Претседателот на ФИФА го обвини Западот за лицемерие
На еден ден пред стартот на најголемиот фудбалски спектакл на планетата, Џани Инфантино рече дека не е лесно да се прифатат критики за одлука која е донесена пред 12 години и дека ова ќе биде најдобро Светско до сега.
Првиот човек на ФИФА, Џани Инфантино зборуваше скоро еден час на прес конференцијата во Доха, во пресрет на Мундијалот кој стартува во недела со мечот Катар - Еквадор, кој почнува во 17 часот.
Говорот го отвори со зборовите:
„Денес имам силни чувства. Денес се чувствувам Катарец, се чувствувам Арап, се чувствувам Африканец, се чувствувам геј, се чувствувам инвалид, се чувствувам како работник мигрант“.
Во својот говор тој застана во одбрана на Катар и воопшто фудбалот, а ја искритикува Европа која ја смета за лицемерна за лекциите кои и ги дава.
„Јас сум Европеец. За она што го правиме 3.000 години низ светот, треба да се извинуваме во следните 3.000 години пред да дадеме морални лекции.
„Ако Европа навистина се грижи за судбината на овие луѓе, тие можат да создадат правни канали, како што тоа го направи Катар, каде голем број од овие работници можат да дојдат во Европа да работат. Дајте им иднина, малку надеж“.
„Имам потешкотии да ги разберам критиките. Мораме да инвестираме во помагањето на овие луѓе, во образованието и да им дадеме подобра иднина и повеќе надеж. Сите треба да се едуцираме, многу работи не се совршени, но реформите и промените бараат време“.
„Оваа еднострана морална лекција е само лицемерие. Се прашувам зошто никој не го препознава напредокот постигнат овде од 2016 година“.
„Не е лесно да се прифатат критиките за одлука која е донесена пред 12 години. Катар е подготвен, тоа ќе биде најдоброто Светско првенство досега“.
„Не мора да го бранам Катар, тие можат да се бранат сами. Јас го бранам фудбалот“.
Во февруари 2021 година, Гардијан објави дека 6.500 работници мигранти од Индија, Пакистан, Непал, Бангладеш и Шри Ланка, загинале во Катар откако тој ја доби кандидатурата за Светското првенство.
Бројката се заснова на податоци дадени од амбасадите на земјите во Катар.
Сепак, владата на Катар рече дека вкупниот број е погрешен, бидејќи не сите регистрирани смртни случаи се луѓе кои работат на проекти поврзани со Светското првенство.