Перу даде гол на Светско после 36 години, Данска оди на Хрватска

Во последното коло од групата Ц Франција и Данска одиграа колку што им треба за едните да останат први, а другите втори. Перуанци плачеа на голот кој го чекаа 36 години.

АВСТРАЛИЈА - ПЕРУ 0:2 (0:0)
/Кариљо 18’, Гереро 50’/

ФРАНЦИЈА - ДАНСКА 0:0

Перу, една од најдалечните земји учеснички на Мундијалот во Русија имаше најбројна поддршка на Светското. Пишувавме за тоа како многу Перуанци ги продавале своите станови и куќи за да отпатуваат далеку и да ја бодрат својата репрезентација која после 36 години се пласираше на едно Светско.

По 18’ игра во последниот нивен настап на Светското, Кариљо постигна ефектен гол со волеј и многу навивачи од Андите се расплакаа од среќа. Тоа беше и прв гол за Перу на Мундијал од 1982 година (последен стрелец бил Гиљермо Ла Роза во 1982 година):

Првото полувреме заврши 1-0 за Перу, а само што започна вториот дел, херојот на нацијата кој доби дозвола за настап на Светското по суспензијата од ФИФА, Гереро зголеми на 2-0:

Франција и Данска ремизираа 0-0 во најдосадниот меч на Светското и освоија по бод со кој се задоволни и двете селекции. „Триколорите“ се први и го чекаат противникот во осминафиналето (Аргентина, Нигерија или Исланд), а Данска ќе игра против Хрватска во нокаут фазата.

Дуелот Франција - Данска беше и првиот меч без постигнат гол на Светското првенство досега.