линекер одлучно рекоа дека нема да одат во Катар и да бидат дел од коруптивно Светско првенство, Морган одговори:

„Да, јас ќе одам во Катар. Ќе известувам за Фокс, за групата на Америка и Англија. Притоа, морам да кажам дека гледам многу дебати за корупција во спортот здружени со високо рангирано лицемерие.

Напишав колумна минатата недела за сите проблеми кои сите 32 земји-учеснички ги имаат.

На пример: осум земји од 32 учеснички на Светско, а тоа е четвртина од земјите на Светското имаат законски забранет хомосексуализам. Една од четири земји. Така што ако го користиш тоа како стап да удриш по Катар, треба да ги удриш и другите седум земји.

Ако не е во Катар која е прва земја домаќин од Среден Исток, каде ќе имаш Светско првенство? Ќе одиш во Африка? Каде што во многу земји е илегално да се биде хомосексуалец.

Ќе одиш во Америка која има драконски казни за абортус? До каде ќе оди тој морал? Кога ќе престане и кој е доволно морално чист за да биде домаќин на Светско првенство?

Дали сме тоа ние? Ние кои нелегално извршивме инвазија на Ирак? Ирак кој подоцна 20 години имаше владеење на терор од ИСИС? Дали сме ние доволно морално чисти да бидеме домаќин на Светско првенство? Чисто лицемерие!

Во меѓувреме првиот човек на ФИФА, Џани Инфантино изјави:

 „Што ние Европјаните сме направиле во последните 3.000 години, треба да се извинуваме во следните 3.000 години пред да почнеме да даваме морални лекции. Лицемерно е“.

Роби Вилијамс на темата рече:

„Секако дека не оправдувам никакви кршења на човекови права никаде. Но ако строго се држиме до прашањето за нарушување на човекови права, тогаш тоа ќе биде најкратка рута на светот: јас дури ни во својата сопствена кујна не би смеел да влезам.

Секој што пишува „Не Катар“ го прави тоа со помош на кинески технологии. Од моја страна би било лицемерно да не одам во Катар поради други места во кои сум бил. Буквално ви даваат микроскоп и ви викаат: „Еве, овие се лоши момци и не би требало да се дружиме со нив. Мислам дека лицемерието е во тоа што ако на овој случај му пристапиме на ваков начин, тогаш исто треба да се применува на цел свет. Но ако тоа го сториме, тогаш никој никаде нема да може да оди“.

19 ноември 2022 - 20:04